1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден го спореди Хамас со Путин

ЖА / агенции
20 октомври 2023

И Хамас и Путин се закана за демократијата, изјави американскиот претседател Џо Бајден во телевизиско обраќање до нацијата и најави барање до Конгресот за натамошна помош за Израел и Украина.

https://p.dw.com/p/4XmSx
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден направи споредба меѓу Хамас и ПутинФотографија: Jonathan Ernst/AFP

Во своето обраќање до нацијата, претседателот Бајден најави дека на Конгресот ќе му достави барање за сеопфатен пакет за помош, кој ќе се однесува и на Израел и Украина. САД не можат и нема да дозволат да победат „терористите“ како Хамас или „тираните“ како шефот на Кремљ, Владимир Путин, истакна Бајден во едно од своите ретки обраќања од Белата куќа, а чиј повод се војните во Блискиот Исток и во Украина.

„За националната безбедност на Америка од клучно значење е  Израел да има успех во својата војна против Хамас,  а  Украина во нејзината војна против Русија“,порача американскиот претседател.

Тој не наведе колкава сума ќе побара од Конгресот за пакетот помош, но американските медиуми претходно известуваа за 100 милијарди долари. Во нив би била опфатена и поддршка за Тајван, како и за обезбедување на американските граници. Белата куќа се очекува денеска да изнесе повеќе детали, а новите средства треба да ги одобри Конгресот, што претставува друг проблем – имено, законодавната дејност во САД е парализирана, зашто Претставничкиот дом уште нема избрано нов претседавач.

Бајден изјави дека новиот пакет помош треба да содржи „досега невидена помош за Израел“, која ќе се погрижи другите непријателски актери во регионот да сфатат дека  Израел е посилен  од било кога и  да се спречи проширување на конфликтот.“  Со пакетот треба да се обезбеди и натамошната одбранбена способност на Украина против руската агресорска војна.

За САД е важно да ги поддржува двете земји, иако се далеку, порача Бајден: „Хамас и Путин претставуваат различни закани, но имаат едно нешто заедничко: желбата целосно да ги уништат двете соседни демократии.“

Историјата не` поучи дека терористите кои не платиле цена за својот терор и диктаторите кои не платиле за својата агресија, предизвикуваат уште повеќе хаос, смрт и разорување, изјави Бајден, кој во средата лично го посети Израел за да искаже солидарност и целосна поддршка.

Директорот за комуникации во Националниот совет за безбедност на САД, Џон Кирби, при патувањето кон Тел Авив констатираше: американската влада има средства за да ги поддржува Израел и Украина „уште извесно време“, но „со оглед на тоа што во двата конфликти нема навестувања за скоро окончување, потребни ни се задолжително дополнителни средства и поддршка од Конгресот.“

САД се сметаат за најважен сојузник на Украина во одбранбената војна од руската инвазија. Од почетокот на војната САД, според наводи од американското Министерство за одбрана, обезбедиле воена опрема за Украина во обем од околу 44 милијарди долари.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема