1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Го лекувале од леукемија, го излечиле и од ХИВ!

Дојче Веле13 ноември 2008

Докторите од една болница во Берлин беа вчудовидени кога сфатија дека пациентот што го лечеле од леукемија, го излечиле и од ХИВ. Дали ова ќе отвори нови перспективи во борбата против сидата?

https://p.dw.com/p/Fu08
38 милиони луѓе ширум светот живеат инфицирани со вирусот ХИВ (на фотографијата човечки клетки инфицирани со ХИВ)Фотографија: AP

Се работи за 42-годишен пациент од Америка, кој живее во Берлин и врз кој била извршувана трансплантација на коскена с`рж во градската болница Шарите.

Донаторите на коскена с`рж за конкретниот пациент биле внимателно одбирани, бидејќи поседувале ретка генетска мутација, отпорна на ХИВ. Ова било посебно важно, бидејќи пациентот морал да прекине да ги зема лековите за контролирање на ХИВ, за третманот на леукемијата да биде успешен.

Berliner Charite mit Behandlungserfolg gegen HIV
Екард Тил и неговиот тим на прес конференцијата на која се обелодени случајотФотографија: AP

На 12. ноември, докторите изјавија дека по двегодишно лекување, пациентот не само што не заболел од СИДА, туку неговата крв била целосно исчистена од ХИВ инфекцијата. „Нема никакви докази што укажуваат на тоа дека пациентот е ХИВ позитивен“ - изјави Екард Тил, директор на одделот за хематологија и онкологија на болницата Шарите. „Не` радува и горди сме што успеавме да го постигнеме овој пробив“ - додаде тој. Д-р. Тил исто така подвлече и дека ова е прв регистриран доказ од ваков вид во светот.

Прашањето е: што би можело ова да значи во потрагата по лек за ХИВ-СИДА?

Да не се радуваме прерано

Научниците, сепак, предупредуваат дека фактот што ХИВ инфекцијата не постои во крвотокот на пациентот, не мора да значи и дека таа е целосно отсутна од неговото тело.

„ХИВ инфекцијата можеби се крие во лимфните жлезди, во нервниот систем - секаде“ - изјави Норберт Брокмајер, доктор од универзитетската клиника во Бохум.

Но, дури и по претпоставка дека инфекцијата навистина исчезнала од телото на пациентот, повторно има неколку фактори, што ја отежнуваат примената на ваков третман врз поширока група пациенти.

Deutschland Symbolbild Welt Aids Tag
Заштита - досега најефективното средство против ХИВФотографија: picture-alliance/ dpa

Пресадувањето на коскена с`рж и придружната хемотерапија се, сами по себе, опасни процедури и споменатиот пациент бил среќен што има таква генетска слика, што овозможила невообичаено голем број на потенцијални донaтори.

Мала сензација

Докторите од Шарите велат дека постојано ја следат здравствената слика на пациентот и се подготвени повторно да му ги препишат лековите против ХИВ, доколку се утврди дека инфекцијата повторно се појавила.

„Не можеме со сигурност да тврдиме дека вирусот нема да почне повторно сам од себе да се размножува, но самиот факт што се` уште не почнал е мала сензација“ - рече д-р. Томас Шнајдер од болницата Шарите на прес-конференцијата на која беше обелоденет целиот случај.

Следуваат многу истражувања со кои ќе се утврди значењето на ова откритие во целокупната борба против сидата.

Преку 38 милиони луѓе, од кои повеќето во Африка и Азија, се инфицирани од ХИВ, вирусот што ја предизвикува сидата.