1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Блиски Исток: Израел ги забрани активностите на УНРВА

Тања Кремер
29 октомври 2024

И покрај предупредувањата од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Израел со закон ја забрани соработката со Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА). Со драстични последици.

https://p.dw.com/p/4mKnj
Оштетеното седиште на УНРВА во Појасот Газа во февруари 2024 година
Оштетеното седиште на УНРВА во Појасот Газа во февруари 2024 годинаФотографија: AFP/Getty Images

Од хронично недоволно финансирање до обвинувања од страна на израелските власти дека го продолжува раселувањето на Палестинците, Агенцијата на Обединетите нации за помош на  палестинските бегалци (УНРВА) со децении се соочува со закани по нејзиното постоење.

Израелскиот парламент - Кнесетот вчера усвои два закони за спречување на УНРВА да дејствува на израелска територија, со тврдење за вмешаност на персоналот на агенцијата во терористичките напади на 7 октомври 2023 година. Тоа, исто така, сериозно ќе ја намали способноста на УНРВА да работи во Газа и на Западниот Брег окупиран од Израел.

Вчера изгласаните нацрт-закони, претходно одобрени од Комисијата  за надворешни работи и одбрана на Кнесетот на 6 октомври, им забрануваат на државните органи да имаат каков било контакт со УНРВА и ефективно ќе забранат агенцијата да работи на израелска територија, вклучувајќи го и анектираниот Источен Ерусалим, со отповикување на договорот од 1967 година меѓу Израел и УНРВА кој ги олесни операциите и интеракциите на агенцијата со владините власти.

Членовите на Кнесетот од десничарскиот Израел Бајтену и партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху ги предложија нацрт-законите.

Политика на забрана на контакт

Законите се очекува да доведат до затворање на седиштето на УНРВА во анектираниот Источен Ерусалим, кој служи како управен и административен центар за сите негови активности на палестинските територии. Според извештаите на израелските медиуми, просториите ќе бидат претворени во станови за ултраортодоксни семејства.

Со оглед на кризата со глад,  УНРВА во Појасот Газа дистрибуира брашно и други основни прехранбени производиr
Со оглед на кризата со глад, УНРВА во Појасот Газа дистрибуира брашно и други основни прехранбени производиФотографија: Ashraf Amra/Anadolu/picture alliance

Политиката на забраа на контакт значи дека Израел повеќе нема да издава работни и дозволи за влез на меѓународниот и локалниот персонал на УНРВА или да дозволи каква било координација со израелската војска, што е од суштинско значење за преминување на помошта во Газа преку премините. Израел во моментов го контролира и граничниот премин Рафах со Египет.

„Активностите на УНРВА на окупираните палестински територии во голема мера се потпираат на тековната координација со израелските власти во сите аспекти на нејзиното работење“, напиша израелско-палестинската организација за човекови права Адалах во писмото до државниот обвинител на Израел и правниот советник на Кнесетот. „Оваа координација опфаќа формирање на оперативни штабови, добивање визи, дозволи за престој и работа за персоналот, координација со воените власти за оперативни прашања.“

Каков е мандатот на УНРВА?

Агенцијата за помош на УНРВА првично беше основана во 1949 година со привремен мандат да им помогне на палестинските бегалци раселени за време и по Арапско-израелската војна во 1948 година. На 15 мај 1948 година, веднаш по прогласувањето на независноста на Израел, арапските држави го нападнаа Израел.

Како резултат на тоа, стотици илјади Палестинци беа протерани од нивната татковина - без изгледи за враќање. Агенцијата на Обединетите нации УНРВА ја започна својата работа во 1950 година. Досега нема политички договор за враќање на раселените Палестинци.

Разурната училница во училиште на УНРВА во бегалскиот камп Нусејрат во Појасот Газа
Разурната училница во училиште на УНРВА во бегалскиот камп Нусејрат во Појасот ГазаФотографија: Evad Baba/AFP

УНРВА обезбедува снабдување со основни средства за живот за милиони регистрирани палестински бегалци и нивните потомци во Газа, окупираниот Западен Брег вклучувајќи го и анектираниот Источен Ерусалим, Јордан , Сирија и Либан . Таа управува со бегалски кампови, училишта и болници и е главен работодавач за илјадници Палестинци.

Донаторите ги прекинаа исплатите

Меѓутоа, израелските власти и лоби групите со години вршат притисок врз УНРВА . Откако Израел тврдеше дека некои од вработените во Агенцијата биле вклучени во терористичките напади на 7-ми октомври, неколку држави ги прекинаа своите донации за УНРВА на почетокот на 2024 година.

Откако Обединетите нации спроведоа сопствена истрага, девет вработени во агенцијата за помош на крајот беа отпуштени. Повеќето меѓународни земји донатори сега го продолжија финансирањето - Израел, наспроти тоа, сакаше целосно да ја прекине работата на организацијата.

Во текот на војната во Појасот Газа, израелските сили ги напаѓаа училиштата на УНРВА каде што раселените Палестинци бараа засолниште. Според израелското верување, овие училишта служеле како командни центри на Хамас и за заштита на неговите борци кои се криеле меѓу цивилите.

Во февруари, наводен подземен компјутерски центар на Хамас беше откриен под седиштето на УНРВА во градот Газа. Агенцијата ги негираше наводите.

„Катастрофални последици“ од законите

Плановите на Кнесетот беа остро критикувани од повеќето земји донатори на УНРВА - ЕУ, САД и многу организации за помош и човекови права. Во неделата, министрите за надворешни работи на Канада, Австралија, Франција, Германија, Јапонија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство објавија заедничка изјава во која изразија „голема загриженост“ за нацрт-законите во Кнесетот.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека усвојувањето на законите ќе биде „катастрофа“.

Шефот за надворешна политика на ЕУ , Жозеп Борел, рече дека Европската унија „ја дели загриженоста дека овој нацрт-закон, доколку биде усвоен, ќе има катастрофални последици“.

Независната  организација за човекови права Адалах, со седиште во Хаифа, аргументираше дека реформата, исто така, ќе го прекрши меѓународното право кое бара од земјите-членки на ОН, како што е Израел, да ги поддржат Обединетите нации во нивната работа.

Исто така, беше наведено дека ограничувањето на активностите на УНРВА во Појасот Газа ќе ги прекрши привремените мерки наложени од Меѓународниот суд на правдата во јануари 2024 година и повторно во март 2024 година за овозможување на обезбедувањето на основно снабдување на хуманитарна помош.

Пратениците во Кнесетот во понеделникот во второто читање  со огромно мнозинство од 92 гласа гласаа „за“ предлог-законите, додека десет пратеници беа против. Иако дополнителниот предлог-закон кој би ја класифицирал УНРВА како „терористичка организација“ повеќе не е маса, останува нејасно како основните услуги на Агенцијата ќе бидат заменети во блиска иднина.