1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД е најсилна во Тирингија, во Саксонија на второто место

ЖА
2 септември 2024

Алтернатива за Германија (АфД) според прелиминарните резултати е победник на изборите во покраината Тирингија. Во Саксонија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) има минимална предност пред АфД.

https://p.dw.com/p/4kA91
Бјерн Хеке, водечкиот кандидат на АфД на изборите во Тирингија
Бјерн Хеке, водечкиот кандидат на АфД на изборите во ТирингијаФотографија: Chris Emil Janflen/IMAGO

Алтернативата за Германија (АфД) во Тирингија, според прелиминарните резултати за прв пат успеа да освои мнозинство во сојузна покраина. АфД е најсилната партија во Тирингија со 32,8 отсто од освоените гласови. ЦДУ постигна 23,6 отсто, Алијансата Сара Вангенкнехт 15, 8 проценти, Левицата на премиерот Рамелов 13,1 отсто, СПД 6,1 отсто, а Зелените не влегоа во парламентот.

Парламентот во Тирингија има 88 места, за мнозинство се потребни 45 места. Според досегашните резултати, распределбата на мандатите би изгледала вака: АфД - 32, ЦДУ - 23, БСВ - 15, Левица- 12 и СПД - 6.

Тирингија е  првата сојузна покраина  во која АфД, и покрај фактот што огранокот на партијата во оваа сојузна покраина е класифициран како екстремно десничарски,  освои мнозинство места во  покраинскиот парламент.

Според прелиминарните резултати, во сојузната покраина Саксонија ЦДУ е на прво место со 31,9 проценти, малку пред АфД, која има 30,6 отсто од гласовите. На трето место е Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) со 11,8 отсто. СПД во парламентот влегува со 7,3 отсто, а Зелените 5,1 отсто. Левица освои 4,5 отсто од гласовите.

Парламентот во Саксонија има 120 места, за мнозинство се потребни 61 место. Според досегашните резултати, распределбата на мандатите би изгледала вака: ЦДУ - 42, АфД - 40, БСВ - 15, СПД - 10, Зелените - 7 и Левица - 6 (се претпоставува дека ќе влезат во парламентот врз основа на директни мандати).

Главна тема на изборите во двете сојузни покраини беше прашањето за  намалување на миграцијата и натамошната помош за Украина. И двете партии, АфД и БСВ, кои забележаа најголеми придобивки во популарноста, се залагаат за силно ограничување на воената помош за Украина и намалување на миграцијата.

На крајот на септември се одржуваат избори за локалниот парламент во источногерманската сојузна покраина Бранденбург, каде се очекува да се зголеми и популарноста на АфД и БСВ.