Односите меѓу Бугарија и Македонија се влошија последниве неколку месеци. Тоа не е ништо ново, доаѓа во циклуси. Некогаш е предизвикано и мотивирано од домашни политички агенди, некогаш од поединечни провокации кои прераснуваат во општествена бура.
Нема да се занимаваме со тоа кон каде води влошувањето на односите во процесот на уставните измени што би требало да се направат во Македонија. Тоа, генерално, е многу јасно. Изјавата на премиерот Димитар Ковачевски на самитот на Советот на Европа, во која тој го спореди однесувањето на Бугарија спрема Македонија со она на Русија кон Украина, предизвика гнев во Софија и оценки дека таа била „цинична и неприфатлива“. Во својата реакција бугарскиот претседател Румен Радев тврдеше дека во Бугарија има луѓе што се декларираат како Македонци, но дека сите нивни човекови права биле испочитувани. „Овие луѓе имаат целосни права на еднакви основи со сите бугарски граѓани. Тие имаат целосни права, никој не ги ограничува, ниту ги прогонува“, рече Радев.
Да видиме како се почитуваат „целосните права“ на Македонците во Бугарија, како што вели бугарскиот претседател.
Оваа недела, на 16 мај, Бугарскиот Хелсиншки комитет го објави годишниот извештај за човековите права во Бугарија за 2022 година. Извештајот на комитетот (формиран во 1992 година) напишан на 160 страници и подготвен од 13 автори е извонредно четиво, на моменти и возбудливо, без оглед на тоа што во неговата суштина тоа е само пренесување на факти. Но токму тие факти внимателно собирани и претставени се клучот на она што се случува во Бугарија во сферата на почитувањето на човековите права.
Еден од клучните заклучоци на Бугарскиот Хелсиншки комитет е дека Бугарија не ги спроведува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, без оглед дали тие се однесуваат на поединци, обесправени групи или потиснати заедници. Главата насловена „Слобода на здружување и мирно собирање“ е целосно посветена на начинот како бугарската држава и судскиот систем во 2022 година го спречува регистрирањето на здруженијата на Македонците во Бугарија.
Во уводот на овој извештај се вели: „Како и во изминатите години, властите во лицето на Агенцијата за регистрација и судовите постојано спречуваа регистрација на здруженија на Македонците по произволна и дискриминаторска основа, со грубо кршење на меѓународните стандарди за слобода на здружување. Комитетот на министри на Советот на Европа двапати, во март и декември, го разгледуваше спроведувањето на одлуките во групата случаи на ОМО ‘Илинден’ и други против Бугарија. Комитетот изрази загриженост поради фактот што на македонските организации во Бугарија рутински им се одбива регистрација поради целите што ги наведуваат“.
И потоа следат фактите. Детално образложени. Благодарение на истражувачите на Бугарскиот Хелсиншки комитет може многу добро да се види како функционира технологијата на забраната, како таа се спроведува од првиот чекор до последниот. И како здруженијата на Македонците не можат да ја поминат ни првата бариера за да стигнат барем до вториот чекор. Тоа мора да е страшно депримирачки за тамошните Македонци, но според она што е напишано во извештајот, тие изгледа не се откажуваат, па макар државата Бугарија не спровела ниту една одлука од досегашните најмалку две дузини кои ги донесе судот во Стразбур.
