1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Одмазда на САД: Воздушни напади во Сирија и во Ирак

ЖА /АРД
3 февруари 2024

САД бомбардирале повеќе од 85 позиции на проиранските милиции во Сирија и во Ирак. Американскиот претседател Џо Бајден најави натамошни воени акции.

https://p.dw.com/p/4c06g
Воена американска база во Јордан
Воена американска база во Јордан беше цел на напад со дронФотографија: Planet Labs PBC/AP/dpa/picture alliance

По убиството на тројца американски војници во Јордан, во близина на сириската граница, САД реагираат со голем контраудар врз цели во Ирак и во Сирија. Американската армија објави дека бомбардирала повеќе од 85 цели од воздух, меѓу другото командни централи, бази на тајни служби и складишта со оружје, користени од иранската Револуционерна гарда и со неа поврзаните милиции.

Во одмаздничкиот напад на Американците, војската во фокус имала седум поголеми позиции, од кои три во Ирак и четири во Сирија. Операцијата ја извеле бројни воени авиони, вклучувајќи и стратешки бомбардери од типот Б-1, кои биле испратени од САД.

Извештаи за мртви и ранети

Портпаролот на Националниот совет за безбедност, Џон Кирби истакна дека изборот на целите бил внимателно правен за да се избегнат цивилни жртви, тој се базирал на цврсти докази за поврзаност на целите со нападите кои беа извршени во регионот врз американските војници.

Според Кирби, не е познато дали во  воздушните напади  загинале припадници на милициите.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон јави дека биле убиени најмалку 18 членови на  проиранските милиции во Сирија,  наводите не можат да бидат независно проверени. За американските напади во области во Сирија јавија и сириските медиуми.

Локални медиуми во Ирак пак известуваат за повеќе загинати и ранети, меѓу кои освен милиционери се и цивили. Погодени биле  позиции во Ал Кваим, како и командната централа на проиранскските народни мобилни единици во регионот Акашат на границата со Сирија.

Во сопствено соопштение ирачката армија ги потврди американските напади во ирачките гранични области, обвинувајќи дека тие претставуваат кршење на суверенитетот на земјата и „опасност кој Ирак и регионот ќе го вовлечат во непредвидливи последици, што ќе имаат стравичен одраз врз безбедноста и стабилноста“, како што истакна армискиот портпарол.

Бајден: „Нашата реакција почна денеска“

Американскиот претседател Џо Бајден најави непосредно претстојни натамошни воени акции на Блискиот Исток. „Нашата реакција почна денеска, таа ќе продолжи во момент и на локации по наш избор“, изјави тој, дополнувајќи: „САД не сакаат никаков конфликт на Блискиот Исток или било каде во светот. Но, оние кои сакаат да ни наштетат, треба да го знаат следново: ако наштетат на само еден Американец, веднаш ќе реагираме.“ 

Во неделата  во напад со дрон во Јордан,  во близина на сириската граница, беа  убиени тројца американски војници,  а околу 40 ранети. Американскиот претседател вината ја лоцираше кај „радикални, од Иран поддржувани милитантни групи“ и се закани со одмазда.

Во средата американската влада нападот официјално и` го припиша  на групата „Исламски отпор во Ирак“, која веќе ја презеде одговорноста. „Исламски отпор во Ирак“ е некој вид збирна организација на проиранските милиции во Ирак, кои по  терористичката акција на исламистичкиот Хамас во Израел  на 7 октомври настапуваат под заедничко име. Иран отфрли своја вмешаност.

САД убиени американски војници
Претседателот Џо Бајден во воена база во сојузната држава Делавер присуствуваше на пристигнувањето на посмртните останки на убиените американски војници во нападот со дрон во ЈорданФотографија: Roberto Schmidt/AFP

Бајден е под притисок

Во петокот Бајден во воена база во сојузната држава Делавер присуствуваше на пристигнувањето на посмртните останки на убиените американски војници. За американскиот претседател акцијата против милициите во Сирија и Ирак е исклучително деликатна. Од една страна тој сака да избегне вовлекување на неговата земја во  регионална војна на Блискиот Исток.  Од друга страна Бајден сака да демонстрира сила и да издејствува окончување на нападите. Истовремено, претседателот се наоѓа под притисок во САД – дел од Републиканците инсистираат -на агресивни контрамерки по нападите против американската војска