1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Виктор Орбан прогнозира пропаст на САД и Европа

Кено Верзек
25 јули 2023

Во својот традиционален говор во трансилванскиот град Бајиле Тушнад, унгарскиот премиер Виктор Орбан прогнозираше пропаст на САД и Европа. Според него, Унгарија под негово водство повторно воскреснала.

https://p.dw.com/p/4ULYX
 Виктор Орбан, премиер на Унгарија
Виктор Орбан, премиер на УнгаријаФотографија: Beata Zawrzel/ZUMA/picture alliance

Југоисточна Трансилванија е идилична област. Речиси нема индустрија, недопрена природа насекаде. Селата се чини како да се од некое минато време, животот во нив изгледа како отворен музеј.

Овде, во провинцијата Тинутул Секујест (Земја на Секељите), живее најголемиот дел од романското малцинство во Унгарија - околу 600.000 луѓе. За Унгарците оваа област има митско значење, бидејќи секељските Унгарци го зборуваат традиционалниот унгарски јазик и се сметаат за горд, слободољубив народ, кој е исклучително многу свесен за своите традиции.

Во планинското одморалиште Бајиле Тушнад, партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан повеќе од 30 години секој јули организира таканаречен бесплатен летен универзитет. Долго време тоа беше форум за романско-унгарски дијалог, дијалог меѓу политичарите на две нации кои историски биле исто толку непријатели како што некогаш беа Германија и Франција. Меѓутоа, во последната деценија, Летниот универзитет во Бајиле Тушнад беше на насловните страници, главно поради тоа што унгарскиот премиер Виктор Орбан тука редовно си даваше оддишка во своите говори.

Виктор Орбан  Ласло Токеш (десно) Бајиле Тушнад
Виктор Орбан зборува покрај унгарскиот свештеник Ласло Токеш (десно), на летниот универзитет во Бајиле Тушнад, Романија (27.07.2022)Фотографија: Szilard Koszticsak/dpa/MTI/AP/picture alliance

Слаб Запад, силна Унгарија 

Унгарскиот премиер овде го одржа својот најважен програмски говор годинава. И тоа надвор од Унгарија, но во област која до 1918 година беше дел од унгарскиот дел на Австро-Унгарија. Во 2014 година, во Бајиле Тушнад, Орбан за првпат го претстави својот концепт за „илиберална држава“, а минатата година рече дека Унгарците не сакаат да станат „мешана раса“.

Општо земено, Орбан на настапите овде се претставува истовремено и како пророк на пропаст и како спасител. Тој исцртува слика на слаб, дегенериран Запад, кому му ја спротивставува сликата за силна, христијанско национална Унгарија под негово водство. Патем, како да не е на територијата на Романија, унгарскиот премиер сака полемички и непријателски да ѝ се обраќа на Романија, како Трансилванија да е сè уште дел од Унгарија, а тој, Орбан, како да е газда на куќата.

Виктор Орбан на самит на ЕУ во мај 2022 година
Виктор Орбан на самит на ЕУ во мај 2022 годинаФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/picture alliance

Почеток на едно „убаво пријателство“? 

Сепак, оваа година се чинеше дека претстои изненадување. Орбан пред неговиот говор во Бајиле Тушнад за првпат по многу години отпатува во Букурешт и се сретна со актуелниот романски премиер Марчел Чолаку. Неговата Социјалдемократска партија (ПСД) е идеолошки многу блиска со деснонационалистичката партија на Орбан, Фидес. За време на приватен ручек, Чолаку и Орбан претставија огромен проект за брза железничка врска помеѓу Будимпешта и Букурешт, а унгарскиот премиер, исто така, лобираше за романски инвестиции во неговата земја. Орбан потоа на Фејсбук за средбата напиша: „Ова е почеток на едно убаво пријателство“.

Но, секој оној што очекуваше дека унгарскиот премиер сега ќе заземе малку поумерена позиција во Бајиле Тушнад, како кон Романија, така и кон Европа, беше разочаран. Говорот на Орбан беше саркастична, на моменти жестока полемика против Западот, САД и ЕУ. Западните вредности, според Орбан, се „миграција, ЛГБТК и војна“. САД ја загубиле својата водечка позиција во светот поради Кина и затоа се опасни и може да го турнат целиот свет во војна, уверуваше унгарскиот премиер. ЕУ сака преку мигрантите да го спроведе проектот за „размена на население“ и се обидува да ги поткопа традиционалните христијански основи на Европа преку „ЛГБТК идеологијата“, вели Орбан.

Секељски Унгарци Трансилванија
Секељски Унгарци во Трансилванија, на прослава на националниот празник на Унгарците во светот, 15.03.2013Фотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

„Просветителството не успеа“ 

Орбан го прогласи големиот европски проект на просветителство за неуспешен. „Пред повеќе од 200 години, левичарските интернационалистички и либерални интелектуалци и политички лидери мислеа дека со отфрлање на религијата и христијанството ќе се создаде идеална просветлена заедница“, рече Орбан. „Тоа беше чиста илузија. Отфрлајќи го христијанството, ние всушност станавме хедонистички пагани“, оцени тој.

Според Орбан, Унгарија е единствената земја во Европа која од ова извлекла правилни заклучоци - затоа што го има единствениот устав во Европа кој не е фокусиран на „јас“, туку на „ние“. Не попусто новиот унгарски устав бил прогласен на Велигден 2011 година - алузија на празникот воскресението и победата над смртта.

„Трансилванија не е романска“ 

И на крајот, Орбан го уништи она мало „убаво пријателство“ со Романија, кое всушност сè уште не беше ни започнато. Тој го исмеваше својот колега Чолаку како „20-ти премиер на Романија“ откако Орбан ја презеде функцијата во 2010 година (што, патем, е погрешно). И, се потсмеваше на дипломатската нота што ја добил од Министерството за надворешни работи на Романија, во која се барало тој да не зборува за одредени работи кои се „чувствителни за Романија“. Орбан, меѓу другото, цитираше дека не требало да зборува за „непостоечки романски административни области“ - алузија на барањата на Унгарците за автономија во Тинутул Секујест. „Никогаш не сме тврделе дека Трансилванија и Тинутул Секујест се романски територијални единици“, тврди Орбан. Тоа беше делот од говорот кој доби најдолг аплауз.

Виктор Орбан Унгарија
Инаугурација на унгарскиот премиер Орбан , 16.05.2022Фотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Сè на сè, унгарскиот премиер во својот говор не презентираше ниту една значително нова идеја или нешто што веќе не го кажал во оваа или онаа форма, понекогаш отворено, понекогаш тајно. Меѓутоа, она што е ново и вредно за одбележување во овогодинешниот говор во Бајиле Тушнад е длабочината на неговиот антиамериканизам и неговиот презир кон Европа, како и неговото величење на Кина и демонстрантивна попустливост кон Русија. Она што е ново исто така е сѐ поголемото самоволие со кое Орбан ги искривува фактите, на пример кога зборува за просветителството или кога го обвинува „Западот“ дека војната е нешто што се негува како вредност. 

Носталгија за „Голема Унгарија“ 

Орбан со години настапува и како носталгичар по „Голема Унгарија“ - на пример во својата работна соба има обесено историска карта на „Голема Унгарија“, која ја опфаќа и Трансилванија и делови од Хрватска. Она што е ново е што тој отворено се прашува дали Трансилванија и Тинутул Секујест ѝ припаѓаат на Романија, иако притоа користи рафинирани и формално точни тврдења дека тоа не се романски административни области, туку официјално станува збор за тоа дека Романија има 41 окрузи. Значи станува збор за поигрување со термини.

Нејасно е какви дипломатски последици ќе има говорот на Орбан. Единствено чешкиот премиер Петр Фијала остро го критикуваше Орбан откако рече дека Чешка „паднала“ кон Брисел. Засега нема официјални изјави за говорот на Орбан во Романија, ниту во Брисел или Вашингтон. Се чини како да владее умор од провокациите на унгарскиот премиер. Истовремено, молкот може да биде и знак за тоа колку Унгарија во меѓувреме е меѓународно изолирана. Самиот Орбан не сака да остави никаков сомнеж за што се залага и што да се очекува од него. Во својот говор тој рече: „Немаме друг избор. Иако ја сакаме Европа, иако е наша, сепак треба да се бориме“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема