1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков е развојот со или без ЕУ

13 април 2024

Зошто Македонија во 2000 година имаше БДП по жител 1.861 долари, а Бугарија 1.621? И зошто во 2022 Бугарија отиде до 13.970, а Македонија само до 6.590? Одговорот нема да им се допадне на многумина. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4eiRt
Скопје, Северна Македонија
Каков е развојот на Македонија со или без ЕУФотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

Не само за време на последниве седум-осум месеци, а и за време на оваа изборна кампања, туку и повеќе години наназад се води една повеќе фиктивна дебата отколку заснована на факти и истражувања за тоа дали членството во ЕУ ќе може значително да ѝ помогне на Македонија во нејзиниот економски и општествен развој и дали без Унијата државава е способна  да усвои многу од нејзините стандарди.  Се споменуваат аргументи дека и без ЕУ Македонија може да напредува со побрзи чекори, дека владеењето на правото и  борбата со корупцијата  може да биде подеднакво ефикасна и кога не сме членки на Унијата.

Се разбира, на тие тврдења може малку да им се забележи ако сите општествени структури се навистина подготвени да влезат максимално храбро и со целосна  подготвеност за реформи,  преструктуирање на економијата, начинот на работата на јавната администрација, судството да разбере и да се посвети дека навистина може да биде независно, а граѓаните да бидат подготвени и на жртви за да може да се оди напред.

Но, главното прашање е дали сите структури – и бизнисот, и политиката, и администрацијата, и граѓаните – се подготвени да влезат во таков сериозен ризик. Кога, особено во преговорите по поглавјата, ќе мора да се преврти преку глава огромен дел од  нашиот начин на живеење и однесување. Тоа е главниот проблем на ова општество, а не уставните измени. И изгледа дека од тие големи реформи и начинот на однесувањето граѓанството и политиката е повеќе исплашено отколку од внесувањето на Бугарите во Уставот. Затоа што е полесно да се најде една фиксација и  таму да се бараат причините за нашите неуспеси.

Лажната приказна за Европската економска зона

Од време на време, некој ќе ја спомене идејата дека, кога веќе не можеме да ги направиме уставните измени и да тргнат регуларните преговори, би требало да се обидеме да се приклучиме кон Европската економска зона (ЕЕЗ) и така со заштитен Устав и македонска гордост да се развиваме. Тоа тврдење не само што е фантазмагорија, туку е и лажно и изгледа неверојатно како некои економисти и политичари ја споменуваат таа идеја без да ги споменат и фактите.

За нив, накратко. ЕЕЗ е составена од сите држави на ЕУ, плус три кои не се членки на Унијата - Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Тие три земји се најбогатите во Европа Малиот Лихтенштајн (39 илјади жители) има БДП по жител од фантастични 197.500 долари (Македонија едвај 6.590). Норвешка 106.000 долари, а Исланд 73.460 долари. Дури и една Германија е далеку зад нив со 48.700 долари по жител.

Овие три земји се обврзани да даваат економска помош за 14 земји-членки на ЕУ. Па, така, во периодот од 2014 до 2021 Норвешка, Лихтенштајн и Исланд одделија фантастични 2,8 милијарди долари за да се намали економската и социјалната разлика меѓу тие 14 нови членки на ЕУ од Источна и Централна Европа со побогатите држави. Од 2004 до 2014 одвоија исто толку пари. Што е најинтересно, според договорот со ЕУ, тие мора да ги почитуваат законите што ги носи Европскиот парламент и во нивните земји, иако не можат да учествуваат во нивното носење.

И сега, со овие аматерски лажливи приказни Македонија треба да се обиде да им се приклучи на трите земји (преговорите меѓу ЕУ и Швајцарија пропаднаа поради неподготвеноста на алпската земја за договор) и преку ЕЕЗ да одвојува пари за да помогне во развојот на Бугарија, Романија, Унгарија, Чешка, Естонија... Изгледа налудничаво и отаде од разумноста, затоа што е невозможно. Дури и членството во ЕУ не е гаранција дека закономерно веднаш се станува членка на ЕЕЗ. Некои држави чекаа со години, а за Хрватска, иако е во ЕУ од 2013, уште не е стапен во сила договорот за членство во ЕЕЗ, иако беше обврзана да поднесе апликација веднаш откако државата стана дел од Унијата. Овие лажни приказни почнуваат да се кажуваат во Македонија за некои од актерите да се оддалечат од главните агенди.

Скопје, Северна Македонија
Во земјата одвреме навреме повторно се пласира лажната приказна за влез на Македонија во ЕЕЗФотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

За да одговориме на прашањето дали земјите можат да се развиваат еднакво или приближно успешно и ако не се дел од ЕУ наједонставно е да се послужиме со факти. А и со еден труд на Јан Хегемејер и Јан Михалек насловен „Економското влијание на источното проширување на ЕУ врз новите земји-членки“, објавен 2021. Клучниот заклучок на Хегемејер и Михалек преку повеќе споредбени анализи за 10 земји е дека  членството во ЕУ  носи значителни придобивки. За пет од 10-те анализирани земји, 12-годишната добивка во нивоата на БДП по глава на жител во однос на сценариото да не се членки на ЕУ е најмалку 30 проценти. Тие заклучуваат дека придобивките се долготрајни и се зголемуваат со текот на времето: за многу од анализираните земји, пресметаната добивка се удвоила помеѓу шестата и 12-тата година по пристапувањето во ЕУ.

Посиромашните повеќе профитираат од членството во ЕУ

Друг важен заклучок е дека порастот на БДП по жител бил помал во земјите кои влегоа во ЕУ со релативно високи нивоа на економски развој и пристојна физичка инфраструктура. Тука спаѓаат Словенија, каде зголемувањето на перформансите беше блиску до нула, како и Чешка и Унгарија каде пресметаните добивки се движат од три отсто до 10 отсто и од седум отсто до 28 отсто по 12 години.

Од друга страна, добивките беа значително поголеми во Полска, Словачка и балтичките земји, надминувајќи 50 отсто од дополнителниот БДП по глава на жител за 12 години по пристапувањето.

Тоа значи дека посиромашните многу повеќе профитираат од членството во ЕУ и нивниот чекор е поголем во достигнувањето на перформансите на побогатите.

Како изгледа тоа преку бројки. Ќе ги земеме податоците на Светска банка за Бруто националниот производ и за БДП по жител и ќе направиме споредба со Македонија.

На пример, Македонија и Бугарија: во 1997 година Македонија имала 1.959 долари БДП по жител, а Бугарија 1.361. Во 2000 и 2006 нивото е речиси исто (Македонија има 1.861 и 4.079, а Бугарија 1.621 и 4.523 долари). Членството на Бугарија ѝ донесе ракетен напредок, барем што се однесува спрема Македонија – во 2010, три години откако влезе во Унијата, таа стигна до 6.863, во 2017 на 8.381, а во 2022 за нас фантастични 13.974 долари.

Потрошувачка продавница
Посиромашните членки повеќе профитираат од влезот во ЕУ Фотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Во исто време  Македонија прави само мали чекори напред  и се држи до бројките на поднослива сиромаштија – во 2010 БДП по жител беше 4.577, во 2017 - 5.450, а во 2022 - 6.591 долари.

И ако ове не е доволно за споредба, еве го и вкупниот БДП. Во 1997 Бугарија имала 11,32 милијарди долари БДП, а Македонија три пати помал – 3,91 милијарди. Големината на земјата секако игра улога. Но видете што станува во 2017 – Бугарија има БДП од 59,31 милијарди долари, а Македонија 11,31; за Бугарија да скокне во 2022 на фантастични 90,35 милијарди долари, а Македонија да стигне на 13,56.

Според последните пописи на населението Бугарија има 3,5 пати повеќе жители од Македонија, но во 2022 нејзиниот БДП е за 6,6 пати поголем. Дали ние не знаеме како да водиме економија или прашањето е какви можности ѝ даде членството во ЕУ на Бугарија. Сигурно дека второто е поважно, не само поради напливот на странски инвестиции, туку и поради милијардите евра од Унијата што се влеваат во Бугарија за помош на нејзината економска трансформација.

Растежот на други земји е уште поголем. На пример, Летонија, која има ист број жители како Македонија, во 1997 година имаше БДП по жител 2.683 долари. Во 2000 таа стигна до 3.361, а две години по влезот во Унијата, во 2006, бројката да се искачи на 9.723, за сега да има 21.779 долари БДП по глава на жител.

Кога ќе се приближиме ние до Летонија? Никогаш ако останеме надвор од Унијата. Па дури и да влеземе во наредните 10 години ќе биде тешко возможно. А да не зборуваме за земјата којашто е постојано место за дигитален аџилак на многу македонски влади – Естонија. Во 1997 година таа имаше БДП по жител 3.682 долари, а во 2022 за нас вселенски недостижни 28.247.

Може да ги наведеме и примерите и од Хрватска и Словачка (таму во погоните на разни производители во 2023 година беа произведени 1,1 милион автомобили, што е фантастична бројка). Секаде споредбата ќе биде поразителна за Македонија, па макар колку и да била горда и достоинствена.

Јан Хегемејер и Јан Михалек во нивното истражување заклучуваат дека создавањето на правната држава во земјите што пристапиле кон ЕУ не се случило автоматски и целосно, дека ЕУ покажала наклоност кон оние држави кои покажале волја за спроведување на владеењето на правото. И дека надворешниот притисок, особено во претпристапните преговори, го олеснил процесот на транзиција и создавањето на институции за владеење на правото. Според нив, за ЕУ е важно барањата за структурни и институционални реформи да даваат резултати на долг рок, а не да има фалби со некои инстант успеси.

Но ништо не е еднаш засекогаш дадено. Евроскпетицизмот е во пораст кај некои од новите земји-членки. Во Унгарија и Словачка некои од придобивките од членството во ЕУ стануваат реверзибилни (особено владеењето на правото и корупцијата). А во исто време вложувањата во инфраструктурата преку европските фондови остануваат – патните и железничките мрежи не може да ги фати реверзибилниот процес.

Може ли Македонија да учи од овие примери за економскиот растеж? Се разбира дека – да. Знае ли како да научи? Одговорот е комплициран. Сака ли да научи? Одговорот е уште покомплициран. Дали на некои структури во државава и во бизнисот и во политиката им одговара Македонија само да чука на европските порти, а никако да влезе. Тоа е повеќе од сигурно.

Граѓаните треба да си го постават пред себе прашањето и искрено да си одговорат – дали е подобро Македонија да има 6.500 долари по глава на жител, или како Летонија 21.770. Тој вистински одговор, па макар бил и внатрешен, може да расчисти многу магли и пајажини.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи