Дали Русија користи дронови–камикази од Иран?
7 октомври 2022Тоа е оружје кое сее страв. Во војната против Украина, Русија употребува беспилоти летала кои веројатно се од странско производство. Тие летаат со брзина од 200 километри на час и притоа се толку гласни што се слушаат од далеку уште пред да ја нападнат целта.
Дали „самоубиствените” дронови се од Иран?
Според податоците на украинската војска, Русија меѓу вторникот и средата (4 кон 5 октомври) прв пат со т.н. „дронови камикази” на иранската војска гаѓале цели во близина на Киев.
Ноќта се слушнале шест експлозии, пренесува на „Телеграм“ гувернерот на киевската област, Олексиј Кулеба. Додава дека од јужен правец дошле вкупно 12 дронови со цел уништување на инфраструктурата. Кон средината на септември украинската војска според сопствени тврдења го соборила првото беспилотно летало од иранско потекло. Портпаролката на украинската војска, Наталија Хуменјук, вели дека од тогаш се регистрирани неколку десетина на југот на Украина и дека половина од нив биле соборени. Таа наведува дека Одеса често е цел на напади со беспилотни летала, во кои гинеле и цивили.
Пред неколку месеци се појавиле информации дека Иран ќе испорача воени дронови за Русија. Владата на САД повикувајќи се на информации од тајните служби, соопшти дека Русија за потребите на војната во Украина сака од Иран да купи дронови - пред сѐ зашто сама веќе не може да произведува беспилотни летила заради санкциите кои исклучително ги отежнуваат набавките на компоненти и резервни делови.
Според АФП, Русија набавила дронови од типот на Мухаџир-6 кои може да носат товар до 40 килограми, со брзина до 200 километри на час. Истата новинска агенција наведува дека купен е и “дрон самоубиец” Шахед-136 кој може да помина и растојание од 2500 километри. Техеран официјално негира дека имало продажба.
Колку се опасни дроновите?
Експертите сметаат дека дроновите не се многу ефикасно оружје, без оглед што нивните смртоносни напади се повторуваат. Џереми Бини кој работи за аналитичката компанија „Џејнс“ за АФП изјави дека системот на летала често откажува бидејќи компонентите од кои се прават најчесто не се квалитетни. Освен тоа и количеството на експлозив кој го носат е „релативно мало“. Затоа дроновите, според него немаат големо влијание на текот на војната.
За американскиот магазин Политико една украинска офицерка вели дека е фатално тоа што дроновите тешко се откриваат со помош на радар, па така нејзината единица изгубила два тенка со посадите кај Херсон.
Портпаролката на украинската војска Наталија Хуменјук изјави дека дроновите освен тоа значително го зголемуваат „психолошкиот притисок“ на населението. Бучавата која ја предизвикуваат додека летаат предизвикува страв кај луѓето кои и онака се со „тенки нерви“.
Турски дронови произведени во Украина?
Русија во текот на летото исто така покажа интерес за турските борбени дронови. Кон крајот на август производителот на „Бајрактар“ недвосмислено изјави дека неговата компанија нема да и испорачува дронови на Русија.
„Сеедно е колку пари ќе ни понудат. Во оваа ситуација не доаѓа в предвид да им дадеме дронови. Ние во целост ја подржуваме украинската страна,“ изјави за Би Би Си, Халук Бајрактар, менаџер на турскиот производител.
Во моментов украинската војска успешно го користи Бајрактар – ТБ2. Тој дрон е многу популарен во Украина бидејќи со него се уништени многу руски артилериски системи и оклопни возила. Турскиот производител наводно планира и изградба на фабрика во Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го објави ова на почетокот од септември по средбата со првиот човек на турскиот концерн.
Дронот е долг шест и пол метри, а распонот на крилата му е 12 метри. Може да остане во воздух подолго од 24 часа, а максималната брзина му е 220 километри на час. Експертите велат дека овој дрон е поефтин од слични производи од западните конкурентски компании.
Израелски дронови?
На почетокот на војната во Украина се споменуваше и можно снабдување на Русија со израелски дронови. Според податоците на израелскиот весник „Тајмс“, во март на социјалните мрежи кружеле снимки од делови на соборени руски беспилотни летала, кои наводно потекнуваат од израелски летечки објекти.
Фотографиите чија автентичност не е потврдена, покажуваат остатоци од извидувачки дрон, а на нив и натпис Israel Aerospace Industries (Израеска вселенска индустрија). Станува збор за израелска компанија за воздухопловна и ракетна технологија. Но, таков дрон се произведува и во Русија по лиценца која Русите уште пред неколку години ја купија од Израел.