1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката и бизнисот во корупциска симбиоза

15 декември 2023

САД ни ја испорачаа најновата епидемиолошка слика за корупцијата, а гласачите треба да ги протераат од избирачките листи оние кои ја водеа политиката во изминатите 10 години. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4aAd4
САД Анџела Агелер
Амбасадорката на САД, Анџела АгелерФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пораката од САД е јасна: во изминатите 10 години во Македонија се случил процут на корупцијата. Едно друго истражување, пак, покажа дека на секој трет граѓанин во државата лани му било барано мито. Оваа состојба веќе доби име – епидемија на корупција. А како и секоја епидемија, таа со секој нов ден се шири ако не се преземат мерки за нејзино сузбивање. 

Како дојде малата балканска држава, од неодамна и членка на НАТО, во таква состојба е прашање за милион долари. Но, истовремено не е тешко ни да се одговори. Нема корупција без инволвираност на политички лица од високи места. Ниту еден бизнисмен не може да прави матни зделки ако нема соучесник во политиката било да му биде грб или да му додели тендери со баснословни суми на заработка. Ниту еден политичар нема да се осмели да злоупотребува власт за финансиска корист ако знае дека нема да има заштита од партијата. А партискиот интерес видовме дека е силен кога треба некој да се заштити – преку ноќ беа донесени измени на Кривичниот законик за да се намалат или оневозможат затворски казни и за досегашните сторители на злоупотреби на функцијата и за некои идни како на пример актуелните функционери кои идната година би можеле да се најдат на удар на некоја нова власт. 

Временскиот период од 10 години не е случајно посочен. Тоа е период во кој се вртеа и сѐ уште се вртат важни ликови на македонската политичка и бизнис сцена. Тоа се истите личности кои сега договараа датум на избори, и кои веќе се гледаат себеси на избирачките листи – од премиер до претседател на државата. Ја заслужуваат ли тие нашата доверба? Дали е доволно самиот да не си корумпиран, но да мижиш пред очигледната корумпираност на другите за да не си ја нарушиш комфорната позиција?

Корупција од такви размери заслужува во изминатите 10 години барем еден премиер или претседател да покренеше иницијатива пред обвинителството за актуелен колега пратеник, министер, бизнисмен, да се испита патеката на неговото богатење. Но тоа не се случи. Како беше онаа – врана на врана очи не вади. 

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Ставањето на Кочо Анѓушев на црната листа ја отвори и Пандорината кутија. Но покажа и нешто поважно. Од истрагите за корупција не се исклучени ниту членови на сегашната владејачка гарнитура која се смета за миленик на САД и на ЕУ поради прозападната ориентација. Граѓаните на Македонија немаат ништо против да имаат влада со проевропски дух но не тој да биде параван за тешки дела од корупцијата и организираниот криминал. Затоа, по епидемиолошката слика која ни ја направија американците најлогично е од политиката да заминат сите оние кои извршуваа високи државни функции во изминатите десет години. Тука освен власта спаѓаат и членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои се дел од тој период како некогашни пратеници, министри, градоначалници и други функционери. Само така македонскиот естаблишмент ќе покаже дека го сфатил проблемот со корупцијата и дека сака да направи искрен чекор во нејзиното намалување. 

Поразот на европскиот фронт  

Но, веќе има знаци дека ни најновите податоци не ја отрезнија нашата политичко-бизнис елита. Пред неколку дена беше спроведена алиби акција за рушењето на хотелот „Шар Ан“ што се наоѓаше во склоп на Старата скопска чаршија и кој претставуваше културно наследство и беше дел од заштитената споменичка целина поради што не смеел да биде предмет на продажба. Тој беше срушен и уништен од тие што требало да го штитат и чуваат. Наместо тоа, тие ова културно наследство од непроценлива вредност го претвориле во градежна парцела, а обвинителството за гонење на организиран криминал реагирало како да се работи за објект во Тунгузија оддалечен милиони километри, па наместо да го спречат рушењето тие сега решиле да ја гонат бандата откако ги остварила своите намери.

Овој најсвеж случај најдобро илустрира како во Македонија се штити корупцијата и организираниот криминал, наместо да се гони. И тоа е само капката во морето, во кое и САД, а и ЕУ, кои исто така покажаа цврста решеност да помогнат нашата земја да се справи со ова зло, можат лесно да се удават. 

Поразот на европскиот фронт во Македонија делумно се должи и на корупцијата. Ќе речете – каква врска има корупцијата со европската идеја која треба да ја движи земјата напред. Па има голема врска затоа што за остварувањето на европската идеја треба да се дадат жртви, а нејзините гласноговорници во нашата земја го изгубија кредибилитетот во комуницирањето на идејата со јавноста. Некои поради корупција, а некои поради затворање на очи пред корупцијата со цел да не си ја комплицираат кариерата. Овој затворен круг мора да се отвори и да се дозволи државата да почне да дише чист воздух за да ги обнови капацитетите и ресурсите за предизвиците што ја чекаат на европскиот пат.

Бадијала се повиците на Ковачевски 

И катастрофата што му се случува на судството е дел од тој затруен амбиент. Сите зборуваат за состојбите во највисокото судско тело кое треба да ја чува независноста на судската власт, но ниту еден јавно не проговори дека Судскиот совет се најде на смртна постела поради партиската заштита што ја ужива судијата кој го криеше во фиока предметот со масовното прислушување. Овој случај доби периферно внимание иако е тој вирусот кој влезе во Судскиот совет и го компромитираше до степен Европската унија да се вмеша во неговото повторно поставување на нозе. Не може еден фамозен судија да биде поважен од интегритетот на судската власт, па и од интегритетот на државата во очите на меѓународните фактори. Или пак може, затоа што зад него стои моќна политичка партија. 

Бадијала се сега повиците на Ковачевски дека проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја закочиле европската иднина на Македонија. Некако тоа личи на задоцнетата полициската акција за хотелот „Шар Ан“ во Старата скопска чаршија. Се бараат виновниците откако штетата неповратно е направена. Теоретски гледано точно е дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да ги даде потребните гласови за уставните измени, но пошироката слика кажува и дека владата одамна ја загуби поддршката од јавноста. Зошто е тоа така и покрај историскиот исчекор со НАТО, солидното менаџирање со кризата во енергетиката, враќањето на медиумските слободи и други показатели кои ја издвоија од начинот на практикувањето на власта од страна на Груевски, тоа треба социјалдемократите да си направат длабока анализа. Но и веднаш штом  гребнат под површината, ќе го видат заедничкиот именител на политичкиот неуспех со кој го завршуваат мандатот: корупцијата.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема