Дипломатите со порака: Корупцијата мора да се искорени
5 декември 2024Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните, но и главна пречка за пристапот до квалитетни и јавни услуги, евроинтеграцијата и развојот на земјата. Таа ја намалува довербата во јавните институции, како што истовремено ги подрива демократските вредности и веќе стана моќен инструмент во рацете на оние кои што сакаат да ја уништат демократијата. Борбата против корупцијата, како и третирањето на неказнивоста, бара долгорочна политичка заложба и силно водство и политичка храброст за да се надминат пречките. Ова е пораката на амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, којашто смета дека во Северна Македонија во текот на годините е постигнат одреден напредок, меѓутоа остануваат значителни чекори кои треба да се воведат.
Таа е децидна дека долгорочниот интерес треба да надвладее над краткорочните приватни интереси. „Борбата против корупцијата бара соодветно следење, дополнителни ресурси - финансиски, технички и човечки, за институциите да можат ефективно да ги имплементираат контролните механизми“, вели Улман.
Граѓаните бараат отчетност и казнивост
Учесниците на дебатата во македонското Собрание, во пресрет на Меѓународниот ден за борба против корупцијата - 9 Декември, порачаа дека „граѓаните бараат отчетност и казнивост“.
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Наупнау вели дека унапредувањето на владеење на правото е клучно за развојот и просперитетот на Северна Македонија. „Корупцијата и понатаму е предизвик во Северна Македонија и длабоко влијае на економијата. Неколку влади повторно ја искажаа својата посветеност кон борбата против корупцијата, меѓутоа, многу малку, ако не и ништо не се менува“, рече тој.
Директорката на УСАИД во земјата, Џери Дајбл вели дека граѓаните бараат отчетност и дека корупцијата мора да се искорени за да се оствари напредок. „Сѐ додека корупцијата се смета за најефективен начин за водење бизнис во оваа земја, интересите на граѓаните ќе бидат во втор план. Независните медиуми се тие што треба да бараат отчет од институциите и да го зајакнат граѓанскиот глас“, додава таа.
„Треба да се обединиме“
„Заедно имаме моќ да изградиме општество, во кое корупцијата нема место, каде ресурсите се насочени кон доброто на сите граѓани и каде секој има еднаква шанса за напредок. Потребно е да се обединиме и дејствуваме заедно, индивидуално, институционално и на сите нивоа на власт“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска. Таа потенцираше дека секој од нас има одговорност и моќ да придонесе кон создавање на општество ослободено од корупција.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши се согласува дека корупцијата останува голем предизвик за секое општество и држава. „Овој феномен е заедничка адреса на секој разурнат систем, извор на проблеми и пречка за секој напредок. За жал, и во нашата земја ја поткопа довербата во институциите, го попречи економскиот развој и придонесе за масовно иселување на младите. Ни треба многу работа во оваа насока“, вели Гаши. Според него, борбата против корупцијата мора да биде сеопфатна и да вклучува заеднички ангажман на државните институции, невладините организации и сите граѓани.