Иако е разбирливо дека проблемот на ЕУ со Истокот и војната во Украина не е од вчера, сега проблемот со руското мешање и империјалната реконструкција насочена кон екс-СССР земјите како Молдавија и Грузија, создаваат сосема нова главоболка за Брисел.
Тоа само ни потврдува дека големиот план на Путин за доминација и реставрација на териториите, некогаш под Царевите, а потоа и под Советите, нема да запрат само со Украина. Традиционалната војна со Украина, како и хибридните војни против Молдавија и Грузија се последица на Путиновата волја да ги поврати поранешните граници или барем оние кои до 1991 година ја обележуваа линијата на поделба помеѓу Западот и комунистичкиот Исток.
Тесните про-ЕУ резултати во Молдавија и лошите анти-ЕУ парламентарни избори во Грузија, не може да се интерпретираат како исход од еден демократски натпревар, уште помалку како натпревар од „локален“ карактер. Тие се резултат и последица на една далеку подлабока и покомплицирана борба помеѓу Истокот и Западот, Европа и Русија, но овој пат, со американските избори пред нас и можноста од победа на Трамп, во една сосема асиметрична и неповолна позиција за Западот и особено за Европа.
Стратегијата на Москва
Проблемот за ЕУ, која донекаде избрзано минатата година предложи отворање пристапни преговори со Молдавија, Украина и предложи да се даде кандидатски статус за Грузија, е што самата ги предизвика актуелните тензии во овие земји и ја испровоцира стратегијата на Москва да ги воспостави старите односи на сила и попатно да ги ослабне фундаменталните основи на Унијата, односно, либералната демократија.
Истата стратегија која досега Москва ја применуваше преку Орбан, Вучиќ или Додик, каде руското влијание и подемот на авторитаризмот се всушност замаскирани во домашен национализам, сега ќе експлодираат и на источните граници на Европската Унија. Проблемот е што освен пари и големи, но празни ветувања за влез во ЕУ, Брисел нема многу други инструменти за побрзо привлекување на земјите во прашање или за нивно спасување од долгата руска рака. Особено поради фактот што и ентузијазмот за проширување кај самите ЕУ членки сѐ повеќе згаснува.
Молдавија, далеку подобриот и полесен случај од Грузија, која разбирливо го преферира мирот и благосостојбата на ЕУ од каишот и камшикот на Москва, сепак не може да ја игнорира реалноста дека во Украина паѓаат бомби, како ни неповолната меѓународна рамнотежа на сила. Токму во моментот кога Молдавците гласаат за својата европска иднина и демократска влада, од САД пристигнаа зборовите на Доналд Трамп, според кој неопходно е да се постигне договор со Путин, но на штета на Украинците.
Ако републиканскиот кандидат не е подготвен да умре за Украина, тогаш разбирливо е дека уште помалку е подготвен да загине за малата Молдавија, ставена во клинч помеѓу Романија и разурнатата Украина, без сигурни граници утре. Дополнителен проблем е што еден регион од Молдавија, Транснистрија, од поодамна е под руска контрола и е администрирана како да е дел од Русија. А знаеме, влез во ЕУ со необезбедени граници и нерешени соседски прашања, е буквално невозможно.
Евентуалната победа на Трамп или црното сценарио каде Европа би требала сама да оперира со „источното прашање“, ни ја предочува горката реалност дека ЕУ осамена би имала навистина малку средства со кои би и помогнала на Украина да ја одбие руската војска или на Молдавија и Грузија да го намалат експанзионистичкото влијание на Кремљ. Уште помала е надежта дека Унијата во догледно време би развила заедничка одбрана која би понудила некакви гаранции за поранешните советски земји.
Европска одбрана
Последниот извештај за состојбата на европската одбрана составен од поранешниот фински премиер Саули Ниинисте, задача која во март му беше доверена од претседателката Урсула фон дер Лајен, не ја сокрива речиси целосната неподготвеност на Унијата да одговори на напади од трети земји кон сопствена членка. „ЕУ и земјите членки не се целосно подготвени за најтешките интерсекторски и мултидимензионални кризни сценарија“, се констатира во документот. Особено се истакнува зависноста на полето одбрана од чадорот на НАТО и САД, без да се заборави дека отсуството на заедничка армија ја прави особено тешка задачата земјите членки координирано да настапат во случај на напад. Конечно, како најголем институционален проблем во носењето одлуки се наведува принципот на едногласност и правото на вето на засебните членки, кои ги кочат или запираат сите реформи и иницијативи на Брисел.
Сѐ тоа во услови кога голем дел од европските западни членки се крајно одбивни кон помислата и напорот за дефинитивен пораз на Русија, заплашени од фактот дека евентуалната пропаст на Москва би произвел планетарен хаос.
Со ваквите потези на Западот и состојби на Европа - што всушност им се порачува на Молдавците и Грузијците желни за демократија и Европа?! Им се кажува дека НАТО е слабо расположено да прискокне во нивна помош доколку загусти, додека Путин од другата страна е одлучен да ја воскресне Руската империја. Наоружен е до заби и секојдневно добива вагони муниција, па дури и војници од Иран и Северна Кореја. Кина и Индија се на негова страна, додека уплашениот Запад не им дозволува на Украинците да користат оружје на сојузниците за напади на руска територија.
Незавидна рамнотежа на силите
Европа и Западот понекогаш очекуваат и бараат многу од земјите кандидати или од сојузниците кои не се целосно интегрирани во нивниот безбедносен и благосостојбен систем, но честопати забораваат дека и аспирантите имаат свои претензии, потреби и реалности кои мора да бидат задоволени. Молдавците и Грузијците, како и ние од Западен Балкан, иако во нешто помала мера, сведоци сме на една опасна и сериозна хипокризија. Од една страна гледаме, нешто што и многупати ни се потврдило, како нивните општества и влади не сакаат на војна да одговорат со војна. Од друга страна ја гледаме бруталноста на освојувачот кој се надева дека ќе постигне договор со Трамп на штета на Украина и на Европа. И додека од нас се бара да оделееме на притисоците од трети земји и да се приклониме кон позициите на ЕУ, пречесто се игнорира дека најголемите блокади ни доаѓаат од сојузниците или соседите од ЕУ. Би се сложиле дека тоа не е фер позиција и однос или состојба која нуди гаранции во услови на комплицирани геополитички превирања.
На крајот, нештата се сведуваат на една мошне незавидна рамнотежа на силите за земјите кои се надеваат на влез во ЕУ. Тоа особено важи за Молдавија и Грузија, кои стравуваат од Русија, но не се во состојба да очекуваат убедлива заштита од Европа. Не треба човек да е Кисинџер за тоа да го разбере. Како што не е тешко да се разбере, дека сѐ додека Европа не создаде заедничка одбрана или не го исфрли правото на вето, многу земји и покрај најголемите желби да се интегрираат во ЕУ, нема да се закачаат со Путин или ќе играат двојни игри. Проблемот кој ЕУ донекаде си го реши со американска помош и влезот во НАТО на Македонија и Црна Гора, не е солуција за „источниот проблем“ и за Молдавија и Грузија. Грузија за Русија е и воено прашање со излезот на Црно Море и не треба да заборавиме дека веќе беше погодена од две болни русофилски сецесиии, оние во Осетија и Абхазија. На Западен Балкан пак, сѐ повеќе се еродира општествената и политичка поддршка за Унијата, со навидум безнадежните случаи на Косово, Македонија и Босна и Херцеговина. Да не зборуваме за нерешливата тензија помеѓу Косово и Србија.
Доколку Европа не пронајде некаква квадатура на кругот, за очекување е дека веќе завидно авторитарните процеси во Западен Балкан или источна Европа ќе се засилат, руското влијание ќе продолжи да расте и сѐ повеќе политички актери ќе дозволат да бидат топло пристаниште за руските интереси, се разбира, сѐ тоа добро замаскирано зад наметката на национализмот и суверенизмот. Најголемиот адут, принцип и идеал на Европа, либералната демократија, е најлесна за рушење кај земјите кои се на чекор од Унијата, а никогаш внатре. Виновна е Русија за тоа, но највиновна е кратковидноста на Европа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.