1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕПИ: Разнишани темелите на преговорите со ЕУ

ДТЗ
10 ноември 2023

Оценките за напредокот во извештајот на ЕК се послаби од лани. Тоа што загрижува се оценките во правосудството и борбата против корупцијата од кои зависи целокупниот тек на преговорите, се вели во анализата на ЕПИ

https://p.dw.com/p/4YeqY
Влада Северна Македонија
Владата реба да ја интензивира својата работа со цел унапредување на реформите за членство во ЕУ.Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Анализата на извештајот на Европската комисија за Северна Македонија покажува дека во однос на лани оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството е повисока само во едно поглавје. Оценките за напредокот се послаби од минатата година, па место „одреден напредок“, доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок. Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Темели, се вели во анализата на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ). 

Загрижувачка стагнација 

Во анализата насловена „Разнишани темели на преговорите“, институтот чија директорка е Симонида Кацарска, оценува дека овие заклучоци се загрижувачки од неколку аспекти. „Од една страна, ние како држава континуирано го потенцираме своето високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ. Оваа општа стагнација и во комбинација со недостатокот на напредок во поглавјето 23: правосудство и фундаментални права го поткопува тој аргумент кој го користат поддржувачите на ЕУ интеграцијата. Од друга страна, долгоочекуваниот План за раст, кој го објави Комисијата оваа година, директно го условува напредокот во реформите со достапноста на поддршка од ЕУ, поради што наодите од извештајот оваа година би требало да се сфатат особено сериозно“, посочува ЕПИ. 

Политичка поларизација 

Во процената на политичките критериуми, Комисијата се осврнува на влијанието на политичката поларизација врз функционирањето на демократските институции. Политичката поларизација во Собранието е дополнително потенцирана во контекст на одложување на донесувањето на значајни реформски закони и други важни обврски, вклучително назначувањето членови на независните тела.

ЕПИ оценува дека за разлика од лани, кога беше забележан ограничен напредок во исполнувањето на преостанатите препораки на ОДИХР и Венецијанската комисија, во овој извештај ЕК констатира дека нема напредок во однос на нивното исполнување.

Северна Македонија и ЕУ
Оценките за напредокот се послаби од лани, се вели во анализата на ЕПИФотографија: Government of North Macedonia

„Додека ЕК ja признава декларираната посветеност на Владата кон европската агенда, исто така укажува дека таа треба да ја интензивира својата работа со цел унапредување на реформите за членство во ЕУ. Исто така, Владата треба да ги зголеми своите напори за да го нормализира ангажманот на граѓанското општество во приоритетните области, како и во консултативните активности, а Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество да продолжи со своите активности“, се посочува во анализата. 

Нема напредок во судството 

Во однос на Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права, ЕПИ посочува дека во извештаите на ЕК за 2019 и 2020 година беше забележан добар напредок, во 2021 и 2022 година беше заменет со одреден напредок, но затоа во последниот извештај за 2023 година ЕК оценува дека нема напредок.

Нивото на усогласеност останува непроменето од 2019 година, односно и во овој извештај Северна Македонија има одредено/умерено напреднато ниво на подготовка.

„Во ова поглавје загрижуваат оценките за сите три области. Во однос на правосудството, извештајот се насочи на Судскиот совет. Се дава негативна оценка на застојот во усвојувањето на новата Стратегија за развој на правосудниот сектор и комплетирањето со имплементацијата на постојната стратегија. Дополнителна загриженост се искажува за неподготвеноста на органите за справување со очекуваните пензионирања на судии и јавни обвинители и неспроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството. Ретка позитивна оценка е дадена на придонесот на Врховниот суд и четирите апелациски судови за доследност на пресудите и усогласување на судската практика. Во областа на корупцијата, нотирано е дека нема напредок и се изразува и сериозна загриженост од последиците од измените на Кривичниот законик“, посочуваат од Институтот.

Во однос на фундаменталните права, како и повеќе години по ред, особено загрижува оценката за состојбата во затворите, полициските станици, во институциите за социјална грижа и во психијатриските установи. Комисијата предупредува дека овие состојби можат да се сметаат за повреда на Европската конвенција за човекови права за забрана на тортурата. Се внесува нова системска препорака во која се потенцира дека државата треба да развие сеопфатен систем за мониторинг и собирање податоци со цел да се оцени нивото на имплементација на законодавството, политиките и стратегиите за човекови права, за целосно користење на придобивките од статусот на набљудувач во Агенцијата за темелни права. 

потпишување на договор, Бехтел и Енка
ЕК изразува загриженост за договорот со „Бехтел и Енка“, кој е изземен од постапката по Законот за јавни набавкиФотографија: Reg. Nordmazedonien

Загриженост за спорни договори 

Во однос на поглавјето Економски критериуми, Северна Македонија бележи одреден напредок. Во однос на нивото на подготвеност постигнато е добро ниво на подготвеност во однос на функционалната пазарна економија и умерено ниво на подготвеност во однос на капацитетот на економијата за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили на Унијата. Во Поглавјето 5: Јавни набавки, исто како и во минатогодишниот извештај, ЕК ја оценува земјата како умерено подготвена, но има ограничен напредок. ЕК изразува загриженост за договорот со „Бехтел и Енка“, кој е изземен од постапката по Законот за јавни набавки, оценувајќи дека е во спротивност со „други прописи“ и со меѓународни обврски.

ЕПИ посочува дека „сериозно треба да нè загрижи недостатокот на напредок во Поглавјето 8: Политика на конкуренција од 2015 година“. Според анализата, напредок во поглавјата што директно влијаат на стекнување придобивки од Планот за раст за Западен Балкан е клучен, доколку земјата сака да постигне блиска интеграција со Единствениот пазар на ЕУ. Процените за подготвеност и напредок во овој кластер се врзани со обврските на членство во заедничкиот пазар на ЕУ, но и во Заедничкиот регионален пазар, на кој ЕК посветува особено внимание.