Ирански камиказе-дронови: Ново руско оружје за ширење страв
21 октомври 2022Оваа недела дронови летаа над главниот град Киев и други украински градови, погодувајќи згради и критичка инфраструктура. Во нападите има и жртви. Украинските воени сили успеаја од земја да соборат доста вакви беспилотни летала. Зад овие напади стои Русија која има селектирани цели со вакви дронови кои при ударот се самоуништуваат. Поради ова често се нарекуваат дронови – камикази.
За какви дронови се работи?
Градоначалникот на Киев, Витали Кличко по еден ваков напад објави фотографија со остатоците од соборен дрон на кој со кирилично писмо пишува – „Геран 2“. Според руски извори, овие дронови си ги произведува Русија сама, но според дизајнот се речиси идентични со дроновите од типот „Шахед 136“ од иранско производство.
Дроновите „Шахед 136“ се таканаречени дронови-камикази. Се активираат со ракета и потоа извесно време кружат со пропелер околу целта пред да ја погодат. Со нив не може да се погодуваат цели во движење и не се самонаведувачки, поради што не се сметаат за таканаречено „интелигентно“ оружје.
Дронот во главата носи експлозив кој се детонира при ударот. Според експертите, овие дронови можат да носат до 60 килограми експлозив. Американскиот експерт Брет Фридман пресметал дека тоа е до три пати повеќе од класична артилериска граната, поради што детонацијата може да предизвика многу поголема штета.
Како овие дронови дојдоа кај руската армија?
Уште пред нападот во понеделникот, украинските воени сили неколку пати јавија за соборени дронови од типот „Шахед 136“. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, на прес конференција изјави дека Иран и` нема испорачано оружје „на ниту една страна“, а извештаите дека Иран и` испорачал дронови на Русија се „политички мотивирани“ и раширени од западни извори.
Всушност британската тајна служба и американскиот тинк-тенк „Институт за прочување на војната“ во нивниот дневен извештај за војната во Украина напишаа дека во руските напади се користени ирански дронови од типот „Шахед 136“.
Американската влада уште од летоска зборува дека Иран и` испорачува оружје на Русијa. Иранската влада се подготвува да испорача „неколку стотици беспилотни летала“, изјави на прес конференција уште во јули советникот за национална безбедност, Џејк Саливан. Веднаш потоа СиЕнЕн извести дека руска делегација веќе била на „шопинг“ во Иран и покажа сателитски снимки од аеродром со кои треба да се потврди посетата. Според други извештаи, испораката требало да се изврши уште во август, на што како реакција Украина во септември го протера иранскиот амбасадор од земјата.
„Вашингтон пост“ неодамна објави дека Иран планира уште испораки на оружје за Русија, меѓу другото и на дронови од типот „Шахед 136“ како и од типот „Мохајер-6“, кои може да носат и ракети и бомби, како и од беспилотни летала од типот „Араш -2“ кои според ирански извори имаат дострел до 2.000 километри.
Сосем реално е и дека Русите, заобиколувајќи ги санкциите, од Иран добиваат и компоненти за дронови, кои потоа си ги монтираат сами и ќе бидат претставени дека се од руско производство под името „Геран 2“. Олег Катков, уредникот на украинскиот портал „Дифенс експрес“ во едно интервју изјави дека делови за склопување на дронови се достапни на отворен пазар, па така на кинеската платформа „Али експрес“ може да се купат сензорот за навигација и мотор.
Според извештај на „Њујорк тајмс“, на полуостровот Крим се испратени обучувачи од иранската Револуционерна гарда, за да помогнат околу проблемите со користењето на дроновите. Весникот се повикува на извори од американските тајни служби.
Зошто Русија користи дронови?
Дроновите од типот „Шахед 136“ се неспоредливо поевтини. Според проценките на Самуел Крени-Еванс од британскиот тинк-тенк „Ројал јунајтед сервис институт“ еден чини околу 20.000 долари, додека турските дронови „Бајрактар ТБ2“, кои ги користи Украина чинат сто пати повеќе. Притоа може да ги користат сами без да имаат жртви во своите редови. Набљудувачите велат дека руските сили ги навигираат дроновите од окупираните области на југот на Украина.
Се чини дроновите во моментов се главното оружје на Русија во војната против Украина, бидејќи дури и руските воени блогери во меѓувреме известуваат за тесни грла во руската воена опрема.
„И квалитативните и квантитативните индикатори“ покажуваат дека има очигледни растечки проблеми во однос на рускиот ракетен арсенал, пишува на Телеграм блогерот под име „Атомска цреша“ („Atomic Cherry").
Од класична гледна точка на војување, употребата на дронови за напади е мала, а експертите не веруваат дека текот на борбите на фронтот во јужна и источна Украина може значително да се префрли во корист на Русија со помош на дронови.
Сепак, тие имаат значителен ефект: „Таквите напади можат да предизвикаат голема штета врз цивилната инфраструктура и да повредат многу луѓе без да имаат значителен воен ефект“, пишува „Институтот за проучување на војната“ во својот дневен извештај. Анализата сугерира дека Русија ги користи дроновите „за да го зголеми психолошкиот ефект поврзан со таргетирање на цивилни области - наместо да предизвикува резултати со таргетирање на легитимни воени цели и цели на фронтот“. Затоа, првенствено се работи за ширење страв и ужас преку цивилни жртви и оштетување на цивилната инфраструктурата.
Колку употребата на дроновите влијае врз текот на војната?
Нападите со дронови повторно укажуваат на слабоста во одбраната на Украина, односно на дупките во нејзината противвоздушна одбрана. И украинските и руските извори нагласуваат дека беспилотните летала многу тешко се откриваат на радар и затоа тешко може да се пресретнат и соборат пред да се доближат до целта. На сликите од Киев се гледа како украинските сили пукаат со пушки во воздух за да ги одвратат беспилотните летала. Военото раководство во Киев и неговите поддржувачи уште еднаш побараа од Западот набавка на противракетни системи.
Засега имаат противвоздушни ракети од типот „Џавелин“ и „Стингер“, кои можат да се користат само на дневна светлина, поради тоа што немаат систем за ноќно гледање. Рускиот напад на Киев пак почна рано наутро. Поголемите системи како германскиот „ИРИС-Т“, од друга страна, се ефикасни против големи авиони, но многу скапи: фактот што украинските сили би користеле скапи резерви на муниција ИРИС-Т пукајќи во евтините беспилотни летала за еднократна употреба може исто така да биде дел од проблемот зошто не им се испорачува, на што се надева и Русија.
Во меѓувреме, многу критични инфраструктурни цели во Украина би можеле да бидат погодени, па дури и уништени, што би влијаело на ситуацијата со снабдувањето во земјата. На пример, по нападите во центарот на Киев на енергетскиот оператор Укренерго, стотици села и повеќе градови останаа без струја.
Русија се надева дека ќе ја ослаби Украина доколку и` предизвика големи штети – според Киев, како резултат на страдањето на цивилното население, може да биде принудена Украина да направи отстапки. Украинското раководство зборува за „терор“ во овој контекст. Од Украина, пак, и од владата и од населението, се слуша само волја за истрајување и своевиден пркос кон агресорот Русија.