1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија

ЖА
21 јуни 2024

Патот за старт на пристапните преговори на ЕУ со Украина и Молдавија е ослободен, тие ќе почнат во вторник следната недела.

https://p.dw.com/p/4hMc8
Европска комисија Брисел, украински и европски знамиња
Преговорите за пристап во ЕУ на Украина и на Молдавија е планирано да започнат во вторник, 25 јуниФотографија: Lukasz Kobus/European Commission

Преговорите за пристап во ЕУ на Украина и на Молдавија е планирано да започнат во вторник, 25 јуни, идната недела. Министерскиот совет на ЕУ денеска го официјализираше уште минатата недела постигнатото единство за тн. Преговарачки рамки, како што соопшти сегашното белгиско претседателство со ЕУ. Со нив се утврдуваат насоките и принципите на пристапните преговори.

Првата рунда преговори  треба да се одржи во вторник во Луксембург на маргините на министерскиот состанок на ЕУ. Основа за позитивната одлука на државите од ЕУ за почетокот на преговорите беше анализа на Комисијата на ЕУ, според која  Украина и Молдавија ги исполнуваат сите предуслови за почеток на пристапните преговори. Во тоа спаѓа меѓу другите мерки и борба против корупцијата, подобра заштита на националните малцинства и ограничување на политичкото влијание на олигарсите.

Почетокот на пристапните преговори со од Русија нападнатата Украина и нејзиниот мал сосед Молдавија во основа беше одлучен на самитот на ЕУ во декември минатата година. Но, истовремено беше заклучено до официјалниот почеток да бидат исполнети сите реформски барања. 

За луѓето во Украина отворањето на пристапните преговори со ЕУ првенствено претставува важен сигнал дека се исплаќа натамошното продолжување на одбранбената војна против Русија. Колку долго ќе помине од стартот на преговорите до пристап кон ЕУ, е отворено прашање.

Турција на пример е кандидат за членство во ЕУ уште од 1999 година, а во моментов поради назадувањата во областа на правната држава е подалеку од членство од другите кандидати за прием.

Теоретски,  кандидат за прием  може и никогаш да не стане член на ЕУ.  Во случајот со Украина, засега се чини исклучено таа да стане членка на ЕУ пред завршувањето на агресорската војна на Русија, зашто според Европските договори, Киев би можел да побара воена поддршка и ЕУ да стане страна во воениот конфликт.