Наскоро „свидетелство“ за владеење на правото во РСМ
4 јуни 2024Европската комисија ги подготвува извештаите за владеењето на правото и за членките и за четирите земји-кандидати за ЕУ - Северна Македонија Србија, Црна Гора и Албанија. Како што објави порталот European Western Balkans, според официјални информации од Европската Комисија, извештаите треба да бидат објавени во ист ден, на 3 јули, иако не е исклучено да има промена.
Според ЕК, донесена е одлука за отворање на Извештај за владеење на правото за 2024 година за четирите земји-кандидатки, бидејќи овие земји се најнапредни во посочениот процес на пристапување или кога станува збор за нивото на подготвеност во однос на прашањата за владеењето на правото.
Прва која најави дека ЕК ќе објави извештаи за владеењето на правото и во земјите кандидати беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во обраќањето за „Состојбата на Унијата“ од 13-ти септември 2023 година, таа објасни дека тоа ќе биде направено за земјите-кандидатки да можат побрзо да напредуваат кон членство во ЕУ.
Еднаква методологија за сите
Според дипломатски извори, иста методологија ќе се применува и за проценка на состојбите во земјите членки на ЕУ и вo земјите кои претендираат да ѝ се приклучат на Унијата.
Како што наведува EWB, тоа подразбира дека Европската комисија ќе ја оценува состојбата на владеењето на правото во земјите кандидати со примена на истите критериуми како и за земјите кои се членки на ЕУ. Се очекува деталните описи и препораки наведени во овие извештаи да овозможат јасна споредба на ситуацијата меѓу земјите-кандидати и земјите-членки на ЕУ, со што ќе се обезбеди уште попрецизен увид во „хроничните“ тешкотии со кои се соочуваат земјите кои претендираат да ѝ се приклучат на Унијата.
Според ЕК, извештајот се заснова на транспарентна и објективна методологија, земајќи ги предвид специфичните национални контексти и традиции, и ист третман на сите земји-членки.
„Секоја година циклусот на известување за владеењето на правото придонесува за одржување на здравите основи на европската демократија“, посочува ЕК.
Целта на годишните извештаи е да се процени состојбата на владеењето на правото во секоја земја-членка, како и во ЕУ во целина, да се откријат и спречат нови проблеми и да се поддржат реформите во доменот на владеењето на правото. Извештаите за владеењето на правото за прв пат беа објавени во 2020 година, како почетна точка „за конструктивни дискусии и интензивна размена на најдобри практики меѓу земјите-членки, и на политичко и на техничко ниво, во Европскиот парламент и националните парламенти“.
Исти предизвици, иста состојба
Претстојниот извештај за владеење на правото ќе ги анализира случувањата во доменот на владеењето на правото во четири области: судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и плурализмот и пошироките институционални прашања поврзани со правото.
Во ланскиот годишен извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија, за две од овие области беше нотирано дека нема напредок – ниту во судството, ниту и во борбата со корупцијата, а во голема мера влијание на тоа имале измените на Кривичниот законик, што беа изгласани во брза собраниска процедура.
„Нема напредок во судството минатата година. Судскиот систем останува на одредено и умерено ниво на подготовка“, беше наведено во минатогодишниот извештај. Во него беше наведено дека корупцијата останува распространета во многу области, прашање кое беше оценето како загрижувачко.
Со оглед дека првата половина од годинава речиси комплетно изминува во активности поврзани со неодамна завршените двојни избори -претседателски и парламентарни, периодот не беше искористен за мерки за подобрување на состојбите во посочените области. Единствено на крајот од мај се конститураше Советот за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028).
„Со оглед на тоа што како држава треба да испорачаме резултати во однос на реформските процеси во земјата, бидејќи се надеваме дека многу скоро ќе ги започнеме преговорите за полноправно членство во ЕУ, донесувањето на оваа Стратегија беше од исклучителна важност која во иднина ќе се цени и од аспект на усвојување на Реформската агенда на Република Северна Македонија од страна на Советот на Европската Унија”, рече министерот за правда во заминување, Кренар Лога.
Медиумите под лупа
Се очекува во претстојниот извештај ЕК да ја повтори својата позиција дека борбата против корупцијата останува клучна за зачувување на владеењето на правото и довербата на граѓаните во јавните институции и дека сеопфатниот пристап во борбата против корупцијата мора да вклучува комбинација од превентивни и казнени мерки.
Кога станува збор за медиумите, се очекува ЕК да ја нагласи неопходноста од слобода на медиумите и плурализам.
Овие документи ја оценуваат и работата на медиумските регулатори. Минатата година некои земји (Унгарија, Словенија, Полска) беа критикувани за недостиг од заштитни мерки против несоодветно политичко влијание врз процесот на назначување или функционирањето на регулаторните тела. Исто така, еден од сегментите опфатени во извештаите за владеење на правото се однесува и на испитувањето на сопственичката структура на медиумите.