Победа на АфД на покраинските избори - кошмар за мигрантите?
30 август 2024Неодамна во воз се повторила иста ситуација. При проверка на билетите, кондуктерката од сите патници барала да ѝ го покажат билетот за воз. Само Нур Ал Зуби била единствената во купето која морала и дополнително да се идентификува.
Кондуктерката ѝ се заканила дека во спротивно веднаш ќе повика полиција. Ваквите ситуации одамна се нормални за жената по потекло од Сирија, која работи како референт во Советот за бегалци во покраината Тирингија.
„Наидувам на ваков секојдневен расизам“, вели таа во интервју за Дојче веле. „Но, по шест години во Гера, навикната сум и главно знам како да се справувам со тоа“, раскажува таа.
Преселба за Ал Зуби не доаѓа предвид, дури и ако АфД, која Сојузната служба за заштита на уставниот поредок ја квалификува како докажано десноекстремна во Тирингија, победи на покраинските избори во покраината. Тирингија е нејзина родина, објаснува социјалната работничка, која во 2020 година ја доби наградата за интеграција од градот со 95 илјади жители -Гера, за проект со весник спроведен со бегалци.
По инцидентот во возот, две постари жени ја охрабрувале. Можеби затоа, вели, и се чувствува охрабрена да остане. „Бројот на гласачи на АфД се зголеми, но исто така се зголеми и бројот на Германци кои се залагаат за култура на добредојденост“.
Таа познава и луѓе кои размислуваат да ја напуштат Тирингија доколку АфД победи на изборите. „Но, не сите мигранти во Тирингија имаат можност да го направат тоа. Бегалците и барателите на азил се обврзани да останат во Тирингија три години поради ограничувањата во барањата за престој“, посочува таа.
Ставот спрема мигрантите во покраината е сѐ поостар веќе подолго време, а нападот со нож во Солинген, во кој загинаа три лица, веројатно уште повеќе ќе ја вжешти ситуацијата.
За Ал Зуби ова значи да се биде претпазлив, исто како и во декември 2023 година, кога лидерот на покраинската АфД, Бјерн Хеке ѝ дозволи на својата публика во Гера да извикува нацистички пароли или кога секој понеделник има протестен марш низ улиците на малиот град против миграцијата. Од што се плаши ако в недела има јасно поместување на десно?
„Тогаш ќе доживееме уште поголем расизам на јавни места, на повисоко ниво. Се плашам дека тоа нема да бидат само пцовки, туку и физичко насилство. Од тоа се плашам, особено кога ќе видите што се случи во Саутпорт во Велика Британија“.
Многу мигранти стравуваат од изборна победа на АфД
Ал Зуби не е осамена со нејзиниот мрачен поглед на иднината. Сто и педесет километри на исток, Исмаил Давул во Дрезден има слични размислувања. Роден во Турција, тој дошол во Саксонија во 2006 година да студира и речиси единаесет години работи во Советот за странци во градот. Давул првенствено се грижи за младите мигранти, но ги слуша и грижите на родителите на средбите на татковците.
„Некои луѓе веќе ме прашуваат во која насока одат работите овде во Саксонија, што би значела победа на АфД? Дали тогаш ќе се промени нашата животна ситуација? Расположението е многу јасно: луѓето навистина се плашат“, вели тој.
Давул, исто така, често слуша размислувања за заминување од Дрезден доколку АфД победи на покраинските избори во Саксонија. Тој и неговиот тим потоа се обидуваат да ги смират луѓето и кажуваат дека демократските партии во Градското собрание ќе се борат против поместувањето кон десно, дека ситуацијата нема да се смени преку ноќ и дека Советот за странци и многу граѓански организации остануваат на терен. Но, тажната реалност во градот е дека Советот сѐ повеќе слуша за напади врз мигранти, вели социјалниот работник за ДВ.
„Порано се работеше за ретки поединечни случаи на напади врз мигранти. Во тоа време имаше и многу поголемо медиумско влијание такво нешто да не се случува. Но, информациите што ги добиваме денес од терен се дека секој ден некој мигрант или мигрантка е нападната, навредувана или плукана поради нејзиниот изглед, боја на кожа или дијалект. За жал, ова денес на улица е нешто што речиси се подразбира“, вели тој.
Партијата која подбуцнува против мигранти, истовремено и им се додворува
Додека многу мигранти се многу загрижени во врска со можната изборна победа на АфД во Тирингија и Саксонија, има мигранти кои се решени да гласаат за екстремно десничарската партија. Значи за партијата која постојано агитира против бегалците и го направи општествено прифатлив терминот „ремиграција“. Како тоа оди едно со друго? АфД особено ги таргетира гласачите на Ердоган и Германците од Русија, вели за ДВ Озгур Озватан, политички социолог од Универзитетот Хумболт во Берлин.
„Пораката е, пред сè, да се допре до луѓето во делот на нивната национална гордост и дека фундаментално не е погрешно да се има таква гордост. Едно про-Ердоган видео, на пример, има емотивно влијание врз луѓето со потекло од Турција. А за руските Германци наративот е дека треба да се откажат од нивниот јазик и дека од нив се барало што е можно поскоро да зборуваат германски и дека и натаму се невидливи во земјата и дека пред 30 години морале да се откажат од сѐ“.
Тоа значи дека наративот на АфД за мигрантските гласачи гласи: Вие на времето моравте тешко да работите за дадојдете до тоа што сте и го имате, а на новите бегалци сѐ им се подарува. Озватан вели дека ова нема реална поткрепа, но дека особено му оди во прилог на она што луѓето мислат дека е вистина. На социјалните мрежи како ТикТок, АфД ги врбува гласовите на младите мигранти со помош на мигрантски инфлуенсери. Математиката е проста – само со гласови и од луѓето со мигрантска позадина АфД може да стане народна партија, објаснува политикологот. „АфД научи како на социјалните платформи се комуницира со секоја целна група и сфати дека благодарение на алгоритмот на платформите може целно да пласираат речиси спротивни ставови. Тоа носи структурна предност пред сѐ за антидемократските партии, зашто скратени и погрешни содржини имаат поголем вирален потенцијал“.