1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Блиски Исток: Страв од голема војна

Кристоф Хаселбах
26 октомври 2023

Конфликтот меѓу Хамас и Израел би можел да прерасне во сѐопфатна регионална војна. Западните влади се обидуваат да го спречат тоа.

https://p.dw.com/p/4Y1qW
Израелски воздушни напади врз цели во Појасот Газа на 23 октомври 2023 година
Израелски воздушни напади врз цели во Појасот Газа на 23 октомври 2023 годинаФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Страшното сценарио изгледа вака: израелска воена акција во Појасот Газа со копнени сили предизвикува синџирна реакција на побуна и насилство во регионот. Во нејзиниот ек сѐ повеќе групи и држави се вовлечени во спирала од насилство, на крајот можеби дури и САД и Русија.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека планираната копнена офанзива би можела да трае повеќе месеци. „И на крај веќе нема да има Хамас”, вели тој.

Чисто од воен аспект операцијата може да биде успешна, смета експертот за Блиски исток, Гидо Штајнберг, од берлинската фондација „Наука и политика”. Во емисијата на ДВ „To the Point" тој рече:„Мислам дека израелската армија е во состојба да ги уништи структурите на Хамас во Појасот Газа." Но, во секој случај ќе загинат многу цивили, без разлика колку внимателно и да постапува израелската армија. 

Израелски тенкови во близина на Појасот Газа: Се уште не е јасно дали доаѓа копнена офанзива
Израелски тенкови во близина на Појасот Газа: Се уште не е јасно дали доаѓа копнена офанзиваФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Мртви цивили како можен причинител

Токму тоа може и да е математиката на Хамас, смета Ханс Јаков Шиндлер од меѓународната организација „Анти-екстремизам проект”.

„Хамас сака да продуцира страшни фотографии од мртви палестински цивили и на тој начин Иран и неговите продолжени раце да ги вовлечат во конфликтот", вели Шиндлер за ДВ.

Продолжени раце се вооружани заменски групи на Иран во други земји во регионот, како Хезболах во Либан. Хезболах уште сега во многу наврати го напаѓа Израел со ракети, но се воздржува во однос на голема офанзива.

Сѐ уште не е сигурно дека ќе има израелска копнена офанзива, смета Шиндлер, во моментов нештата не укажуваат на тоа. Израел може да ослободи заложници кои се во рацете на Хамас сѐ додека не е започната копнената офанзива.

Но, Шиндлер смета дека „ако дојде до ескалација, тогаш северот на Израел прво ќе биде изложен на масовни напади од Хезболах. Втор степен на ескалација би бил во Сирија да има напади врз тамошните американски пунктови. Трет степен веројатно ќе бидат шиитските милиции во Ирак кои би напаѓале американски или западни цели."

Незамислива хуманитарна катастрофа во Газа

Бајден: Израел да не се води од бесот

Таква домино реакција не треба воопшто да биде предизвикана. Во таа насока Џо Бајден како предупредување за Иран и Хезболах испрати два носачи на авиони во источниот дел од Средоземно море. И при сето разбирање за неговата одбрана, Бајден го предупреди Израел да биде умерен во Појасот Газа. Тој во Тел Авив рече дема Израел не треба да ги повтори „грешките” на САД по терористичките напади на 11. септември 2001 и да дозволи да биде “изеден од својот бес”.

Сега е важно „на Иран и неговите продолжени раце да им се покаже дека ескалација на ситуацијата секако ќе доведе до значително заслабнување на нивните структури", вели Шиндлер. Освен тоа меѓународната заедница треба да се концентрира на тоа да ја подобри хуманитарната состојба на цивилите во Газа, „за да не ги погоди овој конфликт погрешните”.

По телефонски разговор со лидерите на Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Канада, Бајден и тие беа согласни дека ќе го поддржуваат Израел и ќе го почитуваат неговото право на самоодбрана. Истовремено тие бараат почитување на меѓународното право, односно Израел треба да го поштеди цивилното палестинско население.

Во Советот за безбедност зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш доведоа до голема контроверза - тој израелските напади ги означи како „недвосмислено прекршување на хуманитарното меѓународно право”. Амбасадорот на Израел во ООН, Гилад Ердан, потоа побара Гутереш да се повлече од функцијата.

Американскиот претседател Џо Бајден (лево) му вети поддршка на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но го повика да покаже воздржаност во преземањето акција против Хамас
Американскиот претседател Џо Бајден (лево) му вети поддршка на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но го повика да покаже воздржаност во преземањето акција против ХамасФотографија: Avi Ohayon/Israel GpoI/Zuma/MAGO

САД важат за пристрасни

„Ако ние не, тогаш кој?", рече Бајден на почетокот на неговата мисија за посредување и со тоа ја потврди перцепцијата на неговата земја на сила што воведува ред на Блискиот исток. Проблемот на САД е што во големи делови во регионот ги доживуваат како пристрасни во корист на Израел. Тоа јасно се покажа по експлозијата во болница во Газа со многу загинати. Додека Хамас го обвинуваше Израел, Бајден застана зад израелската верзија според која погрешно наведувана ракета на Хамас е причината за експлозијата. По ова, египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси, кралот на Јордан, Абдула Втори и палестинскиот претседател Махмуд Абас откажаа закажана средба со Бајден.

Имиџот на Вашингтон како најблизок сојузник на Израел остава простор за други актери, како на пример Германија. Додека средбата со Бајден пропадна, Ал Сиси во Каиро имаше средба со Олаф Шолц. Ден претходно кралот Абдула Втори беше во Берлин. Канцеларот е единствениот кој во рок ид два дена се сретна и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кралот на Јордан и Ал Сиси.

Германската влада од една страна недвосмислено застана зад Израел. Од друга страна Берлин во регионот многукратно е прифаќан како неутрален партнер. Тоа „треба да се искористи за овозможување на помирен развој отколку овој што сега се навестува”, рече Шолц во Каиро.

Добри контакти во регионот: Германскиот канцелар Олаф Шолц (лево) со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во Каиро
Добри контакти во регионот: Германскиот канцелар Олаф Шолц (лево) со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во КаироФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германија сега се залага за дипломатски да се овозможат хуманитарни испораки во Појасот Газа и тоа е „еден од навистина најдобрите придонеси што Германија може да ги има”, вели Шиндлер. Во воена смисла Германија освен поддршка за Израел со материјал малку што може да направи.

Русија со поделени интереси

А, што ако сепак дојде до голема ескалација? Дали Русија тогаш со своите добри контакти со Техеран и Дамаск би можела да биде вовлечена во војната?

За Шиндлер тоа е малку веројатно. На Русија конфликтот на Блискиот исток ù оди во прилог затоа што одвлекува внимание од војната во Украина. Од таму таа е заинтересирана колку што е можно да се одолговлекува за да ги врзе силите на западот. Но, од друга страна Путин сака да го држи конфликтот на ниско ниво, “за да не се најде во состојба самиот да ангажира ресурси на Блсикиот исток кои веќе му недостасуваат во Украина", заклучува Шиндлер.