Извештајот за обесправувањата на македонските здруженија е голем, на седум страници. Ќе пренесеме делови од него, онака како што се напишани, без додавања и толкувања. Фактите за процедурата зборуваат појасно од сѐ. Еве што пишува во него:
„Најсериозен проблем“
Најсериозен проблем со правото на слобода на здружување во текот на годината беше одбивањето на Агенцијата за регистрација (АВ) и судовите да регистрираат како правни субјекти здруженија на Македонци по произволна и дискриминаторска основа, со грубо кршење на меѓународните стандарди. Одбивањата беа изречени со грубо и намерно непочитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот со македонските здруженија, многу често со мотиви кои овој суд постојано ги разгледуваше и прогласуваше за неодржливи. Ова се случи по постојано декларирани одбивања на бугарските политичари да го признаат постоењето на лица со македонска самосвест во Бугарија, како и во заднината на влошените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Веќе на почетокот на 2022 година, тогашниот премиер и претседателот, а потоа и потпретседателот на Бугарија го поставија тонот за негирање на постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Многу други политичари, организации и јавни интелектуалци рутински го повторуваа ова негирање во 2022 година. Некои од нив ги осудуваа Македонците како „платени алатки на македонистите од Скопје“. Во јуни 2022 година, националистичката ВМРО ги повика партиите во бугарскиот парламент да ги разгледаат сите дејствија што се поврзани со обидите да се поддржат и промовираат барањата за признавање на „т.н. ‘македонско малцинство’ во Бугарија“. На 7 октомври 2022 година, Советот на општина Благоевград едногласно усвои декларација по повод отворањето на Македонскиот културен клуб во Благоевград од страна на повеќе македонски организации. Во неа тој ја осуди оваа акција како „груба провокација и демонстрација на организации нелегитимни за нашето право“. Во неа се наведува и дека „сите акции за создавање организација во која група луѓе се дефинираат себеси како ‘малцинство’ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија“.
Во текот на годината, три македонски организации - Обединетата македонска организација (ОМО) „Илинден“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор (ДРМ) и Обединетата македонска организација „Илинден“ - Благоевград - направија неколку неуспешни обиди за регистрирање. Агенцијата за регистрација и судовите го одбија тоа, иако ЕСЧП во неколку наврати разгледуваше и ги отфрли ваквите решенија во случаите поврзани со правото на здружување на Македонците во Бугарија. Овие причини се поврзани пред сѐ со главната цел на организациите - заштита на правата на македонското малцинство. АВ и судовите, исто така, ги оживеаја старите и отфрлени од страна на ЕСЧП основи за одбивање, како што се наводните политички цели за што се залагаат организациите, неусогласеноста на целите со декларираната природа на организацијата, како и целосно измислени и неповрзани со основачките документи. Како резултат на тоа, во 2022 година, до ЕСЧП беа поднесени најмалку пет нови претставки од македонски организации.
На 4 февруари 2022 година, Софискиот апелациски суд (САС) го потврди одбивањето да се регистрира ДРМ, донесено во 2021 година од страна на АВ и потврдено од Окружниот суд - Благоевград. САС прифаќа дека апликантите ги исполниле формалните барања за приложување докази во пријавите за барање за регистрација. Но, целите на здружението, чија регистрација се бара, се во спротивност со чл. 44, ст. 2 од Уставот на Република Бугарија поради тоа што се насочени против единството на бугарската нација. Судот ги наведе соодветните одредби од статутот, кои се однесуваат на активности за заштита на правата и интересите на Македонците во Бугарија, репресирани за време на комунистичкиот режим. Според судот, вака формулираните цели и средствата за нивна реализација го дефинираат здружението како заштита на повредените права и интереси на едно етничко малцинство на територијата на Бугарија, „кое објективно не постои како посебна и формирана група на луѓе кои поседуваат религиозни, јазични, културни или други карактеристики кои го одделуваат од останатото население во земјата“.
Затоа, промовирањето на такво малцинство преку непрофитно здружение „во суштина нема за цел да ги заштити нивните права, доколку тие не се разликуваат од правата на другите граѓани, туку да негува меѓу одреден дел од бугарските граѓани различна етничка самосвест, која не е формирана на природен историски начин“. Поради тоа, формирањето на такво здружение е насочено против единството на нацијата. Дополнително, според судот, статутот на здружението има формулирани политички цели поврзани со спроведувањето на активностите својствени на политичката партија, што нормата од чл. 12, ст. 2 од Уставот не го дозволува. САС исто така прифаќа дека ограничувањето на правото на здружување во конкретниот случај следи легитимна цел - „заштита на правата и слободите на другите граѓани кои не учествуваат во здружението“.
„Малцинство против единството на нацијата“
Еден месец по конечното одбивање на САС, ДРМ поднесе ново барање за упис во Агенцијата за регистрација. На 08.03.2022 година здружението беше одбиено поради фактот што неговиот статут содржи цели и средства за нивно остварување поврзани со заштитата на правата и интересите на Македонците во Бугарија. Според службеникот од АВ, „главните цели на здружението одредуваат заклучок за здружување по етнички принцип, спротивно на забраната утврдена во чл. 44, ст. 2 од Уставот на Република Бугарија“. Покрај тоа, според функционерот во чл. 10 од Статутот се „таргетирани настани својствени за активностите на политичките партии“ (организирање на легални собири и демонстрации), што не е дозволено за непрофитно здружение.
Во април, Окружниот суд во Благоевград ја потврди одлуката на АВ. Според судот, работата на здружението за проблемите на македонското етничко малцинство „е во јасна спротивност со објективниот правен поредок што функционира во државата“, а исто така здружението има за цел да ги заштити правата на етничкото малцинство „што објективно не постои како посебна или друга формирана група на луѓе кои поседуваат религиозни, јазични, културни или други карактеристики што ги разликуваат од останатото население во земјата“. Затоа, промовирањето на ваквото малцинство преку здружението „е насочено против единството на нацијата“.
Одлуката на АБ и Окружниот суд во Благоевград беше потврдена и од Софискиот апелациски суд во јуни. Во однос на целите на здружението, САС прифаќа дека со законите за прогласување на комунистичкиот режим за криминален и за политичката и граѓанската рехабилитација на репресирани лица, државата ја создаде потребната правна рамка за рехабилитација на сите лица, без разлика на нивната етничка припадност. Затоа, во овој случај, наведените цели на здружението и средствата за нивно остварување не се однесуваат на заштитата на правата и легитимните интереси на репресираните лица, туку се насочени кон „официјализирање и популаризација на етничката припадност за која апликантите тврдат дека постои во рамките на суверената држава“. Тоа е во спротивност со принципот на единство на нацијата и претпоставува предизвикување национално и етничко непријателство. Затоа, одбивањето на регистрација е пропорционално мешање во правото на здружување според чл. 11 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).
До крајот на 2022 година, ДРМ доби уште едно одбивање од АВ за регистрација. Тоа беше мотивирано, меѓу другото, од недозволивоста на „официјализирање и популаризирање на етничката припадност за која апликантите тврдат дека постои во рамките на суверената држава“.
Во 2022 година и здружението ОМО „Илинден“ доби две одбивања за регистрација. Во мај, САС донесе одлука, по значително одложување, по жалбата на здружението против одлуката на Окружниот суд во Благоевград, со која овој суд, како и АВ пред него, прифатија дека здружението го загрозува единството на нацијата, националната и јавната безбедност на Бугарија. Потврдувајќи ја оваа одлука, Софискиот апелациски суд имаше еден вид „иновативен“ пристап кон овој случај. Судот нагласува дека не е обврзан од причините на пониските судови при одлучувањето за одбивањето, туку повторно врши испитување согласно законот.
Точното време и точното место
Како резултат на тоа, Софискиот апелациски суд воопшто не разговара за причините за одбивањето на АВ и судот во Благоевград и не обрнува внимание на аргументите во жалбата. Формулира нови причини за одбивање, кои се различни од оние на AB и судот во Благоевград и се исклучително од техничка природа. Според САС, во протоколот доставен со пријавата за регистрација се наведени местото и времето на формирање на организацијата (06.11.2021, Сандански), но не биле наведени точното време и точното место каде се случило тоа. Поради тоа, за судот било невозможно да оцени дали има истовремено изразена волја од страна на потребниот број основачи. Второ, според САС од одредбата од чл. 7, ст. 3 од статутот на организацијата, не е јасно кој аплицира за членство - апликантот за членство или локалната организација (околу оваа „нејасност“, организацијата не добила никакви упатства од АВ по првичното поднесување на апликацијата). Трето, според судот во чл. 8, ст. 6 од статутот, формулацијата за решавање на имотно-правните односи помеѓу исклучениот член и здружението е празна и нејасна (всушност, таа е стандардна за голем број статути на непрофитни организации). Според CAC, овие дефекти се доволни за да се потврди одлуката за одбивање. Нема потреба да се оценува законитоста на целите на здружението.
Здружението ОМО „Илинден“ во јуни, по смена на раководството, одлучи да поднесе ново барање за регистрација. На 1 јули 2022 година, службеник за регистрација на АВ ја одби регистрацијата. Во причините за одбивање, службеникот ги наведе чл. 5 и чл. 6 од статутот на организацијата, во кои се наведени целите и средствата за нивно остварување. Според службеникот, „вака формулираните цели го дефинираат здружението како обединувачко етничко малцинство на територијата на Република Бугарија, кое поседува верска, јазична, културна или друга карактеристика што ги разликува од останатото население во земјата. Во овие околности, основањето на здружение со целите наведени во неговиот основачки акт во суштина се стреми кон вештачко создавање, наметнување и прикажување на идејата за присуство кај одреден дел од бугарското население на етничка самосвест различна од националната. Промоцијата на такво малцинство преку организација - здружение со непрофитна цел, наменета за задоволување на нивните специфични потреби, во суштина има цел да негува кај одреден дел од бугарските граѓани поинаква етничка самосвест, создавајќи предуслови за етничка спротивставеност, загрозување на територијалниот интегритет на земјата, што е противтежа на забраната наметната со чл. 44, ст. 2 и со принципот утврден во чл. 2, ст. 2 од Уставот на Република Бугарија“.
По жалбата во јули, Окружниот суд во Благоевград го потврди одбивањето на АВ. Според судот, „вака формулираните цели и средствата за нивно остварување создаваат сугестија за присуство на обесправена малцинска македонска етничка група на територијата на Република Бугарија, спротивна на останатите бугарски граѓани и репресирани од страна на државата, што очигледно не е точно и не одговара на реалноста. Основањето на здружение со слични цели и средства несомнено има за цел да ја подели нацијата и создава предуслови за етничка спротивставеност, па затоа е во спротивност со чл. 44, ст. 2 од Уставот на Република Бугарија“.
Во октомври, САС ја потврди одлуката на судот во Благоевград, како и одбивањето да се регистрира организацијата. Според судот во чл. 5 од статутот на здружението се вели дека „здружението има за цел ‘да го заштити македонското национално нематеријално културно наследство, кое било подложено на етноцид од бугарските културни институции’, и дека Македонците имаат право да одговорат во случај на пропагандна манипулација спрема македонската историја и култура. Во средствата за остварување на целите, се наведува дека ќе се одржат симпозиуми на кои ќе се разговара за причините за тековната политика на присилна асимилација, дискриминација и ксенофобија кон Македонците во Република Бугарија, како и дека ќе се изнесат барања за националните права на Македонците кон бугарските државни институции и пред соодветните меѓународни организации ќе се одржат мирни поворки за одбележување историски датуми од македонската национална историја […] Вака формулираните цели и средства за нивно остварување создаваат впечаток на присуство на малцинска македонска етничка група лишена од права или со прекршени права на територијата на Република Бугарија, спротивставена на останатите бугарски граѓани и репресирани од државата, поради што основањето на здружение со такви цели е насочено за поделба на нацијата и создадавање предуслови за етничка спротивстваеност, што се коси со чл. 44, ст. 2 од Уставот на Република Бугарија“.
Во мај, огранокот на ОМО „Илинден“ во Благоевград одлучи да се регистрира како посебен правен субјект под името „Обединета македонска организација Илинден – Благоевград“. Статутот на оваа организација се занимава и со правата на македонското малцинство во Бугарија и борбата против дискриминацијата на Македонците. Здружението на почетокот на јуни поднело барање за регистрација во АВ и на 7 јуни добило одбивање. Во основите за одбивање, службеникот за регистрација наведува три причини: целите на здружението што се пријавило за регистрација дефинираат и ѝ припишуваат обврски на државата, што е недозволиво; целите на здружението не соодветствуваат со дејноста на истото од приватна корист, тие треба да вршат јавен интерес; одредбите на статутот претставуваат унапредување на македонското малцинство преку организација - непрофитно здружение кое е насочено против единството на нацијата.
