Западен Балкан и ЕУ: Со брзина на желка
15 октомври 2024Во извештајот од состанокот на Берлинскиот процес во понеделникот (14.10), угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ги истакнува изјавите на германскиот канцелар Олаф Шолц и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ треба да се забрза.
„Европската унија е комплетна само со земјите од Западен Балкан“, рече Шолц, додека Фон дер Лајен тврди дека проширувањето на ЕУ е „на самиот врв на агендата“ во Брисел.
Додуша“, пишува франкфуртскиот весник, „нестрпливоста е забележлива на настапите на Шолц и Фон дер Лајен по средбата на Берлинскиот процес“. Шолц рече дека се надева дека „нема да бидат потребни уште десет години“ додека шесте земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ.
Германскиот канцелар нагласи дека дијалогот меѓу Србија и Косово „не напредува задоволително“.
Во Берлин, пишува весникот, беше потпишан акционен план за заедничкиот пазар, како и за размена на студенти. Договорен е и заеднички настап во борбата против илегалната миграција и третманот на пластичниот отпад.
Весникот пишува и дека во „владините кругови во Берлин“ се верува дека во текот на Берлинскиот процес биле постигнати некои работи, како канцеларијата за младинска соработка на RYCO и зелените линии за побрза царинска обработка на стоката.
Голема фрустрација на Балканот
Друг водечки дневен весник, „Зиддојче цајтунг“ под наслов „Шолц сака да додаде гас“ пишува дека германскиот канцелар се залага за побрзо проширување на ЕУ. Во текстот се додава:
„Идејата на Берлинскиот процес е да се постигне напредок на техничко ниво како што е членството во ЕУ, иако сè уште има нерешени прашања за статусот, на пример меѓу Србија и Косово."
„Рајнише пост“, весник од Диселдорф, наведува дека „фрустрацијата во балканските држави е висока - особено затоа што Украина и Молдавија, во екот на руската агресија, во рекордно време станаа кандидати за пристап во ЕУ“.
Заеднички прием на земјите од Западен Балкан?
Улф Брунбауер, кој ја проучува историјата на Балканот на Универзитетот во Регенсбург, изнесе свое мислење во берлинскиот весник „Тагесцајтунг“.
Брунбауер вели дека за повеќето земји ваквите конференции се само „задолжителна практика“ за да се привлече одредено меѓународно внимание. Тој критикува дека ЕУ применува двојни стандарди - од балканските кандидати се очекуваат реформи во насока на поголема демократија, додека среде ЕУ, во Унгарија, таква демократија нема.
„Зошто има толку висок степен на очекување кон Западен Балкан, кога дури и членките на ЕУ ја разградуваат демократијата?“, прашува професорот.
„Тагесцајтунг“ наведува дека канцеларот Шолц се залага за заеднички прием на шесте балкански држави во ЕУ, со цел да се избегнат подоцнежни меѓусебни блокади. Други пак се залагаат за постепен прием, на пример земјите од регионот прво да бидат примени на заедничкиот пазар, а не веднаш во полноправно членство.
Во текстот се додава дека Шолц е особено заинтересиран за српскиот литиум, што професорот Брунбауер го критикува: „Олаф Шолц ги извезува негативните последици од климатските промени во полуавтократски земји“. Тоа потсетува на германските нафтени договори со земји како Саудиска Арабија“.
Мора да се признае, додава берлинскиот весник, Шолц во понеделникот не стави акцент на литиумот, туку на проекти кои би можеле да бидат поблиску до граѓаните - укинување на таксите за роаминг во регионот или признавање на дипломите.
„Патем, ниту ЕУ не е подготвена“
Келнскиот весник „Штатанцајгер“ оценува дека во Берлин имало „зраци светлина“, но дека остануваат поголеми проблеми, како што се „етничките конфликти, националните конфликти, корупцијата, сиромаштијата и бегалската рута од Сирија и Африка преку Западен Балкан“.
Тоа што Шолц и Фон дер Лајен шират оптимизам е „ритуал во овој болен процес“, коментира весникот, потсетувајќи дека земјите од регионот чекаат две децении за прием во ЕУ. А Берлинскиот процес постои десет години.
„Но, напредокот е бавен како желка. Секогаш одново земјите од Западен Балкан се одбивани затоа што нивниот животен стандард е низок, состојбата на демократијата е спорна, а националните конфликти меѓу нив се премногу деликатни. Патем, ниту ЕУ не е подготвена“, пишува келнскиот весник.
Се оценува дека, додека во Брисел владее принципот на едногласно одлучување, никој нема да го прошири кругот на членки од 27 на 33, прифаќајќи нови комплицирани партнери.
„Во Косово има уште 3.500 војници на НАТО - за заштита од Србија. И не сите членки на ЕУ го признаа Косово. Така не може да функционира под заеднички покрив на ЕУ“.
Коментарот се заокружува со фактот дека сепак е добро што перспективата за влез во ЕУ е сè уште отворена. „Затоа што алтернативата е овие земји да го следат повикот на Русија. Тоа би било катастрофа за ЕУ“.
Реални алтернативи?
Берлински „Моргенпост", коментирајќи ја „загрижувачката ситуација“ пред сѐ во Србија, пишува дека приказните дека перспективата за полноправно членство ќе ги повика државите од регионот кон функционална демократија без корупција, се застарени и промашени.
„Време е двете страни да играат со отворени карти. Наместо да се работи на полноправно членство, како да гради чардак ни на небо ни на земја, треба да се развиваат реални алтернативи. На балканските држави треба да им се понуди привилегирано партнерство со учество на заедничкиот пазар, но без право на глас и целосно политичко учество во ЕУ“.
Според берлинскиот весник, двете страни би добиле по нешто од тоа. „Држењето за процесот на проширување, кој по децении не донесе успех, само ќе создаде разочарување и ќе му наштети на кредибилитетот на ЕУ“, се додава во текстот.