1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизвикот на либералната демократија во Македонија

11 декември 2024

Партиите кои ја застапуваат либералната демократија се соочуваат со сериозна криза на перформанси. „Десничарите“ упорно ги победуваат во скоро се. Зошто е тоа така? Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4o0sU
Скопје, главниот град на Северна Македонија
Скопје, главниот град на Северна МакедонијаФотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

Се чини дека опозицијата  во Македонија постојано се соочува со политички предизвици, кои во континуитет го намалуваат нивниот пристап и привлечност во социјалниот и политички дискурс. И покрај тоа што општествата остануваат заглавени во економска криза, корупција, изолирани во својот национализам, сепак, либералните (условно речено) партии како секој ден да ги дочекуваат се полоши вести. Освен добро познатите причини – замор од власта,  обвинувања за корупција,  низок вкупен политички потенцијал и намалена поддршка од меѓународната заедница – се чини дека постојат и други, подлабоки варијабли зошто  либералната демократија  се соочува со структурни предизвици. Згора на ова, партиите кои се соочуваат со овие кризи, не само на Балканот, суштински немаат решение како да се ребрендираат за новите движења во светската идеологија, и како по правило, барајќи го својот нов политички идентитет, прават стратешки грешки во овој процес.  

Криза на идеологија 

Кои се причините за оваа егзистенцијална, би рекол, криза на „левите“ партии?  Прво, постои светска криза на либерализмот, кој во вкупната светска идеологија „венее“. Либерализмот, како доминантна идеологија после Втората светска војна, беше синоним за демократија, човекови права, слободна пазарна економија и владеење на правото.  Создавањето на ЕУ  беше еден вид триумф на оваа идеологија – заедница создадена да ги промовира овие вредности низ заедничка соработка. Но, нееднаквата дистрибуција на поволностите од овој модел создаде сериозни економски разлики, што кај гласачите со понизок социјален статус создаде незадоволство, кое пак создаде плодна почва за национализам и популизам. Потоа глобализацијата (која оди рака под рака со либерализмот) создаде значителна миграција во Европа, правејќи многу Европејци да почнат да сметаат дека мигрантите се закана за националните идентитети на земјите членки – феномен кој на  популистичките и националистичките партии  им дојде како „локум“, за што сведочи  ренесансата на национализмот низ целиот континент.  На ова додајте го и лошиот перформанс на институциите (на пример за време на Брегзит и должничката криза во Еврозоната), и јасно е зошто авторитарните, популистички и националистички наративи стануваат сѐ попривлечни, заедно со сѐ погласните тврдења дека либералната демократија во основа не може успешно да се справи со модерните светски предизвици.  
Проширувањето, пак, на оваа идеологија во Источна Европа, и особено на Балканот, често ги игнорираше локалните комплексни политички амбиенти, и нејзината примена, особено низ пребрза економска либерализација (кај нас популарно наречена транзиција), можеби само ја зајакна нееднаквоста, и создаде амбиент за трајно незадоволство – кај нас, кај цели генерации и цели семејства. Структурните реформи не се доволно успешни: ендемската корупција и трајно слабите институции ја зголемуваат недовербата во оваа идеологија. Потоа, економиите на земјите на Балканот уште не се „застанати на нозе“, што поттикнува еден вид носталгија кон авторитарните, но плански економски политики, со силен државен интервенционизам. Конечно, вкоренетиот национализам и етнички поделби сепак како да го победуваат помирувањето, глобализацијата и интеграциите, и напорите за брзи чекори напред се соочуваат со сериозен отпор во вид на локален  политички опортунизам. 

Криза на перформанси  

Второ, партиите кои ја застапуваат либералната демократија се соочуваат со сериозна криза на перформанси. „Десничарите“ упорно ги победуваат во скоро се: имаат подобри кампањи, поефикасни авторитарни и популистички методи на владеење, подобро и полесно спроведуваат и комуникациски и политички проекти, имаат подиректен пристап во спроведувањето на социјалните и економските политики, во основа, имаат подобри резултати во скоро сите полиња на делување. Ваквиот пораз на функционирањето на овие партии, не само што ги прави потенцијално неизбирливи, туку ја влошува вкупната перцепција за либералната демократија како политички систем.  
Еден очигледен резултат на оваа дискрепанција, е дека либералната демократија, чии застапници се овие партии, постојано губи на квалитет и вредност. Во повеќето земји на Балканот во последните пет години, демократските норми се уназадени - имаме силни лидери наместо силни институции.  Популизмот и национализмот цути,  и напредокот кон глобализацијата и интеграцијата, кој едвај се постигна во претходната декада, сега се чини тешко одржлив. Граѓанското општество е на апарати: уморно, без доволно средства, поделено и под постојан политички притисок, и тешко дека ќе успее да ја врати својата суштинска и моќна улога на политички коректив.  На крајот, можеби најсилниот сигнал е јакнењето на евроскептицизмот – веќе безмалку половина од гласачите имаат сериозни дилеми  дали ЕУ сѐ уште е најдобриот пат  кон подобар живот.  

Криза на демографија  

Третиот фактор кој сериозно придонесува за слабеење на либералната демократија како систем, е фактот дека нејзините главни поддржувачи, како демографски групи, забрзано ги снемува од демографската мапа на засегнатите општества. Имено, традиционално, најсилни поддржувачи на овие вредности се или постарите (заради солидарноста и социјалистичките наследства), или помладите (заради прогресивните, глобални и напредни вредности). Двете демографски групи се соочуваат со предизвик. Младите стануваат се повеќе аспиративна, буржоаска целна група, насочена кон сопствен, напати и себичен напредок, и не се многу заинтересирани за општествена правда, заменувајќи го тоа со, условно речено, козметички наративи (засади дрвце, посвој кутре). Старите се... стари, целна група која биолошки се намалува, и нивната бројност, но и влијание е се помало во вкупниот општествен дискурс. Ако на ова се додаде и масовниот егзодус на прогресивните, кои гласаат со нозете, селејќи се во општества со подобри можности, едноставната математика вели дека оваа идеологија ќе има се помалку кој да ја застапува, па и да ја гласа, што е можеби најсериозниот проблем за нејзина ревитализација.  

Немаат решение  

Конечно, на овие предизвици, политичките застапници на либералната демократија, не успеваат да најдат добро решение. Соочени со егзистенцијална криза, овие партии најчесто или (1) се „враќаат на корените“, обидувајќи се да се обратат кон некаква политичка носталгија, или (2) се вртат кон политички опортунизам, па позајмуваат алатки и наративи од  авторитарните или популистичките партии,  во надеж дека така ќе се „повратат“.  Ни едно од овие две не е решение – нивната стара идеологија е веќе лита, а тие никако не можат да бидат подобри популисти од десничарите.  Ребрендирањето на „левицата“ е посериозен проект, кој подразбира да се најде вистински нов наратив, јазик, и бренд за новото време, нешто што е многу тежок и сериозен политички проект, поврзан со повеќе предизвици спомнати погоре. Ако овие партии не се сменат, трајно ќе ја нарушат оваа идеологија – или наративот ќе замре, или ќе се појават нови партии кои ќе ги збришат од сцената. 
 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.