1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Беса Адеми ја одби поканата за средба во Судскиот совет

ДТЗ
6 ноември 2023

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, не се одзва на поканата на Судскиот совет за работна средба по наводите за политички притисоци врз судиите.

https://p.dw.com/p/4YReB
Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, не се одзва на поканата на Судскиот совет за работна средба по наводите за политички притисоци врз судиитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, не се одзва на поканата на Судскиот совет за работна средба по наводите за политички притисоци врз судиите. Наместо средба, таа испрати писмен одговор до Судскиот совет во кој повторно потенцираше дека политичките притисоци се реалност и се нотирани во сите важни извештаи на Европската комисија и во анкетите на ОБСЕ. 

Доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа, според Адеми, ниту е соодветно ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет. Ваквиот пристап не е во насока на исполнување на законските цели за заштита на судството, како темелен принцип, утврден и во мислењата на Консултативниот совет на европски судии и во меѓународните документи за независно судство.

Адеми ќе ги почека извештаите на Европската Унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, со коишто е цврсто убедена дека оваа недела и во следниот период ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму.

Одбиена покана

Судскиот совет ја испрати поканата за средба до Адеми на 3 ноември. Од Судскиот совет оценија дека средбата со претседателката на Врховниот суд треба да се оствари без одлагање зашто не постои посензитивно прашање од она за евентуални политички притисоци врз работата на судиите, вклучително и на судиите во највисокиот суд во земјата.

Адеми во писменото образложение, во кое што посочува зошто нема да оди на средбата, вели дека примената на начелата на отворено и транспарентно судството, како и на слободата на мислата и на јавното информирање, се силна гаранција за осигурување на независноста на судството.

Таа е децидна дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството.

„Во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија. Исто така, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството“, посочува Адеми.

Судски совет
На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот советФотографија: Petr Stojanovski/DW

Повик до судиите

Од Судскиот совет потврдија дека го добиле известувањето од претседателката на Врховниот суд. „Ја охрабрувам за сите притисоци или влијанија да го извести Судскиот совет и согласно закон добие заштита“, изјави претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев.

Тој ги охрабри и повика сите судиите, ако имаат какво било влијание да го известат Судскиот совет.

Загрижувачки извештаи

Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури оти судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање однадвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе.

Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото. Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија.

„Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина. Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството. Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително и судии на Врховниот суд“, вели Адеми. 

Таа потсетува дека на притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет. Но, и покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.

„Законските одредби на кои се повикувате во поканата, иако погрешно цитирани и во двете верзии, беа и тогаш во важност. Претпоставувам и тогаш имаше потреба од итно и без одлагање да се разгледа прашањето за притисоците и влијанијата во органот на судството кој ја гарантира независноста на судството“, посочува Адеми.

Политички влијанија во судството

Според Адеми, за политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, е потребна поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители.

Посочувајќи дека работата на Врховниот суд позитивно е оцената во меѓународните извештаи, Адеми вели дека нејзината цел како претседател на највисокиот суд е да се минимизираат и елминираат сите обиди за надворешни притисоци.

„За мене како претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Северна Македонија, да ги остварам и заштитам целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото“, порача Адеми.

Преписки

Преписките на релација Судски Совет - Врховен суд следат откако судиите изминатиот период често посочуваа и се жалеа на притисоци при носењето на одлуките, но и во пресрет на најавените реформи на Судскиот совет, чиј кредибилитет беше ставен на тест по случувањата изминатите месеци. Министерството за правда најави дека ќе формира работна група која ќе има за цел да работи на реформа на Судскиот совет. 

Анализата поддржана од ОБСЕ покажа дека речиси половината од судиите во Македонија искусиле некакви обиди за влијание од страна на своите колеги или од судиите од повисок ранг (претседател на судот или судија од повисок суд), додека над една третина се пожалиле за влијание од извршната власт или претставници на политички партии. Јавните обвинители, пак, главно се соочиле со обиди за влијание од страна на адвокатите, јавните обвинители од повисок ранг и нивните колегијални обвинители од ист ранг.