1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во ветерот е спасот

16 април 2011

Германската политика го забрзува темпото во напорите што побрзо да се откаже од користењето атомска енергија. Канцеларката Ангела Меркел и премиерите на 16-те покраини постигнаа согласност околу временската агенда.

https://p.dw.com/p/RIDq
Фотографија: DW/Martin

„Имавме конструктивна дискусија. Секогаш има разлики, но основно е што сите сме согласни дека сакаме што е можно поскоро да се откажеме од атомската енергија и снабдувањето со струја да го ориентираме кон обновливите извори“, истакна канцеларката Ангела Меркел по двочасовниот разговор со првите луѓе на покраините и надлежните министри.

„Дискутиравме за три тематски комплекса. Изградбата на електрична мрежа, која има централно значење. Потоа, како најбрзо да се изгради инфраструктура за користење на обновливите извори на енергија. И трето, енергетската ефикасност, односно заштедата на енергијата во јавните и приватните објекти“, подвлече канцеларката, забележувајќи дека претстојните задачи се голем предизвик и за покраините и за федерацијата.

Трите теми што ги акцентираше Меркел се всушност половина од планираните шест точки што ги содржи Планот за преориентација од атомската енергија кон обновливите извори, што го изготвија министрите Рајнер Бридерле и Норберт Ретген. Во планот, за кој ќе се дискутира во истиот состав и на 3 јуни, голем потенцијал се гледа во енергијата од ветерот. Се предвидува замена на старите ветерни паркови со современи, поефикасни ветерници, што би чинело околу пет милијарди евра, како и намалување на бирократијата во издавањето дозволи за изградба на нови капацитети. Надоврзано на новите обновливи извори на енергија е и изградбата на нова електрична мрежа, која ќе ја транспортира „новата” струја кон југ и север на земјата.

Што се однесува до енергетската ефикасност, до 2020 се планира потребите од струја да се намалат за 20 проценти. Ова значи санирање и изолација на објектите, за кои би се инвестирале уште околу две милијарди евра.

Отворени многу прашања

Merkel und Ministerpräsidenten beraten über Atomenergie
„Тешка задача“ стои пред Германија, истакна МеркелФотографија: picture alliance/dpa

„Осумте атомски централи, кои поради мораториумот сега не работат, воопшто и не треба да се вклучат. Сметаме дека до 2020 година треба да се исклучи од мрежата и последната атомска централа“, го пренесе ставот на социјалдемократите Ервин Зелеринг, премиер на покраината Мекленбург Предна Померанија.

Вчерашната средба што ја организираше канцеларката Меркел беше само првична и ги отвори прашањата, кои до јуни треба да се расчистат, кога е планирано и донесувањето пакет-закони за обновливите енергии.

Она што нема да биде можно да се постигне во краток период е изградбата на доволно акумулатори, каде би се складирала струјата за „црни денови“, односно денови кога нема ветер, или, пак, е облачно или врне. За таа цел ќе треба да се изградат и постројки за добивање струја од земен гас. Сето тоа ќе чини дополнително - а како ќе се обезбедат парите, тоа е следното прашање пред кое е исправена владата на Меркел.

Инаку, средбата беше проследена со протести пред владата, каде противниците на атомската енергија симболично урнаа седумнаесет домино коцки, кои ги претставуваа германските атомски централи.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска