Изјавите на Бајден за „диктаторот“ Ши се провокација за Кина
21 јуни 2023„Овие изјави се апсурдни и екстремно неодговорни. Ова е целосно спротивно на постоечките факти и дипломатскиот протокол“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи во Пекинг, Мао Нинг, според која изјавата на Бајден претставува „јавна политичка провокација", и „сериозна повреда на кинеското политичко достоинство."
На изборен собир организиран за собирање донации во американската сојузна држава Калифорнија, Бајден во вторникот изјавил дека Ши Џинпинг бил лут што не е информиран за кинескиот набљудувачки балон што во февруари леташе над САД. „Причината зошто Ши толку многу се налути кога јас го соборив овој балон, полн со техника за шпионирање, е што тој воопшто не знаел каде е балонот, кој скршнал од својот курс. Тоа е голема непријатност за диктаторите, кога не знаат што се случувало“, рекол Бајден.
80-годишниот Бајден, кој одново се кандидира за претседателската функција, на присутните на собирот во Калифорнија им порачал дека „не треба да се загрижени поради Кина, зашто таа се наоѓа во вистински економски тешкотии."
Аферата околу наводниот балон за шпионирање, што американската воена авијација го собори од небото, доведе до натамошно влошување на меѓусебните односи. Најновите иритации следат непосредно по посетата на американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен во неделата и понеделникот во Пекинг, кога се сретна и со претседателот Ши, при што двете страни најавија намера да ги стабилизираат нарушените односи.Тие беа заострени до толкава мерка што набљудувачите и самата средба на Блинкен со највисоки кинески претставници ја оценија за прв, позитивен сигнал. Самиот Бајден упати највисоки пофалби за својот министер по посетата на Пекинг, истакнувајќи дека Блинкен завршил исклучително добра работа и работите се движат во добар правец.
Но, американскиот претседател со своите изјави сега повторно самиот ги торпедира внимателните обиди за повторно приближување на двете светски сили.