Полска: Скандал кој ПиС може да го чини изборна победа?
19 септември 2023Четири недели пред парламентарните избори кои се закажани за 15 октомври, се чини дека владејачката партија во Полска, Право и правда (ПиС), падна во стапица која сама си ја постави. Полските десни популисти со години подбуцнуваат против бегалците од оние земји во кои муслиманите се мнозинство. Во текот на предизборната кампања, политичарите за гласови на избирачите се борат и со пароли како „Сигурна иднина за Полјаците“ и тврдат дека само тие можат да ја спасат земјата, а и Европа, од тоа да бидат „преплавени“ од илегални имигранти од Африка и од Азија. На референдумот кој ПиС сакаше да го одржи паралелно со парламентарните избори, а за партијата да мобилизира што повеќе гласачи, две од четири прашања беа поврзани со миграцијата.
Најновите откритија на независни полски медиуми сепак ја ставија под знак прашање веродостојноста на владата на партијата ПиС. Имено, како што пишуваат, при издавањето визи во полските конзулати вон Европа имало и одредени неправилности. Ако се потврдат сомневањата, тоа би можело сериозно да го разниша имиџот на партијата која во јавноста се претставува како единствен гарант на безбедни граници.
Прва смена поради скандалот?
Кога на 31 август оваа година заменикот полски министер за надворешни работи Пјотр Вавржик, инаку човек кој беше задолжен и за надзор над полските дипломатски претставништва ширум светот, одеднаш доби отказ, само малубројни инсајдери ја знаеја вистинската причина за таа одлука. Тој го загуби и местото на изборната листа на ПиС, кое дотогаш изгледаше сигурно. Дури во втората недела на септември на светлина излезе информација дека Државното обвинителство на Полска во март годинава покренало истрага поради сомневање за неправилности при издавањето визи. Во меѓувреме се уапсени седум лица, а три сѐ уште се во истражен затвор.
Полската опозиција веднаш ја „намириса“ својата шанса. Непосредно пред изборите да се „раскринка“ ПиС како лицемерна партија во поглед на миграциите, се чинеше дека работите за опозицијата не можат да бидат подобри. „ПиС ги издаде своите сопствени идеали, своите вредности. ПиС вети безбедност, а предизвика опасност“, изјави на 18 септември Михал Шчерба, пратеник од најголемата опозициска партија Граѓанска платформа (ПО) за телевизијата ТВН. По минатонеделната контрола во Министерството за надворешни работи во Варшава, опозицискиот лидер Доналд Туск објави дека се спорни околу 250.000 полски визи издадени на луѓе од Африка и Азија во последните 30 месеци.
„Подмачкување“ полски службеници
Судејќи според извештаите на порталот „Онет" и дневниот весник „Газета виборча“, досегашниот вицешеф на полската дипломатија е одговорен за системот на издавање визи кој во пракса овозможувал забрзана постапка - со плаќање мито. Токму тој, како што пишуваат полските медиуми, вршел притисок врз полските конзулати за тие по забрзана постапка да издаваат визи на лица кои тој ги избрал.
Според „Онет“, 36 индиски граѓани на пример добиле шенгенска виза врз основа на нивните тврдења дека се филмски работници од Боливуд. Полскиот портал пишува дека уште во текот на постапката за изадавање визи било познато името на фирмата за која наводно работеле, а со подоцнежна истрага се испоставило дека „кореографот“ на пример воопшто не знае да танцува, а „маскерите“ никогаш не ни работеле на филм. Станувало збор за визи кои, меѓу другото, на нивните сопственици им овозможиле влез во Мексико, од каде може полесно да се премине преку границата во САД. А токму тоа, како што пишува „Онет“, и го направиле членови на наводниот индиски филмски тим – 21 од 36, колку што добиле полска виза.
Голем скандал или само „глупост“?
Владејачкиот табор се обидува да ја релативизира аферата, да го минимизира нејзиното значење и димензии. „Туск зборува за стотици илјади визи. Тоа е лага, лага и уште еднаш лага“, изјави шефот на ПиС, Јарослав Качински на еден предизборен митинг, напаѓајќи го својот најголем ривал во кампањата.
„Нема таква афера. Нема ни аферичка. Тоа била само една глупава идеја со криминална позадина“, тврди шефот на полските десни популисти. Министерот за правда Збигњев Зиобро обелодени дека со истрагата се опфатени само 268, а не 250.000 случаи. На мета на државните обвинители се нашле, меѓу останатите, конзулати во Индија, на Филипини, во Сингапур и Хонгконг, како и на Тајван. Според Зиобро, корупцијата ја открила полската тајна служба. Медиумите кои не се владини тврдат меѓутоа дека странски тајни служби, а пред сѐ оние од САД, се тие кои ги предупредиле полските власти.
„Нема афера. Нема ни афериче? А можеби има сепак афериче?“ Така либералниот опозициски лидер Доналд Туск на социјалната мрежа Х (бивши Твитер) ги коментира зборовите на Качински. Опозицијата бара оставка на министерот за надворешни работи Збигњев Рау, што тој ја отфрла. „Немаше никаква афера со визи“, рече тој овој понеделник во Њујорк и пред новинарите нагласи дека неговиот ресор во последните две и пол години издал речиси два милиона визи, главно на државјани на Украина и на Белорусија. Рау смета дека сегашната дебата во јавноста е „каскада на лажни вести“.
Решителни потези на полската влада
А дека аферата во владејачката партија всушност се посматра многу сериозно, покажуваат и мерките кои на 15 септември ги презеде полската влада. Шефот на правната служба во Министерството за надворешни работи Јакуб Осајда, инаку човек од доверба на Вавржик, доби итно отказ. Во конзуларното одделение на Министерството, односно во сите полски конзулати ширум светот, наложено е спроведување контроли. Освен тоа, откажани се и сите договори со приватни фирми кои работеле како посредници при работите за издавање визи.
Во медиумите под контрола на владејачката ПиС, аферата со визи воопшто не се споменува. Државната ТВ Полска наместо тоа известуваше за голем број мигранти кои стигнале на Лампедуза. За да го урне тој „ѕид на молк“, политичарот на опозиционата ТО, Томаж Гродзки во петокот, 15 септември, го искористи ТВ-обраќањето во најгледаниот вечерен термин, што државната телевизија мораше да го пренесува во живо.
Гродзки е имено претседател на Сенатот, горниот дом на полскиот парламент и има право на такви настапи, односно преносот да биде во живо. „Аферата со визи досега е најголемиот полски скандал во 21 век“, рече политичарот од ПО. Само еден ден подоцна му возврати претседателката на Претставничкиот дом, Сејмот, политичарка од ПиС, Елжибјета Витек: „На лагите мора да се одговори“, рече таа и својот ТВ-настап го искористи за да ја нападне опозицијата: „Туск значи дека Лампедуза ќе биде во Полска“, предупреди таа.
Што е со Шенген?
Некои Полјаци, поради аферата околу издавањето визи, се загрижени и околу останувањето на земјата во Шенген. „Ако се потврдат сомневањата, тогаш Полска ќе биде исфрлена од Шенген“, предупреди бившиот полски амбасадор во Летонија и Ерменија, Јержи Марек Новаковски.
Во анкетата која овој понеделник ја спроведе дневниот весник „Ржечпосполита“, 30 проценти од испитаниците сметаат дека визната афера ќе ѝ наштети на владејачката ПиС на претстојните избори. Околу 40 проценти меѓутоа сметаат дека десните популисти ќе го пребродат и тој скандал без сериозни последици.