1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Кредибилитетот на Судскиот совет на тест

ДТЗ
1 мај 2023

Судиите треба да се состанат во една крајно напрегната ситуација, кога расте притисокот за ревизија на нивната работа, барање одговорност, повици за интерпелација и оставки.

https://p.dw.com/p/4QkCC
Судски совет
Судиите треба да се состанат во една крајно напрегната ситуација, кога расте притисокот за ревизија на нивната работа, барање одговорност, повици за интерпелација и оставкиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во вторник во 11 часот Судскиот совет се очекува да ја одржи седницата која што беше одложена минатата недела со една точка на дневен ред - избор на нов претседател. Судиите треба да се состанат во една крајно напрегната ситуација, кога расте притисокот за ревизија на нивната работа, барање одговорност, повици за интерпелација и оставки. Каков и да биде текот на најавената седница на Судскиот совет, експертите се децидни дека кредибилитетот на институцијата е сериозно доведен во прашање, со што судиите се ставени пред тест на јавноста дали ќе успеат да „испливаат“ од мочуриштето на меѓусебни обвинувања, партиски опашки, непочитување на законите, прекршување на процедурите и нарушена доверба во судството.

Со кој кредибилитет ќе продолжи Судскиот совет да носи одлуки? Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? - се главните прашања коишто се наметнаа во јавноста, проследени со барања за покренување постапки на повеќе нивоа за да се спречи сериозното дерогирање на целото општество.

Постапка за интерпелација

По неколкучасовни расправии, високи тонови и меѓусебни обвинувања на 26 април беше разрешена претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше избрана на функцијата пред помалку од пет месеци. Таа порача дека одлуката е незаконска и дека целта била да ја разрешат поради нечии интереси. До ваквиот развој на настаните дојде откако Дамева одби да стави на гласање точка што ја немаше на дневен ред, но и по жестоки обвинувања дека го затаила писмото коешто американската амбасадорка Анџела Агелер го испратила до Судскиот совет на 11 април, а во кое се изнесуваат критики за работата на судовите. Антикорупционерите и организациите коишто ја следат работата на Судскиот совет побараа да се преиспита одлуката.

Имајќи предвид дека главни протагонисти во последните случувања во Судскиот совет се членовите од редот на „истакнатите“ избрани од Собранието, Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет при УКИМ смета дека пратениците би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелација против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет и сегашниот заменик-претседател. Според Прешова, притоа треба да се испитаат сите наводи за разни влијание врз Советот на кои во повеќе наврати упатуваат токму овие членови и да се оцени нивната досегашна работа.

„Вакво нешто е целосно во согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за Судскиот совет имајќи предвид дека не само што овие членови се избрани, туку и според законот, тие својата оставка ја поднесуваат до Собранието. Интерпелацијата би требало да биде иницирана во најбрз можен рок особено поради тоа што е очигледно дека овие членови на Судскиот совет во континуитет не сакаат отворено и јавно да кажат за какви влијанија и притисоци станува збор, а најмалку тоа ѝ го должат на јавноста, но и на фелата“, вели Прешова во анализа споделена на социјалните мрежи. 

Собрание
Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет при УКИМ смета дека пратениците би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелацијаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Оставки како решение

Демократскиот сојуз во меѓувреме побара членовите на Судскиот совет да поднесат оставки пред сѐ поради некредибилниот судски систем, недовербата на граѓаните во судиите (само 3 отсто од граѓаните имаат доверба во судиите), како и намерното застарување на голем број тешки судски предмети, сомнежите за корупција од големи размери и целосната парализа на владеењето на правото и правниот систем.

„По констатирањето на оставките, да започне постапка за избор на нови членови на Судскиот совет“, порача Демократскиот сојуз, кој инсистира и на ревизија на работата на сите судии, како и укинување на Уставниот амандман (Амандман XXVII) со кој судиите се изземаат од кривична одговорност при донесување судски одлуки и преиспитување на трајниот мандат на судиите.

Одговорност побара и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, која смета дека е поразително тоа што судското тело кое треба да се грижи за угледот на судиите ги прекршува процедурите, а однесувањето на членовите е срамно за државата. 

Судскиот совет е тело кое треба да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и да ги остварува своите функции согласно со Уставот и законите. Затоа, според неа, е поразително, што место да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, од таму се манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот, што беше констатирано и од набљудувачите од граѓанскиот сектор.

„Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив, туку и за државата. Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење“, порача Грковска. 

Славица Грковска
„Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив, туку и за државата“, порача Грковска Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Тоа што не е забрането е дозволено?

Додека Судскиот совет се подготвува за избор на нов претседател не престанува полемиката околу постапката со која што беше разрешена Весна Дамева. За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, како и правни експерти. И претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, апелираше да се надмине состојбата во Судскиот совет во интерес на граѓаните и на државата.

Остри критики упати и од поранешната судијка во Врховен суд, Вера Коцо. Во интервју за РСЕ вели дека случувањата во Судскиот совет се аномија, непочитување на закон и отсуство на морални норми. „Ова што се случи e недозволено. Не е дозволено од страна на нејзиниот заменик, да си земе за право во нејзино присуство да го преземе водењето на седницата, да нафрлува работи кои не се испитани и наједноставно ги повика присутните да гласаат за нејзино разрешување. Со кое право? Немаше такво право, од причина што со Законот за судски совет не е предвидено разрешување на претседател на Судски совет“, вели Коцо.

Но, заменик претседателот на Судски совет, Селим Адеми кој иницираше разрешување на Дамева, во интервју за Порталб вели сè што не е забрането со Устав и закон, е дозволено. „Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со Устав и со закон, е дозволено“, изјави Адеми.

Најавата дека Судскиот совет на дневен ред ќе го стави прашањето за одговорност на судијата од Апелациониот суд, Енвер Беџети, е една од причините за кои се шпекулира дека ги иницирале случувањата во Судскиот совет. Во јавноста во меѓувреме се појавија уште неколку други претпоставки коишто ја зовреле ситуацијата, но без оглед на иницијалната каписла, непријатните сцени од минатонеделните седници на Судскиот совет го ставија на тапет целиот судски систем и дополнително ја намалија и онака ниската довербата на граѓаните во нив. 

„Најголемата жртва во континуитет сме ние, граѓаните, и совесните судии, бидејќи сите политички опции практикуваат слични или идентични методи за заробување на судството, додека судиите со нивниот субмисивен менталитет гледаат како да се заштитат или како да профитираат додека политичките или бизнис моќници бијат битки за влијание врз судството. Тој сеприсутен клиентелизам, за кој говори и Ленче Ристовска во редовите на обвинителството, е нешто на кое се укажува подолг временски период и во научните трудови, но се чини дека е побитно што ќе кажат од меѓународната заедница, па судиите и членовите на советите се позагрижени за нивните ставови, а не за мислењата и довербата на граѓаните“, анализира Прешова.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема