1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештајот е добар, за освестување

11 ноември 2023

Оценките за „сериозна загриженост“ во областа на владеењето на правото го објавија крајот на идилата меѓу ЕУ и Македонија што почна по потпишувањето на Преспанскиот договор. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4Ygvz
Европски парламент - македонско знаме
Европски парламент - македонско знамеФотографија: DW/M. Maksimovic

Може да изгледа нелогично, но последниот извештај на Европската комисија во крајна линија е добар за Македонија. Тој го објави завршувањето на идилата што навидум постоеше меѓу  Европската унија и Македонија  неколку години наназад, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор. И особено по егзалтираните изјави на европските челници по ланското усвојување на преговарачката рамка дека конечно е исправена една голема неправда кон нашата земја. И дека е потребен само уште еден чекор.

Ова е потег да нѐ потсети дека изгледа не сме ги слушале пораките дека не треба да се заборави на реформите, дека сите политички чинители се одговорни за состојбата во општеството. И дека оние 6 милијарди евра наменети за Западен Балкан ќе бидат распределувани според реформите и според издржаноста на понудените проекти. Нема веќе ништо бесплатно или на даден збор. Време е за освестување. И при тоа повторно е кажано дека е потребен уште еден чекор – уставните измени, без кој не може да се стапне на друго ниво.

Додека го чекаме тој чекор како сите да заборавија на своите обврски – и Владата, и Собранието, и политичките партии, а особено судството и другите органи на прогонот. Ова општество е познато по тоа на одредени ситуации да им дава неверојатни размери. Целата оваа година ги слушавме изјавите  од претставниците на ЕУ и САД дека местото на Македонија е во Унијата и дека нѐ чекаат таму и потоа постојано зборуваа за реформи, реформи, реформи. Потоа, за чудните работи што се случуваат во Судскиот совет, за исто така чудниот избор на обвинителот што ќе го води одделението за борба против организираниот криминал и корупцијата, за нелогичното оддолжување на процесите покренати од поранешното Специјално јавно обвинителство, за чувањето во фиоки на предметите за високопрофилирани случаи. Дека корупцијата не е само меѓу луѓето во институциите, туку дека таа, на овој или оној начин, ги зафатила сите пори на општеството. И самите граѓани. За најпосле да дојдат измените во Кривичниот законик.

И сега,  кога дојде извештајот  од многу страни течеа оценки со еверестки димнзии во стилот дека Македонија пропадна. Иако според деталната анализа на Институтот за европски политики и покрај „сериозната загриженост“ на ЕУ за состојбата во правосудството и борбата против корупцијата во извештајот, како што рече директорката Симонида Кацарска, Македонија има повисока оценка во кластерот „Темели“ од Србија и од Црна Гора во моментов, иако се понапред во преговорите. Тоа не може да биде утеха, затоа што немањето напредок во поглавјето 23 за владеењето на правото е проблем за вкупните преговори.

Судскиот совет како секта

Извештајот не се однесува само на постапките на власта, тој е анатомска слика на целото општество (и неговата политика и неговата економија), на улогата на владејачките партии, но и на опозицијата. Власта има најголема улога, но тоа е потфрлање на целата држава. Собранието е закочено и длабоко поларизирано, како што се наведува, па речиси ниеден од законите што се поврзани со некакви реформи не може да помине.

Има добри оценки за економијата, многу добри за усогласувањето на надворешната и безбедносната политика со онаа на ЕУ. Но сите ги очекуваа квалификациите за  владеењето на правото. И тие беа онакви какви што постојано се слушаа. Во центарот на сѐ излегува дека е Судскиот совет. Да не ги набројуваме сите скандали поврзани со него последнава година и квалификациите од европски претставници дека е нелегитимно тело. Но може ли некое тело што се претвори во секта да разбере што мислат другите за него. Или како го перцепираат граѓаните. Тоа изгледа како илузија.

Владините претставници од различно ниво по скандалите во Судскиот совет изјавуваа дека тие не можат да се мешаат во судството. Тоа е правилна изјава. Но  Судскиот совет се вмеша во работата на Владата, не директно, туку подземно. И тој  ја поткопа власта.  И довербата на граѓаните во судството, а и на самите судии во професијата што ја работат. Ниедно тело во ниедна држава кое се занимава со ваква одговорна работа не е формирано само од себе. Секаде тоа поминува низ парламентот. Тој го одредува неговиот формат, ја прецизира неговата работа и очекува тоа да придонесе за владеење на правото во земјата. Ако тој орган, како Судскиот совет, силно го поткопува владеењето на правото, ниту владата ниту парламентот не смее да остане настрана. Не може едно тело да ја доведува во опасност перспективата на земјата. Ако која било влада тоа не го гледа, тогаш во перцепцијата на граѓаните, експертите, а и европските партнери, на одреден начин станува соучесник. И без да сака.

Една поранешна претседателка на Советот изјави дека поднесува оставка затоа што била подложена на големи притисоци од политиката и бизнисот. И после тоа си остана во Судскиот совет. Можеби како обичен член е подложена на помали притисоци. Оттогаш си молчи, само што беше дел од групата што ја собори од функцијата нејзината наследничка на начин којшто беше нелегитимен.

Кога претседателот на Судскиот совет ја покани  претседателката на Врховниот суд  да им поднесе извештај за тоа какви тоа притисоци имала (како што кажа во интервју за „Сдк“) тоа изгледаше како да ја викаат на секташка сеанса. Со свеќи и чудни зборови. А во исто време Судскиот совет не побара од својот член да каже некој збор повеќе за притисоците од политиката и од бизнисот. Но, таа е заштитена, таа е од сектата.

Кога ќе чуете од претседателот на Кривичниот суд дека процесите на СЈО не биле долги како што велеше експертската јавност - просечно траеле по 5 години главно во првостепена постапка, ќе разберете каква е дисонанцата меѓу европското и македонското право. Просечниот век на еден судски процес во ЕУ, од пријава до правосилна пресуда, трае 500 дена. А кај нас до првостепена пресуда 1.800 дена!

Власта (која и да е) не може да го гледа тоа незаинтресирано и да вели дека не може да се меша. Не може судството да ги тормози учесниците во процесите, да го доведува до апатија општеството, да изгуби секаква верба во луѓето во тоги, а владата и парламентот да стојат настрана. Тие треба да овозможат услови раздавањето на правото да биде во разумна мерка.  Како судиите ќе одлучуваат  е нивна работа.

Во  Извештајот на ЕК  се наведува дека „на крајот на 2022 година имало 409 судии (22,3 на 100.000 жители), од кои 61,3% биле жени и 157 обвинители (8,5 на 100.000 жители), од кои 55% биле жени. Според ЦЕПЕЏ (Европска комисија за ефиканостна на правдата, тело на Советот на Европа), европските просеци се 22,2 судии и 18,8 обвинители на 21 100.000 жители“. Ако бројот на судии во Македонија е за 0,1 отсто поголем од европскиот просек, тогаш има друг проблем во судството.

Претходната влада се откажа од намерата да направи ветинг на судиите слушајќи ги препораките на ЕУ дека искуството од Албанија не било најдобро. Сега излегува дека таа проценка била погрешна и дека оваа влада ќе биде ставена на тапет затоа што ги остави работите такви кави што се. Можеби работната група за  реформа на Судскиот совет  ќе понуди поефикасни решенија за неговиот избор и неговата работа (со помош на европските експерти).

Примерот на Молдавија

Не е никаква утеха и тоа што во извештаите за сите шест земји од Западен Балкан Европската комисија наведува дека е недоволна борбата против корупцијата и организираниот криминал; дека за Црна Гора „најпредизвикувачко прашање е судската реформа, каде не е направен никаков напредок“ (А Црна гора е најдалеку во преговорите).

Владините претставници  и сите пратеници треба да го погледнат извештајот на ЕК за Молдавија, во кој за да се оправда предлогот за почеток на преговори стои дека порано заборавената држава направила реформи за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, поголема вклученост на граѓанското општество, подготовка на реформи во јавната администрација, подготовка на правни реформи, напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал. И да проучат како пред неколку месеци беше формиран нов Антикорупциски суд за да се справува со случаите на висока корупција и да ја забрза „деолигархизацијата“.  На молдавските судови им требаат години за да донесат пресуди во големи случаи на корупција. Некои обвинети одат на слобода затоа што случајот се одолговлекува толку долго што доаѓа до застареност на делото. Слично како и овде. Сега владата на кревката, но прилично одлучна претседателка Маја Санду, забрзано врти нови европски страници.

Како што кажавме на почетокот – овој извештај, колку и да е неповолен во некои сегменти, сепак е добар. Затоа што може да претставува поттик за побрзи и поголеми реформи. Се разбира, ако се има волја кај сите актери, а не само да се зборува дека уставните измени се клучот без кој не може да се оди напред и дека такви измени нема да се случау под „бугарски диктат“. Сите се на испит, некои повеќе, некои помалку. И во многу работи самата Европска унија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи