1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата Балканска мигрантска рута води преку Полска

Мануел Бевардер
25 септември 2023

Полска стана јазол за илегалната миграција кон Германија: нова Балканска рута, а Русија и натаму испраќа мигранти кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/4WhAF
Нагло расте бројот на илегални влезови на мигранти во Германија
Нагло расте бројот на илегални влезови на мигранти во ГерманијаФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Во средата (20.09), во шест часот утрото, жителите ги пријавиле првите бегалци. Осум луѓе стојат пред една ограда, а шверцерите исчезнале. Германската полиција стигнува и ги одведува во станица осумте момчиња од Сирија.

Во јужен Бранденбург, недалеку од германско-полската граница, за полициските службеници почнува нормален работен ден. Голем број итни повици,  стигнуваат нови групи бегалци.  До пладне се веќе регистрирани 108 илегални премини на границата. Полицијата секојдневно регистрира промена на ситуацијата.

Бројот на илегални влезови во Германија  нагло расте и тоа веќе две години. Сојузната полиција месечно регистрира преку 10.000 илегални влезови во земјата, односно лица без потребни документи или визи. Пред две години биле помалку од половина.

Вистинска „мигрантска криза“

Се промени уште нешто: фокусот на граничната полиција  веќе не се премини кон Австрија,  туку кон Полска. Од безбедносни кругови се наведува дека бројките речиси секогаш растеле во есен, но  годинава ситуацијата се влошила.  Министерот за внатрешни работи на покраината Саксонија, Армин Шустер (ЦДУ) веќе зборува за „вистинска мигрантска криза“.

Сѐ повеќе мигранти стигнуваат во Германија преку Полска
Сѐ повеќе мигранти стигнуваат во Германија преку границата со ПолскаФотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Причината за ваквиот развој на настаните е што Полска стана јазол за голем дел луѓе кои сакаат да поднесат барање за азил во Германија. Балканската рута во меѓувреме поминува низ Полска. Покрај тоа, тука е и Русија, која заедно со Белорусија продолжува да испраќа мигранти кон ЕУ. Нејасно е меѓутоа дали  трговијата со визи во Полска, за која во моментов се дискутира, може дополнително да ги зголеми бројките. 

Транзитен пат преку Полска

Новата Балканска рута, преку која мнозинство мигранти илегално стигнуваат во Германија, веќе не оди од Турција преку Австрија, туку преку Полска до Германија. Според информациите на јавните сервиси ВДР и НДР и весникот „Зиддојче цајтунг“, анкета која меѓу барателите на азил ја спровела Сојузната служба за миграции и бегалци (БАМФ), покажува дека посебно Сиријците преку Србија, Унгарија и Словачка, а делумно и преку Чешка, стигнуваат во Полска.

Во безбедносните кругови можат да се чујат различни причини за новиот правец на Балканската рута. Од една страна, на тоа влијаеја стационарните гранични контроли, кои засега постојат само на границата меѓу Австрија и Германија.

Хрватската гранична полиција граница со БиХ
Се тврди дека хрватската гранична полиција со години применува сила за враќање на мигрантите преку граница во БиХФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Она што исто така ги одвраќа оние кои сакаат да стигнат во Германија е што Австрија очигледно ги регистрира луѓето попрецизно од порано. И на крајот, се споменува хрватскиот граничен режим: според разни извештаи, граничната полиција на Хрватска со години применува сила за враќање на мигрантите преку граница. Значи, движењето по традиционалната Балканска рута е многу отежнато.

Јакнење на криумчарските банди

Според информации од безбедносни извори, ретко која држава по должината на новата Балканска рута е заинтересирана да ги регистрира мигрантите и така да биде одговорна за нивните барања за азил. Се наведува дека криумчарските банди се зајакнати во разни места во северна Србија, а организираниот криминал сега доминира со големи делови од Балканската рута. Имено, миграцијата исто така е бизнис. Криумчарите се обидуваат да направат најдобри можни понуди и да пронајдат рути.

Мигранти на полско-белоруската граница
Мигранти на полско-белоруската границаФотографија: Ulf Mauder/dpa/picture alliance

Руски и белоруски визи

Покрај Балканската рута, мигрантите главно преку Белорусија доаѓаат во Полска, а потоа многумина го продолжуваат патот кон Германија. Податоците на Министерството за внатрешни работи на Бранденбург велат дека околу половина од луѓето од прифатни центри доаѓаат преку Москва и Минск. Многу од нив, се наведува, имаат руски и белоруски визи и претходно живееле подолго време во Турција, но и во Иран или Обединетите Арапски Емирати. 

„Таа рута, со летови и визи за Русија и Белорусија и дополнителен шверц, во целост може да се резервира“, наведува Министерството во Потсдам. Бидејќи тоа е скапа рута, социјалните додатоци подоцна би требало да се користат за отплата на долгот кон шверцерите.

Криминалците и политиката рака под рака

Откако Москва пред две години почна да ја користи миграцијата како „оружје“ против ЕУ, безбедносните органи ја следат ситуацијата на таа рута. За разлика од тогаш, германските безбедносни органи моментално не гледаат никаков руски мастер план зад тоа.

Русија навистина свесно го контролира издавањето визи и дури во средината на 2022 година дополнително ја поедностави процедурата за нивно добивање, но безбедносните извори наведуваат дека во последните две години на таа рута е воспоставена вистинска шверцерска индустрија. Криминалците и политиката работат рака под рака. 

Мигранти на полско-белоруската граница
Полска тврди дека мигрантите кои стигнуваат преку Белорусија се сѐ поагресивниФотографија: Attila Husejnow/SOPA/ZUMA/dpa/picture alliance

Агресивен пристап

Во секој случај, денес помалку мигранти одат по директна рута од Белорусија во Полска, што секако има врска со строгата полска контрола на границата, за што повеќепати е обвинета за кршење на законите.

Полската влада објаснува дека преминот на границата од Белорусија станува сѐ поорганизиран и поскриен и дека е под руска контрола. Пристапот е агресивен, на пример се фрлаат камења на граничните службеници. Според извештаи од Варшава, Белорусија не само што пренесува мигранти со возила до границата, туку и ги опремува со скали, алати за сечење и камења.

Сѐ поголемата ескалација на полско-белоруската граница неодамна очигледно довела до создавање на алтернативни рути: на север на Литванија и на југ преку Украина до Полска. Германските безбедносни кругови тврдат дека Белорусија одредени делови од границата постојано практично им ги става на располагање на криумчарите.

Инструментализација на миграцијата

Фронтекс, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, претпоставува дека Русија ќе продолжи да ја користи миграцијата како хибридно средство: во тукушто објавената анализа на ризици, се наведува раст на веројатноста дека  Русија и Белорусија ќе ги инструментализираат мигрантите.

Тоа не се однесува само на рутата на исток, истакнува Фронтекс. Русија исто така има сојузници на јужните надворешни граници на ЕУ. Тие би можеле да дејствуваат во интерес на партнерите од Москва, а тоа би можело да го зголеми притисокот на други граници.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи