Зафатени како што вообичано знаеме да бидеме со нашите проблеми, нашата бура во чаша вода, нашите домашни препирки околу европскиот пат на земјата, како да заборавивме на пошироката слика и на нашиот главен соговорник, односно Европа, ЕУ и нејзините институции.
Европската Унија пред две недели преку старо-новата претседателка Урсула фон дер Лајен го претстави својот тим за следната Европска комисија. Нешто што делува како нормална петгодишна промена на европската егзекутива овојпат доживеа епохални промени, кои секако ќе влијаат на самата архитектура на Унијата, како и на промени во односите на Комисијата со своите членки, но и со земјите зафатени со процесот на пристапување кон ЕУ.
Во моментот додека се составуваше новата Комисија, нашите владини претставници беа во посета на Брисел во обид да го претстават таканаречениот француски предлог плус, за уставните измени со одложено дејство. После тоа следуваше одлуката за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ, што во превод значи дека за нас, барем засега, останува условот за одржување на Втора меѓувладина конференција преку спроведување на уставните измени со кои Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани во неодамнешно интервју изјави дека не оти има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека еден таков предлог би поминал, но Брисел таквиот предлог не го отфрла анблок. Сега позицијата на министерот е дека Владата за истакнување на конкретен план ќе почека во Софија да се конституира стабилна влада и дека секој добронамерен предлог или порака во моментов може да се искористи за политички маркетинг во предизборието во Бугарија.
Јас веќе го изразив моето мислење и убедување дека денес е неопходен еден проактивен и конструктивен став, како што и верувам дека на Владата ѝ е потребна помош за да се надеваме дека ќе излеземе од оваа стапица. Се надевам дека властите размислуваат да ги повикаат сите релевантни експерти, да се направи тим со сите здравомислечки луѓе, и од нас, како општество и држава да произлезат решенија. Верувам дека со добри решенија и аргументи и малку пообединети, старо-новата и помоќна претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен особено благонаклонета кон проширувањето, ќе мора во еден момент да нѐ ислуша и да ни поверува на маките.
ЕУ веќе не е иста
Но, да видиме кои се промените кај нашите соговорници во Брисел и во Европската Комисија и дали можеби тие промени имаат шанси позитивно да одиграат во наша корист. Каква Комисија и Унија нѐ очекуваат во наредните пет години?
Унијата веќе не е иста, како што не е ист ниту Европскиот Парламент. Фактички, речиси сѐ е променето, пред сѐ од причина што Франција и Германија ја истрошија својата економска и политичка енергија. Со други зборови, западнаа во тешка политичко-економска криза која неизбежно се рефлектираше врз нивната водечка улога во Унијата. Во минатото неретко се случувало една од овие две сили да западне во криза или да ослабне, но никогаш порано се нема случено да се ослабнат до овој степен и тоа во исто време.
Слабеењето на Париз и Берлин создаде политички вакуум во Брисел, кој ниедна друга земја не може да го пополни, туку напротив - таа дупка ја пополни Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која аспирира да стане претседателка на ЕУ.
Мултиплицирајќи ги надворешнополитичките иницијативи и пласирајќи една Комисија по сопствена волја, со ослабени и марионетски комесари, како што ниеден нејзин претходник не успеал, Урсула делува дека е одлучна да ја забрза креацијата на една вистински политичка Европска Унија. Како што ќе заклучи и „Политико“: „Трупањето моќ на Фон дер Лајен не треба да изненадува откако моќните лидери кои ја водеа ЕУ се ослабени, оставајќи ѝ празнина на Фон дер Лајен да ја пополни. Макрон претрпе голема загуба на европските избори во јуни од екстремната десница, а потоа помина со модринки на националното гласање. Германскиот канцелар Олаф Шолц е загрижен за сопствената иднина, а полскиот премиер Доналд Туск е преокупиран со внатрешната политика.“
Пат кон Соединети Европски Држави?
Ова забрзување може да го отвори патот кон создавање на Соединети Европски Држави, пат веќе трасиран преку воената и финансиската поддршка за Украина, преку создавањето на посебен комесар за одбрана, преку првиот заеднички заем меѓу 27-те членки за време на пандемијата, како и преку предлозите кои произлегоа од извештајот на Марио Драги околу формирањето на заеднички индустриски политики. Дел од овој процес неизбежно би било и проширувањето на Унијата кон Западен Балкан, како и кон Украина и Молдавија. Се разбира, постои и ризик од сосема спротивна реакција и отпор од страна на националните држави, нешто што би ја блокирало Унијата, но и би ја довело до егзистенцијална криза. Сепак, сакам да верувам дека со зголемената моќ Урсула, која директно би довела и до тоа засебните држави, особено помалите, да имаат сѐ помало влијание, ќе знае да направи нужни реформи и коалиции кои би довеле до проширување и политичко консолидирање на Европската Унија. Тоа би биле добри вести и за нашите евроинтеграции.
Главните пречки и проблеми на таквиот развој на настаните ќе зависат од исходот на американските избори, од одлуките на Путин поврзани со Украина, од војната на Блискиот Исток и секако од сѐ поагресивната кинеска политика на Ши Џинпинг. На европски план многу ќе зависи од подемот на екстремната десница, нешто што создаде големи проблеми во Парламентот, како и во Комисијата.
Главниот збор во Унијата сѐ уште ја има десницата, како главна сила во Парламентот, па дури потоа Социјалдемократите. Големата разлика од порано е што денес во Европскиот Парламент и во националните држави веќе доминираат три типа на десница, кои сѐ повеќе ги приближуваат своите позиции, додека центристите и левицата се маргинализирани. Тоа значи дека Европската народна партија ќе доминира и ќе ги наметнува своите позиции врз левицата и Зелените, на кои треба да им е веќе јасно дека ЕПП има многу повеќе сојузници и одвреме-навреме може да бира различни коалиции и самостојно да одлучува кого да поддржи. Тоа значи дека и самата претседателка Урсула фон дер Лајен, која и онака е дел од ЕПП, ќе може по сопствена волја утре да бира кого да поддржи и кому да се обрати со цел да ги оствари своите политики и одлуки.
Ако паметно се искористи ваквата поставеност, како и фактот дека актуелната Влада, односно, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ е дел од ЕПП, тогаш во најмала рака, со добри предлози и аргументи, Македонија би имала од кого да биде чуена и разбрана.
Повеќе од потпирање само на Орбан - верувам дека на оваа карта би требало да се обложи и потруди актуелната владејачка партија, особено што и во редовите на ЕПП и на европската десница се поприлично згрозени и уплашени од неговата блискост со Путин.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.