Одбивање по одбивање
Одбивањето беше потврдено набргу по неговата одлука од страна на Окружниот суд во Благоевград. Според судот, „статутот на здружението укажува на седум цели кои се поврзани со заштитата на правата на македонското малцинство“. Според судот, ова го поставува прашањето за признавањето на ваквото малцинство и дали овие цели не ја загрозуваат националната безбедност на Бугарија. Дополнително, судот одлучи дека некои од целите во статутот се нејасно формулирани, а други ѝ припишуваат обврска на државата.
-Што пишува во „Македонскиот синдром“ – тајниот извештај на ЦИА од 1971
По жалба во октомври, САС ја потврди одлуката на судот во Благоевград, но со причини и пристап сличен на оние во еден од претходните случаи на ОМО „Илинден“. Судот нагласува дека не е обврзан за причините изнесени од службеникот од АВ при одлучувањето за одбивањето, како и за причините на судот во Благоевград, туку повторно врши сеопфатна проверка за усогласеност со законот. Како резултат на тоа, САС воопшто не разговара за причините за одбивањето на АВ и судот и не обрнува внимание на аргументите изнесени во жалбата. Формулира нови причини за одбивање, кои се различни од оние на AB и судот и се од исклучително техничка природа. Според САС, во протоколот доставен со пријавата за регистрација се наведени местото и времето на основање на организацијата (28.05.2022 година, Благоевград), но не е наведено точното време и точното место каде тоа се случило.
Според тоа, за судот е невозможно да оцени дали постои истовремено изразена волја од страна на потребниот број основачи. За судот ова е доволна причина да одбие регистрација на здружението.
Второ, според САС во одредбата на чл. 8, ст. 3, точка 4, од чл. 9, ст. 2, точка 8 и од чл. 11 од статутот на организацијата, не е јасно кој ги прима новите членови на здружението - Управниот одбор, Генералното собрание или Управниот одбор и Генералното собрание. Трето, постапката за решавање на имотно-правни односи во врска со хипотезите од чл. 12 (чл. 8 најверојатно по грешка е внесен во решението), ст. 4, точки 3, 4 и 5 од статутот (во случај на исклучување, престанок на правното лице и во случај на престанок поради неплаќање членарина или неучество во дејноста).
Според САС, горенаведените проблематични одредби во статутот на здружението се буквално копирани од статутите на регистрираните организации и во врска со нив не настанале никакви проблеми при регистрацијата. Тие не се појавија пред АВ, поради што Агенцијата не даде никакви препораки за исправување на недостатоците во основачките документи. Очигледно е дека САС сака да ги оправда своите дискриминаторски ставови, демонстрирани во десетици други случаи на регистрација на здруженија во Македонија, со измислување формални проблеми за да не ги покаже уште еднаш во својата одлука.
Двапати во 2022 година, Комитетот на министри на Советот на Европа ги разгледуваше предметите на ОМО „Илинден“ и други против Бугарија. Во март, Комитетот изрази длабока загриженост за континуираната практика на одбивање да се регистрираат такви здруженија што било разгледано и отфрлено од ЕСЧП. Kомитетот на министри препорача подготовка од страна на владата на насоки за подобрување на практиката на AB и обезбедување дека барањата за регистрација ќе бидат разгледани во согласност со чл. 11 од Конвенцијата. Комитетот ја разгледа оваа група случаи по втор пат во декември. Комитетот ја забележа континуираната практика на одбивање да се регистрираат македонските здруженија и изрази жалење што „повеќе од 16 години по првата одлука на овој совет, на здруженијата кои имаат за цел ‘да постигнат признавање на македонското малцинство’ рутински им се одбива регистрација, главно поради поопштиот проблем со отфрлањето на нивните цели, и тие се соочуваат со континуирана практика од властите да наведуваат нови основи за одбивање, иако документите за регистрација постојано се проверуваат“. Комитетот на министри ја изрази својата подготвеност, во отсуство на опиплив напредок пред состанокот во септември 2023 година, да го покани претседателот на Комитетот да испрати писмо до бугарските власти за да ги повика да најдат брзи решенија за целосно и ефективно исполнување на нивните обврски кои произлегуваат од одлуките на ЕСЧП во овие случаи.