1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија под лупата на Стразбур поради Македонците

Тони Гламчевски6 декември 2013

Претставници на повеќе европски влади, меѓу кои и од влијателни земји-членки на ЕУ, побарале подоследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија.

https://p.dw.com/p/1AUGm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Комитетот на Министрите на Советот на Европа одлучи да продолжи со следењето на Бугарија во спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права за предметите ОМО Илинден и неколку други.

Одлуката на Извршниот орган на Советот на Европа, задолжен за следење на пресудите на Европскиот суд за човекови права е донесена на 5 декември 2012. година, откако беше разгледан меморандумот на бугарската влада за начинот на кој се спроведуваат овие две значајни пресуди, кои се однесуваат на кршењето на членот 11 на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), односно правото на склободно здружување и собирање на македонското малцинство во оваа земја.

Продолжува следењето на пресудите донесени во корист на македонското малцинство во Бугарија

Комитетот на Министрите во својата одлука потсетува дека бугарските власти во 2008. и 2008 година презеле мерки за да се усогласи практиката на бугарските судови со барањата на членот 11 од ЕКЧП и дека судот од Благоевград зел во предвид некои од овие барања. Сепак Комитетот на министрите изразува „жалење дека усвоените мерки не беа доволни за да се избегнат новите одбивања на регистрацијата кои се направени делумно и на основа врз мотивите кои беа критикувани од страна на Судот (од Стразбур), и се спротистави на барањето на оваа организација или на други слични здруженија“ (на македонското малцинство во Бугарија.

Комитетот на министрите забележува со интерес дека бугарските власти подготвија изменет Акциски план доставен до Комитетот на 28 ноември, кој содржи дополнителни конкретни мерки кои треба да се преземат, меѓу другото да се појасни надлежноста на судови според бугарскиот закон дека регистрацијата на една асоцијација не значи дека државата или судот треба да ги одобри позициите и целите на организацијата или дека ја прифаќа нивната валидност. Притоа се охрабруваат бугарските власти да го спроведат набрзо претставениот Акциски план во тесна соработка со Секретаријатот на КМСЕ.

Комитетот на крајот одлучи да продолжи со разгледувањето на овие два предмети според стандардната процедура, со тоа што на идниот состанок закажан за во март 2014. може да донесе одлука за позасилено следење на извршувањето на овие пресуди, во светлина на понатамошниот развој.

Mazedonier aus Bulgarien protestieren in Straßburg
Македонците од Бугарија на протести во Стразбур поради нерегистрација на ОМО Илинден, архива, 2009 годинаФотографија: DW

Дискусија зад затворени врати

Дискусиите во КМСЕ се зад затворени врати и доверливи, од нив ретко нешто излегува за јавноста, освен официјалните одлуки и документи. Од она што успеавме да го дознаеме за расправата за овие предмети, е дека Стразбур е одлучен со внимание да се посвети на начинот на кој Бугарија ги спроведува овие пресуди, кои директно се однесуваат на македонското малцинство во оваа земја. Ова во контекст на фактот дека и покрај повеќето пресуди, практиката на нерегистрација на македонските здруженија и организации продолжува во Бугарија, со скоро истата аргументација.

Според анонимни дипломатски извори, во дискусијата претставниците на повеќе европски влади, меѓу кои и од големи влијателни земји членки на ЕУ, побарале подоследно спроведување на овие пресуди од страна на Бугарија, за што сведочат и формулациите во одлуката на КМСЕ, како тоа дека во март предметите повторно ќе бидат на дневен ред и ако нема напредок ќе се премине на позасилена фаза.

Нашиот извор од Стразбур, лаконски додава „правдата во Стразбур е бавна, но таа секогаш стигнува“.

Македонија приниципелно се залага за извршување на сите пресуди на ЕСЧП

По одлуката на КМСЕ, која се‘ уште не е објавена на веб страницата на Советот на Европа, побаравме став и од Македонската постојана мисија при Советот на Европа во Стразбур.

Притоа без да се навлегува во подробности и коментари по самата одлука, ни беше речено дека „Мисијата на Република Македонија е задовола од фактот што вниманието на Советот на Европа повторно се враќа кон овие предмети и дека ќе се залага за целосно извршување на овие пресуди на ЕСЧП“.

Претставниците на македонското малцинство во Бугарија продолжуват со активностите за регистрација

Пред околу еден месец во Бугарија престојуваше мониторинг делегација на Комитетот кој го следи применувањето на Рамковната конвенција за правата на малцинствата, при што на делегацијата и‘ беа предадени документи за се‘ уште несупешните напори за регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија.

„Практиката да се одбиваат регистрации на наши организации продолжува – главна основа- немало македонско малцинство и етнос во Бугарија и според тоа тврдење, тие организации би биле закани за единството на нацијата и безбедноста на земјата“, ни рече Стојко Стојков од ОМО Илинден –Пирин.

Всушност и одлуката да се продолжи со следењето на двата предмети од страна на КМСЕ се темели токму на овие тврдења на бугарските судови, односно аргументи поради кои Бугарија беше осудена во Стразбур од ЕСЧП.