1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Односите на Израел со неговите соседи

Тагесшау | ЕМФ
23 октомври 2023

Од основањето на државата, Израел е опкружен со непријатели. Со некои е до денес во воена состојба, други пак со децении му се испробани партнери за соработка. Каков е односот со четирите земји кои му се директни соседи?

https://p.dw.com/p/4Xfxc
Глобус: Блиски Исток
Глобус: Блиски ИстокФотографија: Fotolia/Sonja Schul

Египет

Египет беше првата арапска држава која официјално го призна Израел. Претходно, по основањето на државата Израел во 1948 година, двете земји со децении беа во војна и се бореа една против друга во неколку арапско-израелски војни: во 1979 година, Израел и Египет потпишаа мировен договор со кој, меѓу другото, Синајскиот Полуостров му беше вратен на Египет, и со кој се регулира правото на поминување на израелските бродови низ меѓународните води околу полуостровот. Поради тоа, Египет мораше да прифати исклучување од Арапската лига на десет години и, според анкетите, признавањето на Израел како држава до денес е непопуларно меѓу египетското население.

Вашингтон 1979 | Египетскиот претседател Анвар Садат американскиот претседател Џими Картер и израелскиот премиер Менахем Бегин
Египетскиот претседател Анвар Садат (л.), американскиот претседател Џими Картер и израелскиот премиер Менахем Бегин (д.) по потпишувањето на египетско-израелскиот мировен договор во Вашингтон, во 1979 година Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Daugherty

За време на владеењето на Муслиманското братство во Египет, чија организација-ќерка е палестинскиот Хамас, односите значително се влошија: Каиро ја заобиколи израелската блокада на Појасот Газа, а во 2011 година израелската амбасада во Египет беше нападната од демонстранти. По воениот удар и доаѓањето на власт на генералот Абдел Фатах ал Сиси во 2013 година, соседите повторно се зближија: меѓу другото, тие соработуваа и во задушувањето на исламистичкиот Синајски бунт по соборувањето на египетскиот претседател Мубарак. Во 2015 година, Египет за првпат гласаше во полза на Израел во Обединетите нации - за место во вселенската агенција на ОН - УНООСА.

За време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп во САД, Египет разговараше со Палестинците и Јордан за поддршка на напорите на САД за постигнување мир во регионот. Во 2021 и 2022 година, израелскиот премиер Нафтали Бенет отпатува во Египет на дипломатски разговори. Три дена пред нападот на Хамас, Египет, според американски наводи, го предупредил Израел од напад од Газа, веројатно на ниско ниво. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го негира ова, Каиро не коментира. Во моментов, испробаната соработка меѓу соседите се чини дека оди бавно. Според египетски информации, на граничниот премин под контрола на Египет за влез во Појасот Газа, во Рафах, стојат залихи со помош, а од другата страна на границата цивили чекаат да ја напуштат земјата, но, како што се вели, израелската влада не соработува. И Израел и терористите на Хамас негираат дека има какви било преговори за отворање на преминот.

Појас Газа Египет премин Рафах
На граничниот премин Рафах чекаат и залихи со помош и луѓеФотографија: Firas al-Shaer/newscom/picture alliance

Јордан 

Значителен дел од јорданското население е со палестинско потекло - тука спаѓаат и доселениците, кои во меѓувреме добиле јордански пасош, и нивните потомци, како и бегалците. Во исто време, Јордан е официјално назначен за чувар на исламските свети места во Ерусалим - на пример, земјата ја финансира организацијата Вакуф, која управува со Ридот на храмовите. Во 1994 година, кралството Јордан и Израел склучија мир, но во следните три децении немаше вистинско зближување.

САД Јордан Израел
Во 1994 година, кралството Јордан и Израел склучија мир: јорданскиот крал Хусеин (л.), американскиот претседател Бил Клинтон и израелскиот премиер Јицак Рабин (д.) во Вашингтон Фотографија: Wilfredo Lee/AP Photo/picture alliance

Во 2019 година, јорданскиот крал Абдула зборуваше за „најниско ниво на односите на сите времиња“ - се вели дека меѓу него и Нетанјаху има значителен анимозитет. До тензии дојде во 2021 година, кога Израел одби влез на престолонаследникот Хусеин: тој за планираната посета на Ридот на храмовите во Ерусалим сакаше да донесе повеќе чувари отколку што беше договорено. Следниот ден, Јордан возврати со недавање на права за прелет на авион кој се движеше кон Абу Даби сѐ додека Нетанјаху не беше принуден да го откаже планираното патување.

