1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД нудат дијалог за контрола на атомското оружје

СН/агенции
3 јуни 2023

Без предуслови, САД сакаат да разговараат со Русија и со Кина за идната рамка за контрола на нуклеарното вооружување. Москва го суспендираше договорот „Нов Старт“ на почетокот во февруари.

https://p.dw.com/p/4S9DW
Советникот за национална безбедност Џејк Саливан: САД не сакаат да чекаат додека не се надминат сите билатерлни проблеми
Советникот за национална безбедност Џејк Саливан: САД не сакаат да чекаат додека не се надминат сите билатерлни проблемиФотографија: Oliver Contreras/ZUMA/imago images

Соединетите Американски Држави ги повикаа Русија и Кина да одржат преговори за контрола на атомското вооружување. Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на конференција во Вашингтон рече дека неговата земја сака разговори со Москва за продолжување на договорот за контрола на нуклеарното оружје „Нов Старт“, кој истекува во 2026 година.

„Наместо да чекаме да ги решиме сите наши билатерални разлики, САД се подготвени веднаш да разговараат со Русија за односот кон нуклеарните ризици“. Советникот за безбедносна политика на американскиот претседател Џо Бајден исто така нагласи дека Кина станува сè поважна кога станува збор за контролата на атомското оружје.

До 2035 година, Кина би можела да има до 1.500 нуклеарни боеви глави, „едно од најголемите нуклеарни арсенали во историјата“, рече Саливан на годишниот состанок на Националната асоцијација за контрола на вооружувањето.

Нуклеарното оружје на 90-те атомски сили: бројот на боеви глави по земја во јануари 2022 година
Нуклеарното оружје на 90-те атомски сили: бројот на боеви глави по земја во јануари 2022 година

Со тоа Вашингтон во иднина ќе мора да се занимава со две земји кои би имале слични големи нуклеарни арсенали како САД. Саливан рече дека САД се подготвени да одржат разговори за контрола на атомското вооружување со Кина „без предуслови“.

Тој им рече на новинарите дека потенцијалните договори со Кина ќе влијаат и на американската способност да дојде до некаков вид договор со Русите.

„Нов Старт“ е последниот преостанат договор за контрола на нуклеарното оружје меѓу Русија и САД. Датира од 2010 година. Во него, двете земји се обврзуваат дека ќе ги ограничат нивните нуклеарни боеви глави на максимално 1.550 секоја.

Затегнати односи

Рускиот претседател Владимир Путин го суспендираше договорот во февруари годинава како реакција на западната поддршка за Украина во руската агресорска војна. Меѓутоа, Русија тогаш објави дека ќе ги почитува обврските од договорот до истекот на 5 февруари 2026 година. Саливан рече дека САД ќе се придржуваат до насоките на „Нов Старт“ „додека тоа го прави Русија“.

Односите меѓу САД и Кина се затегнати по соборувањето на кинескиот шпионски балон соборен над територијата на САД на почетокот на годинава. Исто така, има тензии меѓу двете земји околу статусот на островската република Тајван.