1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денков: Не се менува бугарската позиција кон РСМ

28 август 2023

Од нашите соседи се очекува да ги исполнат обврските преземени пред ЕУ, изјави бугарскиот премиер, кој исто како и македонскиот премиер денеска учествува на Стратешкиот форум во Блед.

https://p.dw.com/p/4Vdam
Бугарскиот премиер Николај Денков
Денков: Нема никаква причина да ја смениме нашата позицијаФотографија: BGNES

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека ќе си поднесе оставка веднаш откако ќе помине гласањето за вклучување на Бугарите во Уставот. Но, политичари во Скопје се надеваат дека може да има европски притисок за да го кренеме ветото. Дали би ја промениле бугарската позиција за РСМ?

На ова прашање упатено до бугарскиот премиер во интервју за весникот „24 часа“, Николај Денков дава дециден одговор:

„Категорично не. Со реализирањето на т.н францускиот предлог, како резултат на кој беше укинато ветото, всушност разговорот веќе не е меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу РСМ и ЕУ. Тоа што се очекува, е нашите соседи да ги исполнат обврските преземени пред ЕУ. Нема никаква причина да ја смениме нашата позиција “, изјави Денков.

Бугарскиот премиер денеска (28.08) ќе учествува на лидерскиот панел на 18-то издание на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, кое годинава се одржува под наслов „Солидарност за глобална безбедност, каде учествува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Поддршка за уставните измени

Во пресрет на денешниот форум, синоќа се одржа работна вечера во организација на словенечкиот премиер, Роберт Голоб, на која учествуваа премиерите на земјите од Западен Балкан со вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а на која се разговарало за европската интеграција на земјите од Западен Балкан и напредокот на реформските процеси.

Словенија, Блед | вечера на премиерите од Западен Балкан со словенечката вицепремиерка Тања Фајон
Работна вечера на премиерите од Западен Балкан со словенечката вицепремиерка Тања Фајон Фотографија: Government of North Macedonia

Ковачевски вчера имаше и средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на која присуствувале Османи и Маричиќ, а во фокус на разговорите било успешното отпочнување на процесот на уставните промени во Собранието. „Двајцата соговорници се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповторлива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамки на ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економски развој, како на земјата, така и на регионот“, соопштија од Владата.

Словенија, Блед | Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во БледФотографија: Government of North Macedonia

По средбата сите поединечно се огласија со акценти од разговорите.

„Согласни сме дека сите политички чинители имаат обврска да придонесат кон забрзувањето на евроинтеграциите на земјата, бидејќи Северна Македонија мора да ја искористи оваа единствена шанса за членство во ЕУ“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на социјалната мрежа „Х“ го поздрави лидерството и решеноста на Северна Македонија да напредува во реформската ЕУ-агенда и да испорача конкретни резултати.

„Целосна поддршка за иницијативата за носење на уставните измени и покрај многу политички предизвици“, напиша Мишел.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ објави дека имале „многу отворен и значаен разговор со претседателот на Европскиот совет“.

„Наша обврска е да ја искористиме позитивната атмосфера и во пресрет на европските избори да ја загарантираме нашата европска перспектива. Целта ни е да продолжиме со преговорите и да успееме, со обединетост и одговорен пристап кон спроведување на реформите и задачите кои ги имаме на патот до ЕУ“, напиша Маричиќ.

„Европеизација“ со калашников

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, од Словенија порача дека Владата останува максимално посветена во реализација на стратешката цел: РСМ да стане полноправна членка на ЕУ до 2030 година. На маргините на Бледскиот стратешки форум тој ќе има голем број средби - по работниот појадок со министри за надворешни работи и специјални претставници за Западен Балкан ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои со државната секретарка за европски прашања на Франција, Лоранс Бун, државната секретарка за европски прашања на Португалија, Тиаго Антунес, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, како и со членот на Државниот совет на Франција и поранешен советник на францускиот претседател, Александре Адам.

Александре Адам е познат како „советникот кој го креирал францускиот предлог“, бидејќи од позицијата советник на францускиот претседател за Европа учествувал во разговорите за изработка на предлогот преку бројни посети и консултации со властите во Скопје и Софија. Набрзо по креирањето на францускиот предлог, лани во септември тој беше назначен за член на Државниот совет, највисокиот управен суд во Франција.

И додека од форумот во Блед доаѓат пораки за европеизација и безбедност, еден случај ја испровоцира ВМРО-ДПМНЕ да порача: „Утре кога ќе дојдат да ви зборуваат дека тие биле за ЕУ, покажете им го видеото и кажете им дека во Македонија тие што треба да го спроведуваат законот, се доживуваат како тие да се законот“.

Станува збор за снимка на која се глада дека командирот на полициската станица во Ропотово од тераса пука од автоматско оружје на веселба. Според МВР, настанот се случил на 19-ти август на свадба кај негови роднини во семејна куќа во село Дебреште. Полицијата соопшти дека тој вчера бил лишен од слобода, а Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност. До донесувањето на решение од дисциплинската постапка тој ќе биде суспендиран.

„Ова ли се тие европски принципи за кои се залага СДС и ДУИ? Само СДС и ДУИ може да промовираат вакви европски вредности каде што полициски службеник пука со калашников“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ и за случајот побара оставка да понесе ресорниот министер.