Во 2022 година, Јицак Херцог беше прв израелски претседател кој отпатува на разговори во Аман, но расположението повторно се влоши есента: кралот Абдула во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека тие се добро подготвени за конфликт околу светилиштата во Ерусалим.

Поради израелската борба против терористите на Хамас, кралот Абдула сега стравува од натамошен прилив на палестински бегалци во неговата земја, како што јасно стави до знаење по разговорот со американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен. Тој предупреди од „насилно протерување на Палестинците од сите палестински територии“ и „прелевање“ на кризата во соседните земји, се вели во соопштението од кралскиот двор.

Палестински бегалци во бегалски камп во близина на Аман, во Јордан
Палестински бегалци во бегалски камп во близина на Аман, во Јордан (архивска фотографија)Фотографија: Reuters/M. Hamed

Либан 

Официјално, Израел и Либан се непријатели до ден-денес и не одржуваат дипломатски односи. Дури на крајот на 2022 година двете земји се договорија каде е нивната заедничка поморска граница во Средоземното Море. Забраната за прелет и слетување на израелски авиони важи и натаму. Либан не беше вклучен во Шестдневната војна, ниту во војната на Јом Кипур, но со прифаќањето на палестинските бегалци во неколку бранови на конфликти, во земјата дојдоа и нивните организации: во 1971 година, од Јордан протераниот Фатах, се смести во Либан, а организацијата ПЛО успеа да опстане само до 1982 година.

Денес, во Либан живеат стотици илјади Палестинци, кои не смеат да работат во повеќето професии и немаат голем број од граѓанските права, а не можат да добијат ниту либанско државјанство. Тие претежно живеат во бегалски кампови, каде за доминација се борат различни организации. По нападот на Хамас врз Израел, во неколку кампови имаше сцени на славје.

Шиитскиот Хезболах, кој се бореше против Израел на почетокот на 1980-тите, и денес го контролира Либан како држава во држава. Милицијата поддржана од иранската влада му ја одрекува на Израел неговата државност и правото на постоење, редовно извршува напади врз израелската армија и ја опишува инвазијата на Хамас и нејзините злосторства како „херојски“. Повеќепати имаше воени судири меѓу Хезболах и Израел, на пример во војната во Либан во 2006 година. Од нападот на Хамас, шиитската милиција повторно го гаѓа Израел со ракети и гранати, а Израел со авиони и хеликоптери напаѓа цели во јужен Либан. Престрелки има и на границата. Набљудувачите сега стравуваат дека Израел би можел да се најде во конфликт на два фронта - со Хамас и многу подобро опремениот Хезболах.

Израелски војници во патрола во близина на границата со Либан
Израелски војници во патрола во близина на границата со Либан, 15.10.2023Фотографија: ARIS MESSINIS/AFP

Сирија 

И Сирија, како Либан, до денес со Израел официјално има само договор за прекин на огнот. Во 1981 година, Израел ја анектира Голанската висорамнина, која ја окупираше во Шестдневната војна во 1967 година. Тука ништо не се промени иако до избувнувањето на граѓанската војна во Сирија имаше повеќекратни тајни преговори за нејзино враќање. Либанскиот Хезболах, кој го негира правото на постоење на Израел, од 2013 година се бори на страната на сирискиот владетел Башар ал-Асад. Израел, од своја страна, до 2018 година поддржуваше неколку бунтовнички групи со оружје. Во 2021 година, израелската воена авијација изврши напад и врз ирански позиции во Сирија.

Голанска висорамнина Сирија Израел
Голанска висорамнина (архивска фотографија)Фотографија: Reuters/A. Awad

По силниот земјотрес на почетокот на годината, имаше информации дека Израел сака да испрати хуманитарна помош во соседната земја - остана нејасно дали по барање на Дамаск или со руско посредување. Откако Израел почна да се брани од нападот на Хамас, војската напаѓа и цели во Сирија. Асад и неговиот сојузник, рускиот претседател Владимир Путин, чија воена поддршка му обезбеди да остане на власт, повикуваат на прекин на нападите врз Појасот Газа. Освен тоа, се бара запирање на протерувањето на Палестинците и овозможување испорака на помош во Газа, се вели од Дамаск.