1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се ефикасни протестите против АфД?

Ханс Фајфер
26 јануари 2024

Стотици илјади луѓе во Германија со денови протестираат против десничарскиот екстремизам и ксенофобијата. Собири не се организираат само во метрополите. Каков е ефектот од демонстрациите?

https://p.dw.com/p/4baoG
протести Берлин
Околу 100.000 луѓе демонстрираа во текот на изминатиот викенд во Берлин против десничарскиот екстремизам и АфДФотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

Ретко се случува во цела Германијалуѓето да излезат на улиците - од Минхен на југ, до Хамбург на север, од Котбус на исток, до Келн на запад. Луѓето се мотивирани од загриженоста поради јакнењето на Алтернатива за Германија (АфД).

Иницијалната каписла за протестите беше објавувањето на позициите и плановите на десницата. Истражувачката мрежа „Коректив“ на 10 јануари објави информавции за  „таен мастер план против Германија“. Се вели дека високи претставници на Алтернатива за Германија тајно се сретнале со екстремно десничарски активисти, претприемачи, па дури и членови на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за да разговараат за протерување на милиони странци од Германија. Дури и оние кои имаат германско државјанство.

Аналитичарите предупредуваат на последиците од можните победи на Алтернатива за Германија на серијата локални и покраински избори кои ќе се одржуваат оваа година. Во фокусот особено се покраинските избори во Саксонија, Бранденбург и Тирингија, каде што Алтернатива за Германија има добри изгледи да стане најсилна партија.

„До кога ќе траат протестите?

Во Германија постојано се организираат големи демонстрации - меѓу другото и против Алтернатива за Германија. Но, колку во германското секојдневие е распространет отпорот кон екстремно десничарските фантазии за протерување на странците?

Беатрис Хелен студира во Берлин. Идната наставничка веќе предава во училиште во источниот дел на градот. Алтернатива за Германија е силна во таа област. Хелен ги поддржува протестите - но и ги гледа со загриженост. „Денес на улица има храбри луѓе. Но, до кога?“, прашува таа во изјава за ДВ. Во секојдневниот училишен живот таа има многу негативни искуства кога темата на часот е десничарски екстремизам и нетрпеливост.

Многу колеги избегнуваат контроверзни дебати. Таа предупредува на страшните последици од избегнувањето на наставниците да се соочат со тешки теми, што оди во прилог на десничарите. 

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

Недостасува солидарност

Просветните работници постојано се жалат дека немаат доволно поддршка во борбата против екстремно десничарските ставови, пред сѐ во регионите каде што е силна АфД - главно на истокот на земјата.

Макс Теске и Лаура Никел
Наставниците Макс Теске и Лаура Никел се побунија против поздравите на Хитлер и свастиките во нивното училиште во Бранденбург - но добија мала поддршкаФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Лаура Никел и Макс Теске биле буквално избркани од училиштето во Бранденбург каде што работеле. Тие јавно ја критикуваат состојбата во училиштето: „Учениците се поздравуваат во ходникот со поздравот на Хитлер. На секое парче мебел имаше свастика“, вели Лаура Никел.

Двајцата наставници прво се обратиле до директорот на училиштето, но ништо не се случило. „Кога разговаравме со медиумите, добив смртни закани“, рече Никел на собирот организиран на годишнината од конференцијата на Ванзе, каде нацистите во 1942 година го планираа и подготвија геноцидот на евопските Евреи. На средбата организирана на годишнината се разговараше и за тоа како општеството може да се одбрани од антидемократските структури.

„Сè повеќе навредливи напади“

Директорката на меморијалната и образовна институција Куќа на Ванзејската конференција, Дебора Хартман, вели: „Демократската култура е напаѓана од сè повеќе луѓе во Германија“. Таа додава дека однесувањето на овие луѓе е сè поофанзивно.

Хартман, како и сите луѓе од областа на културата кои се занимаваат со германската историја, од страна на АфД е изложена на таканаречените „мали прашања“ што се поставуваат во покраинските собранија или во Бундестагот. Нив ги поставуваат пратеници или пратенички клубови. Смислата на правото да се постави вакво прашање е транспарентноста на работата на институциите финансирани од државата.

Дебора Хартман
Директорката на меморијалната и образовна институција Куќа на Ванзејската конференција, Дебора Хартман, предупредува од сè поагресивни напади врз оние кои работат на зачувување на сеќавањето на холокаустотФотографија: Yoram Aschheim

Според аналитичарите, Алтернатива за Германија го користи тој механизам за да го доведе во прашање самото постоење на институции кои се занимаваат со нацистичкото минато. Помеѓу 2017 и 2021 година, партијата поставила 3.100 вакви прашања само во Бундестагот, повеќе од која било друга партија. За институциите, ова значи огромен напор да се подготват сеопфатни одговори. И тогаш екстремните десничари често им испраќаат изрази на непријателство и нетрпеливост.

„Врзете се!“

Постојат бројни политичари од Алтернатива за Германија кои отфрлаат справување со нацистичкото минато на Германија. Во јануари 2017 година, моќниот лидер на партијата во Тирингија, Бјерн Хеке, тоа го нарече „глупава политика на надминување на минатото“, барајќи „пресврт од 180 степени во политичката меморија“. Според една пресуда на германскиот суд, Хеке може да се нарече „фашист“. Во 2019 година, Управниот суд во Мајнинген зазеде став дека таквата ознака е вредносен суд што почива „на проверлива фактичка основа“.

Бјерн Хеке
Лидерот на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке, важи за еден од највлијателните и најагресивните функционери во партијатаФотографија: imago images

Според Дебора Хартман, постојаното подгревање на антидемократските чувства има социјални последици. Премногу луѓе се потчинуваат на притисокот и молчат: „Не е пресудно да излеземе на големи демонстрации, туку позициите за кои се залагаме на очигледен начин да ги интегрираме во сопственото секојдневие“. Она што го правиме во секојдневниот живот е одлучувачко“.

По напуштањето на училиштето, Лаура Никел заедно со други просветни работници го основаа здружението „Училиште за демократија“. „Најважно е вмрежувањето, така што не сте сами“, вели Никел. „Во секое училиште има колеги кои ги преживуваат истите работи.“

Страв од мигранти

Лале Јилдрим е умерен оптимист, таа смета дека протестите не се само димна завеса. Таа е професорка по историја на универзитетот: „Ја споделувам загриженоста дека сето тоа се претвора во единствен протест. Се протестираше, навистина, во голем број градови, но потоа следната недела ќе има некои други собири.“

Таа го повикува мнозинското општество сериозно да ја сфати перспективата од која што мигрантите гледаат на сето тоа: „Всушност, демонстрациите  сега кај многу мигранти предизвикуваат чувство на страв. Ако сега протестираат и белците, тогаш навистина имаме проблем“, вели Лале Јилдрим. Таа ја објаснува ваквата реакција - ако мнозинското општество се плаши од Алтернативата за Германија, тогаш и онака стигматизираната мигрантска популација мора уште повеќе да се плаши.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик