1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Напад со дрон: Американската армија имала погрешна проценка?

Тагесшау | ЕМФ
30 јануари 2024

Погрешна проценка на американската армија, според медиумски извештаи, веројатно имала улога во нападот на проиранските милиции врз американска база во Јордан.

https://p.dw.com/p/4booP
Сателитска снимка од американската воена база во Јордан по нападот со дрон
Сателитска снимка од американската воена база во Јордан по нападот со дронФотографија: Planet Labs PBC/AP/picture alliance

Непријателски дрон кој уби тројца и повреди најмалку 40 американски војници во Јордан, можеби бил помешан со американски дрон. Според медиумски извештаи, оваа погрешна проценка на американската војска одиграла улога во смртоносниот напад на проиранските милиции врз американската база на границата со Сирија.

Сопствен или непријателски дрон?

„Волстрит журнал“, „Њујорк тајмс“ и „Фокс њус“, повикувајќи се на претставници на американската влада, објавија дека непријателското беспилотно летало се приближило до базата истовремено со американски дрон за надгледување. Поради тоа не било јасно дали се работи за сопствен или за непријателски дрон. Затоа можело да се претпостави дека се работи за американско беспилотно летало кое се враќа во таканаречената кула 22 во Јордан, на границата со Сирија. Како резултат на тоа, противвоздушната одбрана не била употребена веднаш за да го пресретне непријателскиот дрон.

Бајден најави одмазда

Тоа била погрешна проценка со фатални последици. Тројца американски војници загинаа, а најмалку 40 други се повредени. Нападот предизвикува и дополнителна дестабилизација во веќе нестабилниот регион. Американскиот претседател Џо Бајден најави одмазда, а Иран негираше каква било вмешаност во нападот.

Проиранските милиции во Ирак ја презедоа одговорноста за нападот и соопштија дека нападнале четири американски воени бази, од кои три во Сирија, во неделата наутро (28.01). Ќе следува одговор, изјави во меѓувреме портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност Џон Кирби, истовремено тврдејќи дека не се посакува војна со Иран. Но, нападот во Јордан очигледно претставува ескалација, оцени Кирби. Неговата изјава следуваше непосредно состанокот на претседателот Бајден со кабинетот за национална безбедност, во кој е и министерот за одбрана Лојд Остин.

САД | портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност Џон Кирби
Ќе следува одговор, изјави портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност Џон КирбиФотографија: Chris Kleponis/UPI Photo/IMAGO

Техеран не сака да има ништо со тоа

На САД им е јасно дека за нападот се одговорни проирански групи. Режимот во Техеран, пак, негира каква било поврзаност со нападот. Обвинувањата се упатени со политичка цел „да се преврти реалноста во регионот“, го цитираше државната новинска агенција Ирна портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канани. Како што се вели, вооружените групи во регионот не добиле никакви инструкции од Иран.

Блинкен: Ситуацијата е опасна како што не била уште од 1973 година

Колку е тензична ситуацијата покажуваат и изјавите на министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен. „Јас останувам на тоа дека во регионот не сме доживеале толку опасна ситуација како оваа барем од 1973 година - можеби дури и пред тоа“, рече Блинкен во Вашингтон на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. „Ова е околината во која оперираме“. Тој предупреди од обиди за искористување на конфликтот на Блискиот Исток за да се сее дополнителна нестабилност. Одлучно ќе одговориме на секоја агресија, порача Блинкен.

САД Ентони Блинкен
Блинкен: Во регионот не сме доживеале толку опасна ситуација како оваа барем од 1973 година - можеби дури и пред тоаФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

Тој истовремено нагласи и дека целта на американската влада е да спречи ескалација во регионот. „Важно ни е да го направиме и едното и другото: да застанеме во одбрана на нашите луѓе кога се нападнати и да спречиме конфликтот да расте и да се шири.“

Американските војници и нивните сојузници биле повторно нападнати и во Сирија во понеделникот. „Беа испукани неколку проектили врз војниците на САД и коалицијата“, рече претставник на Министерството за одбрана во Вашингтон, кој сакаше да остане анонимен. Притоа не бил поврдден никој.

3.000 американски војници во Јордан

Во Јордан, според податоци од летото 2023 година, се стационирани околу 3.000 американски војници, објави порталот „Аксиос“. Тие, меѓу другото, го поддржуваат Јордан во борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД). Американските војници стационирани таму користат приколки како места за спиење. Според САД, повеќето од повредените во нападот со беспилотно летало имаат исеченици, модринки, трауматски повреди на мозокот и слични рани. Осуммина се евакуирани поради медицински причини. Најтешко повредениот војник бил во критична, но стабилна состојба.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема