Валканиот развод на Полска и Унгарија
10 јуни 2023Пролетта 2022 година унгарската амбасада во Варшава доби невообичаена пошта: пакет кој шири исклучително непријатен мирис. При отворањето се утврдило дека пакетот содржи фекалии. Нејасно е дали човечки или од животни. Случката која досега не ѝ беше позната на јавноста, неодамна ја обелодени истражувачкиот портал „Директ36“ во долг напис за релациите меѓу Полска и Унгарија. Пакетот не е единствената пратка од тој тип што во тоа време, само неколку недели по почетокот на војната во Украина, пристигнала во унгарската амбасада во Варшава. Поради прорускиот став на унгарската влада, врз зградата на амбасадата во март 2022 година беа фрлани балони со црвена боја. Неколку недели подоцна гневни демонстранти на оградата од амбасадата закачија транспаренти на кои се претставени унгарскиот премиер Виктор Орбан и рускиот претседател Владимир Путин како наздравуваат со чаши полни нафта. И до денес на интернет страницата на унгарската амбасада во Варшава под објавите може да се прочитаат негативни коментари од Полјаци поради пријателскиот став на Орбан спрема Путин.
Дали Орбан мора да оди на очен лекар?
И од полските владини кругови по почетокот на војната имаше коментари на сметка на Унгарија кои дотогаш се чинеа незамисливи. Јарослав Качински, лидер на владеачката ПиС и прв човек на Полска, пролетта 2022 година во интервју изјави дека ако Орбан не гледа руски воени злосторства во Украина, тогаш мора да оди на очен лекар.
Полска и Унгарија историски всушност се многу поврзани. Заедничката историја датира од врските меѓу династиите од средниот век па сѐ до слободарската борба во 19 век и антикомунистичките побуни во 1956 во Будимпешта и Познањ. Сега меѓу двете земји владее ледено доба, а полско-унгарското пријателство, кое важеше за нераскинливо, е на крај. Тоа не е развод во добар дух, а се чини и дека е конечен. Унгарскиот флерт со Путин долго време ќе остане трн во полското око.
Застрашувачко интервју
Чашата ја прелеа Габор Беренди, шеф на унгарскиот Генералштаб, со своите изјави во телевизиско интервју на почетокот на мај годинава. Во контекст на руската војна против Украина, Беренди нападот на Хитлер врз Полска го означи како „германско-полска војна која започнала како локална војна“. „Ескалацијата”, продолжува Беренди, „не можела благовремено да биде спречена со мировен процес”, што довело до Втората светска војна.
Застрашувачките изјави предизвикаа остра дипломатска реакција од Варшава, па унгарската влада мораше да се извинува. Тоа е само засега најтешкиот, но не и единствениот дипломатски скандал меѓу двете земји.
Разделени патишта
„Патиштата на Полска и Унгарија се разделија“, најави полскиот премиер Моравјецки уште кон крајот на јули 2022. Со тоа реагираше на изјава од Орбан кој рече дека „Унгарија војната ја гледа како судир меѓу две словенски нации, додека Полска се гледа себеси како една од завојуваните страни”. Оттогаш повеќето форми на билатерална соработка се прекинати.
Унгарската влада потпиша нови договори за испорака на гас од Русија, додека Полска целосно прекина со увозот. Во Варшава беа изнервирани од воздржаниот став на Будимпешта во однос на заклучоците на ЕУ за санкции против Русија, како и за членството на Шведска во НАТО, кое и натаму не е ратификувано во унгарскиот парламент. И ставот на унгарската влада дека нема да го спроведе налогот за апсење на Путин издаден од Меѓународниот кривичен суд, доколку тој дојде во посета на Унгарија, во Полска наиде на целосно отфрлање.
Орбан - некогашниот пример
Полската десница подолго време го смета Виктор Орбан за пример. Качински и неговите поддржувачи со завист и восхит гледаа на успесите на партијата на Орбан, Фидес, која од 2010 година на четири избори победува со двотретинско мнозинство. „Длабоко сум убеден дека еден ден ќе ја имаме Будимпешта во Варшава”, се тешеше Качински во 2011-тата, по изборниот пораз против либералниот Туск.
Откако Качински ја презема власта есента 2015 година, оската Будимпешта-Варшава се чинеше перфектна. Двете влади меѓусебно се поддржуваа за да ги спречат казнените мерки од Унијата. Двете успешно се спротивставија на примањето бегалци, пред сѐ од исламски држави, и блокираа европско решение на кризата со мигранти.
Граници на лојалноста
ПиС вредно ги ископира унгарските мерки кои на Орбан му помогнаа да воспостави политичка контрола врз земјата. Како во Унгарија, така и во Полска, Уставниот суд беше пополнет со луѓе блиски до владеачката партија, а потоа и целиот правосуден систем беше превртен на глава. Качински јавниот радиодифузен сервис го стави во служба на неговата партија.
Десноконзервативните елити на двете држави се гледаа како предвесници на една нелиберална контрареволуција, една христијанско-национална алтернатива за либералниот и „гнил“ Запад. Но, во Варшава мораа да прифатат дека и лојалноста на Орбан познава граници кога е во прашање политичката моќ. Полска во 2017 сакаше да спречи денешниот опозициски лидер Доналд Туск да биде избран за претседател на Советот на Европа. Полската влада на гласањето доживеа тежок пораз: 27 премиери вклучително и унгарскиот, гласаа заТуск, против беше само Полска.
Пријателство дури по Орбан
На проруските симпатии кои Орбан по анексијата на Крим не ги ни криеше, ПиС не им придаваше големо значење. Уште во декември 2021 година, кога американските тајни служби конкретно предупредија од руски напад, Качински во Варшава организираше Самит на десноконзервативните партии, меѓу кои и декларирани пријатели на Путин - покрај Орбан и Французинката Мари Ле Пен, присутен беше и шефот на десната шпанска партија Вокс, Сантијаго Абаскал.
Тоа веројатно беше најголемата отстапка во име на пријателството со Орбан што Качински беше подготвен да ја направи. Само два месеца подоцна, со почетокот на руската војна во Украина, од денешна гледна точка започна неминовниот раскин на полско-унгарските релации.
Останува да се види до каде двете земји ќе се поддржуваат во рамки на ЕУ во врска со механизмот за правна држава кој Брисел го активира против Варшава и Будимпешта. Едно е јасно: вистинска пријателска врска меѓу двете земји може да повторно да има дури кога Виктор Орбан и неговиот тим ќе бидат минато.