1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваБугарија

Напредок нема, кандидатура има

14 септември 2023

Бугарија досега не спроведе ниедна од пресудите на ЕСЧП во однос на регистрација на здруженија на Македонци, но објави дека се кандидира за член на Советот за човекови права на ООН.

https://p.dw.com/p/4WJbH
Бугарија сака да стане членка на Советот за човекови права на ОН, кој заседава во европското седиште на ОН во Женева
Бугарија сака да стане членка на Советот за човекови права на ОН, кој заседава во европското седиште на ОН во ЖеневаФотографија: Salvatore Di Nolfi/dpa/KEYSTONE/picture alliance

Што ќе ги посоветува властите во Софија и Скопје за да ја решат тензијата и да го забрзаат интегративниот процес на Северна Македонија? На ова прашање упатено од БНТ до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го дала следниот одговор.

„Ние имаме согласност за процесот. Тоа е процес кој важи и за двете земји. Принципите треба да бидат исполнети. Според мене, тоа е многу важен чекор, бидејќи сакаме по процесот на скрининг да започнат разговорите за присоединување на Северна Македонија, тоа е важно. А и бугарските интереси се испочитувани", ја пренесе БНТ изјавата на претседателката на ЕК, дадена по вчерашното последно обраќање во нејзиниот мандат пред Европскиот парламент.

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, го следеше обраќањето на претседателката на ЕК во пленарната сала во Стразбур. Како што најави најзината прес-служба таа за време на тамошната работна посета требало да оствари повеќе средби, меѓу кои и со Генералниот секретар на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Генералниот секретар на Советот на Европа и со претседателот на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Човековите права во фокусот

Дали овие средби може да донесат некаков исчекор? Како што е познато,Бугарија досега не спроведе ниту една од 14-те пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на одбивањето на тамошните судови да регистрираат здруженија на Македонци во Бугарија. Комитетот на министрите на СЕ во јуни годинава најави дека побарал информации од Софија за овие прашања и дека во септември повторно ќе ја испита состојбата, односно дали тужената држава целосно и ефективно се придржува до своите обврски кои произлегуваат од пресудите на Судот. Беше најавено и дека ќе биде упатено писмо до бугарските власти со цел да се постигне опиплив напредок во спроведувањето на пресудите.

Шефицата на дипломатијата, Марија Габриел, на 5-ти септември во Софија ја претставила кандидатурата на Бугарија за членство во Советот за човекови права на ОН
Шефицата на дипломатијата, Марија Габриел, на 5-ти септември во Софија ја претставила кандидатурата на Бугарија за членство во Советот за човекови права на ОНФотографија: BGNES

До денес нема информации за таков напредок, а Бугарија реши да се кандидира за член на Советот за човекови права на ООН за периодот 2024-2026 година. Како што пренесоа бугарските медиуми, кандидатурата била претставена од шефицата на дипломатијата, Марија Габриел, на 5-ти септември во Софија.

„Секогаш сме се залагале за заштита на човековите права како главен приоритет на бугарската надворешна политика. Со текот на годините активно работевме на зајакнување на мултилатерализмот и изградба на праведен меѓународен поредок кој во неговиот центар ги става човековите права", изјавила Габриел, потенцирајќи дека тоа станало особено видливо при првото членство на Бугарија во Советот за човекови права на ООН од 2019-2021 година.

„Мислам дека е дволично и лицемерно од Бугарија да се кандидира за член на Советот на ООН за човекови права, во време кога одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот Суд за човекови права од Стразбур како врвна европска институција за заштита на човековите права", оценува Александар Николоски потретедател на ВМРО-ДПМНЕ, и потпретседател на групата на ЕПП во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Се надевам дека земјите членки на ООН нема да дадат поддршка имајќи ги предвид негативното искуство на Бугарија во делот на почитување и унапредување на малцинските и јазични права", вели Николоски.

Задолжителни, но неспроведени

Пред десетина дена ЕСЧП донесе пресуда со која ги обврза бугарските институции да им дадат статус на истополовите парови (не за брак меѓу истополови двојки, туку за уредување на нивните односи со цел да имаат правна заштита на нивниот приватен и семеен живот, права кои се заштитени со Европската конвенција за човекови права). Тој случај („Коилова и Бабулкова против Бугарија") беше повод некои од медиумите да потсетат и на другите неспроведени пресуди.  

Седиштето на Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Седиштето на Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: Winfried Rothermel/picture alliance

„Иако одлуката на судот во Стразбур е задолжителна за бугарските власти, нејзина имплементација всушност може да не се случи. Бугарија нема никаква намера да ги спроведе осудителните пресуди во случаите за регистрација на ОМО Илинден - Пирин", потсети порталот „Медиапул“, наведувајќи и други случаи.

Во мај годинава министерот за правда Кренар Лога испрати дописи до Амбасадата на САД во Македонија, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа со кои ги информира за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Во дописот, кој бил испратен заедно со 14-те пресуди, побара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права.

„Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат (...) Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП, истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот“, беше наведено во соопштението за дописот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи