1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свртување на десно? Германија го следи европскиот тренд

Бернд Ригерт
7 септември 2024

Резултатите од покраинските избори на истокот на Германија се вклопуваат во европскиот тренд. Во многу земји во ЕУ, десничарските екстремисти се на власт. Дали Тирингија и Саксонија се само најава за цела Германија?

https://p.dw.com/p/4kGz3
Тирингија
Главниот кандидат на АфД во покраината, Бјорн Хеке, сака да владее во ТирингијаФотографија: Daniel Vogl/dpa/picture alliance

По покраинските избори во Тирингија и Саксонија, на кои десничарската популистичка и делумно десничарска Алтернатива за Германија (АфД) беше најсилната или втората најсилна партија, италијанскиот весник „Ла Република“ напиша дека Германија е преплавена од неонацистички бран. Францускиот весник „Монд“ оценува дека исходот од изборите е „вознемирувачки“ поради германското националсоцијалистичко минато и нејзината сегашна тежина во Европа. Шпанскиот весник „Ел Паис“ посочува дека ова е сериозно предупредување: постои опасност Германија да се претвори во политички пациент на Европа.

Во тие земји се изразува загриженост, иако токму во тие три големи членки на Европската Унија, Италија, Франција и Шпанија - и не само таму.нив, одамна се воспоставени десничарски екстремни и популистички тенденции.

Митинг на АфД во Бранденбург
Преиспитајте ја Европа? Предизборен митинг на АфД во Бранденбург: АфД може да стане најсилната сила таму на изборите на 22 септемвриФотографија: Daniel Lakomski/IMAGO

Од покраинско на федерално ниво?

Подемот на АфД сигурно нема да продолжи само на покраинско ниво, партијата би можела да триумфира и на сојузните избори следната година. Според сегашните анкети, АфДе втора најсилна партија (со поддршка од 16 до 19 отсто) зад Христијанско-демократската унија (31 до 34 отсто).

Ник Алипур од интернет платформата Еурактив истакнува дека Германија не е исклучок во Европа, туку го следи европскиот тренд. „Германија не е претходник. Тоа го имавме во Холандија, во Италија, во Франција, во Шведска. Германија го следи трендот и не е изземена од него“, вели дописникот на Еурактива во својот најнов подкаст.

Десничарски екстремисти се на власт во Италија

Во Италија постојат одредени паралели. Таму, регионалната партија Лега неколку пати учествуваше во националната влада. Во исто време, таа е силна во северните италијански региони, а од таа партија се претседателите на провинциите Венето, Ломбардија, Фруланија-Јулиска Краина и Умбрија. Никогаш немаше забрана за коалиции со десничарските партии, како што е случајот во Германија.

Мелони и Орбан
Италијанската премиерка Мелони (десно) и унгарскиот премиер Орбан можат да бидат задоволни: нивните десничарски влади се цврсто на властФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/picture alliance

Лега владееше заедно со демохристијанинот Силвио Берлускони. Како помал партнер, Лега владееше дури и со левичарските популисти од Движењето пет ѕвезди. Тоа е исто како АфД и левичарската алијанса на Сара Вагенкнехт да формираа коалиција во Германија. Од 2022 година, екстремно десничарските Браќа на Италија ја надминаа Лега. На националните избори станаа најсилна партија, пред Лега. Оттогаш, Џорџа Мелони е премиерка, предводејќи ја десничарската коалиција која ги вклучува Браќата од Италија, Лега и Демохристијаните.

Во Австрија канцеларот би можел да биде од FPÖ

Ниту во Австрија нема забрана за коалиции со десничари. Напротив. Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (FPÖ) веќе владееше во 1980-тите во коалиција со социјалдемократите. Од 2000 година, има четири влади во коалицијата FPÖ со демохристијаните.

FPÖ започна како регионална партија во Корушка. По неколку поделби и нови програмски ориентации - слично како и кај германската АфД - во меѓувреме, FPÖ има претставници во девет покраински парламенти и учествува во владата во три сојузни покраини.

Херберт Кикл
Херберт Кикл, лидерот на партијата ФПО, сака да стане канцелар: има шанса на изборите на 29 септемвриФотографија: Hans Punz/APA/picturedesk.com/picture alliance

И покрај бројните скандали, FPÖ, според анкетите на јавното мислење, е најсилната партија со 27 до 31 отсто од гласовите пред изборите за националниот парламент што ќе се одржат на крајот на септември. На второ место се демохристијаните. Шефот на FPÖ, Херберт Кикл, верува дека има добри шанси да стане „народен канцелар“ на Австрија, како што вели тој. Германската АфД и австриската FPÖ тесно соработуваат. Кикл би можел да биде пример за шефот на тириншката АфД, Бјерн Хеке.

