Нов воздушен напад на САД врз проирански милиции во Сирија
9 ноември 2023Американската војска изврши воздушни напади врз складиште за оружје во Деир Езор во источна Сирија кое го користат иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ) и нејзините сојузници, соопшти Пентагон. „Овој прецизен самоодбранбен удар е одговор на серијата напади врз американскиот персонал во Ирак и во Сирија од страна на членовите на ИРГЦ“, наведе американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
Тој додаде дека нападот го извршиле два борбени авиони Ф-15. Остин истакна дека за администрацијата во Вашингтон нема поголем приоритет од безбедноста на американскиот персонал.
40 напади врз американски бази
Вооружено беспилотно летало вчера ја нападна базата Ал Харир во северен Ирак, каде што се стационирани американските сили, објави Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори. Британската новинска агенција пренесе и дека сирените за воздушен напад се огласиле во амбасадата на САД во Багдад, но засега нема информации за жртви.
Американските и меѓународните сили со седиште во Ирак и во Сирија се во состојба на готовност во последните неколку недели поради десетиците напади врз нивните бази по избивањето на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас. Според американската влада, тие извршиле најмалку 40 напади врз американски бази од 17 октомври. Милитантната група „Исламски отпор во Ирак“ ја презеде одговорноста за најголемиот број напади, велејќи дека тие се реакција на поддршката на САД на Израел во војната против Хамас.
Активисти: Девет загинати во воздушниот напад
Според активистите, во новиот американски воздушен напад загинале девет лица. Сириската опсерваторија за човекови права (ОСДХ) соопшти дека убиените во Деир Езор се луѓе поврзани со групи поддржани од Иран. „Девет луѓе кои работеа за групи поддржани од Иран беа убиени во американските напади врз локации што ги користеа проиранските групи“, изјави за новинаксата агенција Франс Прес шефот на ОСДХ, Рами Абдел Рахман .Опсерваторијата ги добива своите информации од мрежа на различни извори во Сирија. Информациите на организацијата честопати е тешко да се проверат независно.