1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколозите апелираат да не се чепка во заштитените подрачја

ДТЗ
14 февруари 2023

Екологистите сметаат дека заштитените подрачја се повеќе се гледаат како ресурс кој треба да се искористи, а не да се заштити за следните генерации. Дали бизнис интересите се ставаат пред јавниот интерес?

https://p.dw.com/p/4NPA1
ветерници
Енергетската криза им наметнува засилено темпо на земјите од регионот, а меѓу нив и Македонија, што повеќе да инвестираат во обновливи извори на енергија.Фотографија: BWE

Енергетската криза која што се потешко притиска им наметнува засилено темпо на земјите од регионот, а меѓу нив и Македонија, што повеќе да инвестираат во обновливи извори на енергија. Но, како што расте притисокот за поставување на што поголем број фотоволтаични централи, изградба на ветерни паркови и барања за изградба на мали хидроцентрали во заштитените подрачја, така се погласни с е апелите на еколозитебезмилосно да не се расправа природното богатство и ресурсите на заштитените подрачја. 

Реакциите следат по најавите дека Северна Македонија ќе добие од Европската комисија над 53 милиони евра за реализација на три нови проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Во овој план предвидени се реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерeн парк во Богданци, како и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југозападниот и Југоисточниот Регион, во соработка со Европската банка за обнова и развој. 

Корист наместо заштита 

„Европските фондови и странската донаторска помош е од огромно значење за енергетската независност и за заштита на животната средина, две области кои носат сериозно подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани“, соопшти неодамна вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Но, екологистите сметаат дека заштитените подрачја се повеќе се гледаат како ресурс кој треба да се искористи, а не да се заштити за следните генерации. „Загрижени сме бидејќи бизнис интересите се ставаат пред јавниот интерес“, реагира Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест.

Заштитените подрачја, според нив, изобилуваат со уникатни природни богатства и се дом на ретки и ендемични  животински и растителни видови. Природата е и извор на чиста вода, воздух и храна за сите луѓе и е важен дел од животот на локалните заедници, поврзана е со културата и традицијата. Но, државните институции не се „на иста линија“, а на тоа укажува тоа што прогласуваат подрачја  за заштита и истовремено планираат инфраструктурни проекти на нивната територија кои  неминовно значат нивно уништување. 

Соларни ќелии тенки како хартија!

Да не се распродава природата 

Плановите за фотоволтаични електрани на подрачјето на Долна Брегалница, одлуката за проширување на локален пат и изградба на граничен премин со Косово на подрачјето Луково Поле во Националниот парк Маврово, најавите за изградба и проширување на ски-центри во националните паркови Маврово и Шар Планина, во период кога Маврово сѐ уште не е ре-прогласен и нема утврдени зони и план за управување, а Шар Планина нема одобрен план за управување - ова се само дел од примерите коишто според Еко-свест ја покажуваат тенденцијата да се распродаде природата.

Шар Планина
Еколозитебараат да не се градат фотоволтаици, ветерни паркови и мали хидроцентрали во заштитените подрачјаФотографија: DW/S.Toevski

„Има повторни барања за изградба на мали хидроцентрали во НП Шар Планина, во период кога Паркот чека усвојување на планот за управување со кој се забранува ваква активност на неговата територија. Се доделуваат градежни дозволи и нелегални градби во НП Маврово додека Паркот сѐ уште не е ре-прогласен и нема утврдени зони и план за управување“, посочуваат екологистите. 

За нив е спорен и проектот за изградба на ветерни паркови на Бистра на висина од 2.100 метри, веднаш до границата на НП Маврово, на карстен предел кој обезбедува вода за пиење за над 150.000 жители, но и изградбата на ветерен парк Рамно во општина Старо Нагоричане во близина на значајно подрачје за птици. Како проблематичен се посочува и планот за изградба на хидроелектрична централа „Чебрен“ на територијата на заштитено подрачје Скочивирска клисура и локалитетот Мариово кое е значајно подрачје за птици и за пеперутки, но и проектот за изградба на фотоволтаични електрани на подрачје со халофитни (солени) почви во Овче Поле.

Да не се чепка во заштитените подрачја

Само 14% од територијата на Северна Македонија е под заштита. Инфраструктурните проекти, според еколошките здруженија, можат да се изградат и онаму каде нема природни вредности и реткости.

„Националните паркови и заштитените подрачја ниту се финансираат од државата, ниту имаат  соодветни одржливи и ефикасни модели на финансирање и управување. Исклучок од ова  правило е новиот национален парк Шар Планина кој за прв пат доби средства за работа од националниот буџет. Нашата природа не е на распродажба“, посочуваат од Еко-свест. Тие повикуваат на укинување на сите инфраструктурни активности со неповратно или штетно влијание врз природата.

Осум невладини организации од Македонија, Германија, Чешка, Австрија, Словенија, Албанија и Босна и Херцеговина на почетокот на февруари упатија отворено писмо до претседателот и премиерот, Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски со барање да се раскинат договорите за концесија во Националниот парк (НП) Маврово. Тие се повикуваа на Одлуката на Комитет на Бернската Конвенција. 

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми