1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема пролонгирање- пасошите мора да се заменат што поскоро

ДТЗ
28 февруари 2024

Пратениците на СДСМ и ДУИ не го поддржаа предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за пролонгирање на рокот на важноста на старите пасоши со „Република Македонија“ до крајот на годината.

https://p.dw.com/p/4cz4V
пасоши
Нема пролонгирање- пасошите мора да се заменат што поскороФотографија: Petr Stojanovski

Пратениците денеска не дадоа зелено светло за пролонгирање на важноста на пасошите, по хаосот кој се создаде со стапувањето на сила на Договорот од Преспа, со кој по 12 февруари во употреба се само документите со „Северна Македонија“. 

Од вкупно 100 пратеници, „за“ гласаа 46 пратеници, додека 54 гласаа „против“ предлогот на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се продолжи важноста на пасошите со старото име до 31 декември 2024 година, како што по итна постапка веќе беа направени измени за возачките дозволи 

Изолација 

„Пратениците на ДУИ и нивните слуги од СДС дополнително ја влошија состојбата која свесно и намерно ја создадоа со пасошите. Нашиот предлог закон за измени и дополнувања со кои баравме да се продолжи рокот на важење на пасошите издадени со име Република Македонија, а кои имаат важност, беше одбиен од тие што го создадоа проблемот“, изјави Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, „одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе во пресрет на сопствените граѓани кои ги изолираа од останатиот цивилизиран свет е невиден феномен посебно имајќи во предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да отпочнеме преговори со Европската Унија“. 

собрание
Пратениците на СДСМ и ДУИ не го поддржаа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пролонгирање на рокот на важноста на пасошитеФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Секоја држава носи своја одлука 

Во пресрет на собраниската седница, Делегацијата на ЕУ во земјата во изјава за МИА порача дека е важно Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор.

Според нив, признавањето на патните исправи со старото уставно име на државата е работа на секоја држава поединечно.

Проценките се дека околу 650 илјади граѓани со стари пасоши не можат да ја напуштат Северна Македонија.  Согласно Договорот од Преспа потпишан со Грција, излез од земјата им е дозволен само на оние кои поседуваат документи со „Северна Македонија“, додека влез во земјата од странство е дозволен со патни листовикоишто се издават во дипломатско-конзуларните претставништа.