1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бројни ризици демнат при изградбата на ветерни паркови

ДТЗ
9 ноември 2024

Ветерни турбини не треба да се поставуваат во близина на заштитени подрачја и национални паркови, или во високопланинските делови на височини над 1800 метри, вели професорот на ПМФ, Ивица Милевски.

https://p.dw.com/p/4mcOO
ветерен парк
Светските искуства покажуваат дека ветерниците имаат значајни еколошки и економски бенефити, но исто така носат и одредени ризици за животната срединаФотографија: Stelian Porojnicu/PantherMedia/imago images

Енергетската криза ја забрза транзицијата на Македонија кон искористување наобновливи извори на енергија. Расте бројот на капацитети за производство на струја од сонце, но порасна и интересот за изградба на ветерници. Голем интерес за изградба на ветерни електрани во јужниот дел од земјата, меѓутоа дека интересот се проширува и на останатиот дел од државата.

Ветерниците се ефикасен и еколошки начин на добивање на електрична енергија. Тие не испуштаат стакленички гасови кога работат, а користат и обновливи извори на енергија. Кои се бенефитите, но и опасностите коишто демнат од овој вид на инвестиции во однос на животната средина. На што треба да се внимава пред да се започне со изградбата на ваквите големи ветерни паркови, како што е најавата на Владата за изградба на ветерен парк со 55 ветерници меѓу Карбинци, Штип и Радовиш?

Еколошки и економски бенефит

Според најавите, ветерниот парк кој наскоро ќе се гради помеѓу трите општини – Штип, Карбинци и Радовиш, ќе има 55 ветерници. Тие ќе произведуваат еден терават час електрична енергија или околу 20 отсто од целокупното производство што го има Северна Македонија, односно струја доволна за 100.000 домаќинства. Тоа ќе придонесе до многу поголема енергетска независност на земјата. 

„ Меѓу бенефитите може да ги спомнеме зголеменото производство на електрична енергија (која и е толку потребна на нашата држава) и намалена потреба од увоз, намалените емисии на стакленички гасови, намалувањето на зависноста од фосилни горива, претставуваат обновлив и чист извор на енергија и други“, вели за ДВ, Ивица Милевски, професор на Институтот за географија на ПМФ. 

Nordmazedonien | Ivica Milevski | Professor am Institut für Geographie in Skopje
Фотографија: Privat

Ризици при изградба 

Според него, ризиците за животната средина се јавуваат како при самата изградба, така и при експлоатација на ветерниците (ветропарковите), односно во т.н. градежна и оперативна фаза. 

„При изградбата, мора да се води сметка за минимално можно нарушување на животната средина и на пејзажните вредности, главно преку мошне внимателно планирање и изведување на сите активности. Самото планирање на локацијата за ветерници, покрај погодностите, мора да ги земе предвид ограничувањата и ризиците“, вели професорот.

Од лично искуство, работејќи на оценка на потенцијалните (гео) влијанија на неколку проектирани ветропаркови во Македонија и на Балканот, тој вели дека имало позитивни, но и доста негативни примери. Така, се случувало локациите да се во близина на стратешки извори и каптажи кои служат за водоснабдување на голем број население, или пак на карстни терени кои се практично многу водопропусни и преку кои лесно може во подземните води да навлезат разни опасни хемикалии и горива. 

„За време на изградбата на ветерниците, се пробиваат пристапни патишта за тешка механизација и тоа често низ мошне осетливи терени. Со тоа се зголемува ерозијата, се појавуваат свлечишта, а особено силно е влијанието врз живиот свет. Во самиот процес на градба, можни се разни технички инциденти кои може да доведат до нарушувања на природата (истекување на масла, горива, хемикалии)“, вели тој.  

Влијание врз лилјаците 

Од предизвиците во оперативната фаза тој ги споменува влијанието врз фауната, особено врз птиците и лилјаците (нивно повредување, па и угинување), постоење на слаб, но постојан шум и вибрации, фрлање на сенка врз околниот простор (shadow flicker), трајно „заземање“ на земјиштето, визуелни промени врз пејзажот (посебно ако станува збор за вредно и маркантно подрачје со природни реткости), промена на правецот на движење на плитките подземни води и слично. 

Дел од овие последици, според Милевски, може да се намалат со внимателен избор на локација, големина и распоред на ветерниците, избор на турбини и перки, минимизирање на бројот, димензиите и движењата по пристапните патишта, против-ерозивни и други мерки кои детално се прецизираат во проектно-техничката документација. Така на пример, ветерни турбини не би требало да се поставуваат во близина на заштитени подрачја и национални паркови, или во високопланинските делови на височини над 1800 метри (без оглед колку се погодни ветровите). 

лилјаци
Од предизвиците во оперативната фаза тој ги споменува влијанието врз фауната, особено врз птиците и лилјаците (нивно повредување, па и угинување)Фотографија: Matthias Bein/dpa/picture alliance

Долгорочни последици 

„За жал, имаме одредени примери на избрзано, да не кажам стихијно градење на ветропаркови, а последиците од евентуалните грешки може да бидат долгорочни. Всушност, во минатите две децении, слични примери имавме со малите хидроцентрали, со кои мошне вредни, па и уникатни природни локалитети се сосема деградирани или речиси неповратно уништени (прокопани патишта низ клисури, долини и потоци затрупани со камења, технички објекти изградени во најубавите делови на клисурите, често отсуство на биолошки минимум, нарушен жив свет и сл.)“, вели нашиот соговорник.

Во однос на конкретната локација меѓу Штип, Карбинци и Радовиш, Милевски смета дека во однос на ветровитоста таа е доста погодна. Сепак, треба да се води сметка за останатите значајни природни компоненти, микролокациите на поединечните ветерници, близината до позначајните извори, положбата во однос на пороите кои овде (вдолж западното подножје на Плачковица) ги има доста, внимателност во поглед на силната ерозивност на теренот, подземните води и секако, живиот свет, особено птиците кои се посебна одлика на овој простор.

Иако ветерната енергија нуди бројни еколошки придобивки, одговорниот пристап во планирањето и управувањето на проектите е клучен за да се минимизираат потенцијалните негативни влијанија врз животната средина. 

Како да се избегнат негативните ефекти? 

За да бидат избегнати негативните ефекти и последици, во овој процес на давање на одобрување за градба на ветерен (и соларен) парк, посебно значење треба да има мислењето од Министерството за животна средина и просторно планирање. 
Исто така, неопходна е транспарентно изготвената и на јавен увид поставена Оцена на влијание врз животна средина, подготвена од соодветни експерти во областа (според научно-истражувачки критериуми и стандарди).

„Сето тоа треба да оди низ соодветна јавна, временски соодветна законски предвидена постапка, со информирање на засегнатите страни и доволно време за реакција, евентуална корекција, предлози, сугестии и слично“, вели Милевски. 

Од Министерството за животна средина за ДВ информираат дека за изградбата на ветерниот парк од 55 ветерници кај Карбинци, Штип и Радовиш издадено е решение за добивање на согласност за одобрување на Студија за Оцена на влијание врз животната средина (ОВЖС) од пред неколку години.

Досега до Министерството се поднесени седум известувања за намери за изградба на ветерни паркови, коишто се задолжени да изготват студии за Студија за Оцена на влијание врз животната средина. „Одобрени се шест студии за Оцена на влијание врз животната средина. Досега негативно решение немаме издадено“, велат од Министерството за животна средина.