Франција меѓу екстремните полови

Во Франција сè уште е во сила забраната за формирање коалиции. Францускиот претседател Емануел Макрон не сака да соработува ниту со екстремно десничарскиот Национален собир ниту со крајно левиот Нов народен фронт. Затоа, по предвремените избори одржани во јули, се уште нема мнозинство во францускиот парламент, бидејќи Макрон не може да најде партнери за коалиција. Тоа донекаде потсетува на ситуацијата во покраинските парламенти во Ерфурт и Дрезден.

Марин Ле Пен
Целта на Марин Ле Пен е: Елисејската палата во 2027 годинаФотографија: Thibault Camus/AP Photo/picture alliance

Во Франција Националниот собир помина полошо од очекуваното: само на третото место. Но, таа партија, создадена од Националниот фронт, станува се посилна во последните години. Таа е застапена во бројни општини и регионални парламенти, но никаде не може сама да владее. Марин Ле Пен, поранешната лидерка на таа партија, стануваше посилна на секои претседателски избори. Таа сака повторно да се кандидира во 2027 година и има добри шанси да стане француски претседател во трет обид (по 2017 и 2022 година).

Во Шпанија има десничарски екстремисти во регионалните влади

Во Шпанија, социјалдемократите ја задржуваат власта, со малцинска влада толерирана од левичарските сепаратистички партии. Екстремно десничарската партија Вокс постојано расте и е на третото место на национално ниво. Во јули имаше спор со демохристијаните, со кои таа владееше во повеќе од 100 општини и пет региони. Никогаш не се зборуваше за забрана на коалиции.

Партија Вокс митинг
Кога Вокс повика на десничарски состанок во Мадрид во мај 2024 година, речиси сите дојдоаФотографија: Carlos Lujan/IMAGO

Во јули, шефот на таа партија, Сантијаго Абаскал, најави раскол со демохристијаните, бидејќи тие се согласија да примат мигранти од Канарските острови на шпанското копно. Останува да се види дали таа разделба била само привидна или вистинска. Затоа што Вокс и демохристијаните всушност сакаат заедно да ги заменат социјалистите на национално ниво.

Унгарска реформа

Десничарските екстремисти се застапени во владите на Холандија, Шведска, Финска и други членки на ЕУ. Во Унгарија, десничарската националистичка до десничарска екстремна партија Фидес е на власт 14 години без прекин. Од неа доаѓа унгарскиот премиер. За време на неговото долго владеење, Виктор Орбан ја радикализираше и партијата и Унгарија и започна конфликт со Европската Унија. Унгарија во моментов е европска земја со најстабилна десничарска популистичка влада.

Во Полска таа фаза помина. Таму демохристијаните ја заменија крајнодесничарската партија ПиС по изборите минатата година.

Грција го победи левиот популизам. Екстремно левичарската влада на Сириза, која беше во коалиција со екстремно десничарската партија Анел, беше сменета во 2019 година со демохристијанската влада.

Протести против Бјерн Хеке во Хале (април 2024 година)
Протести против Бјерн Хеке во Хале (април 2024 година)Фотографија: dpa

Нема исклучок на истокот на Германија

Во многу европски земји се забележува растечки тренд на десничарски екстремни партии, што е последица на миграциските политики, економските кризи и општото чувство на многу гласачи дека се оставени на цедило.

Поранешниот претседател на германскиот Бундестаг, социјалдемократот Волфганг Тирзе, не гледа тенденција кон крајности само во Тирингија и Саксонија. АфД е силна и во Баварија и Хесен. А, тоа може да се види и во Европа, рече Тирзе: „Ова не важи само за истокот на Германија, туку и за Холандија, Франција, Италија и скандинавските земји. Секаде го доживуваме зајакнувањето на екстремните партии, популистичките партии. Да беше исклучок само на истокот на Германија, тогаш ќе можевме да се смириме и да кажеме: може да се преживее. Но, не, тоа е тектонско нарушување“. 

Минхенско „Море од светла“ против десничарскиот екстремизам

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија