1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Нападот во Манхајм разгоре дебата за депортации

7 јуни 2024

Откако во Манхјам еден Авганистанец со нож нападна пет лица, при што еден полицаец загина, во Германија повторно се водат жестоки дискусии за протерувањето, вклучително и во небезбедни земји на потекло.

https://p.dw.com/p/4glsG
Олаф Шолц владина изјава
Олаф Шолц во Бундестагот: „Тука нема место за сериозни криминалци“Фотографија: Political-Moments/IMGAO

Шокот од насилството во Манхајм минатиот петок сѐ уште може да се почувствува во Бундестагот во Берлин. Во говорите на пратениците уште од првата точка на дневниот ред вчера се препознава збунетост, па дури и гнев. Точката е формулирана како „Владина изјава за актуелната безбедносна состојба“, но забележливо е колку политичарите се беспомошни пред ваквите акти на насилство: 25-годишен маж од Авганистан, оженет со Германка, татко, без полициско досие, со нож повреди петмина учесници на собир кој беше критички настроен кон исламот, како и полицаецот Рувен Л. 29-годишниот полицаец беше повреден толку тешко, што подоцна им подлегна на повредите.

Шолц: „Вакви злосторства ме разгневуваат!“

Насилството на јавни места, на настани, меѓу другото и врз политичари во Германија, станува сè поголемо. Канцеларот Олаф Шолц знае дека владата мора да реагира. „Дозволете ми јасно да кажам: ме разгневува кога некој што побарал заштита овде ќе изврши најтешки злосторства“, вели тој. „Ваквите криминалци треба да бидат депортирани - дури и ако доаѓаат од Сирија или Авганистан. Тука нема место за тешки криминалци и терористички заканувачи.“ Шолц исто така потенцира дека околу 20 милиони луѓе во Германија кои имаат доселеничко минато се исто така шокирани од трагедијата во Манхајм. Кога канцеларот во Бундестагот зборуваше за депортации, тој беше прекинуван со извици од пратениците. „Сите тие веќе не смеат да бидат тука“, извикува возбудено еден од пратениците.

Повторно спор во владата

Но, и покрај јасните зборови на канцеларот, многу емотивната дебата останува чувствителна за сојузната влада, составена од Социјалдемократите, Зелените и Либералите. Зашто, различните мислења на трите партии доаѓаат јасно до израз и кога станува збор за депортациите.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) во вторникот (4.06) јасно стави до знаење дека може да замисли депортации во Авганистан, иако тие се суспендирани откако радикалните исламистички талибанци дојдоа на власт во август 2021 година. Фезер рече: „Неколку месеци многу интензивно испитував дали се можни повторно депортации на сериозни криминалци и опасни луѓе во Авганистан. Ова не е толку банално во вистинската испорака. И, за мене е јасно дека луѓето кои се потенцијална опасност за безбедноста во Германија мора брзо да бидат депортирани“.

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер и министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл
Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер и министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Високи пречки за зголемени депортации

Тоа не е банално во имплементацијата - Фезер со ова сакаше да каже дека Германија не депортира луѓе во воените зони. И дека депортациите во земјата на Хиндукуш би биле можни само доколку Германија склучи соодветен договор со талибанците. Но, Германија не го признава режимот во Кабул. И во Сирија, каде од 2011 година има граѓанска војна, не се вршат депортации, дури и на криминалци.

Ројл: „Секој што оди на одмор таму се чувствува безбедно!“

Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл (ЦДУ), ги знае фактите, но и тој смета дека политичарите на сојузно и покраинско ниво треба повторно да размислат. Тој во вторникот седеше до Ненси Фезер. Двајцата сакаа да зборуваат за безбедносните мерки на претстојното Европско фудбалско првенство, а сега и тој зборува на тема депортации во Авганистан. „Ако безбедноста е пред правото на престој, тогаш мора многу повнимателно да видиме што оди, а што не“, вели тој. „И ако луѓето можат да патуваат во овие области за да се одморат од престојот во Германија, тогаш може и луѓето кои овде не се однесуваат како што треба да бидат испратени таму, бидејќи тогаш се чини дека не е опасно таму“.

Така мисли и лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, опозицискиот лидер во Бундестагот: „Барателите на азил кои се обврзани да ја напуштат земјата мораме да ги протеруваме и во Авганистан и Сирија“.

Авганистан талибанци
Радикално-исламистичките талибанци во Авганистан немаат односи со ГерманијаФотографија: Mohsen Karimi/AFP/Getty Images

Зелените не сакаат да ги наградуваат талибанците

За владиниот партнер на СПД, Зелените, има големи пречки за можните депортации. Лидерот на партијата на Зелените, Омид Нурипур, предупреди од договор со талибанците. Тој за телевизијата МДР рече дека талибанците се „исламисти од камено доба“ и сигурно ќе сакаат пари за договор: „Ако им дадеме пари на исламистите, тие можат да ги искористат за градење мрежи. Ниту тоа не придонесува за нашата безбедност“.

Многу небезбедни земји и исчезнати пасоши

Депортацијата на насилните криминалци често пропаѓа затоа што нема договори со земјите на потекло. Во секој случај, Германија депортира луѓе само во земји кои се сметаат за „безбедни држави“, односно во земјите на ЕУ, на пример, плус балканските држави, Сенегал и Гана, а од минатиот декември и Грузија и Молдавија. Неодамна, околу 280.000 луѓе требаше да ја напуштат земјата, а половина од нив беа одбиени баратели на азил. Сепак, околу 80 проценти од нив не можат да бидат депортирани и добиваат статус на толерирани лица бидејќи не можат да приложат валидни пасоши.

Море од цвеќиња: гнев и тага во Манхајм поради убиениот полицаец
Море од цвеќиња: гнев и тага во Манхајм поради убиениот полицаецФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Организациите за бегалци предупредуваат од паушални пресуди

Сепак, организациите како што е Амнести интернешенел предупредуваат да не се ставаат под општо сомневање сите луѓе од Авганистан: „Оваа тага не смее да се искористи политички за расистичко хушкање против луѓе без германско државјанство“, оценува Софи Шејт, експертка на Амнести за политика за азил. Берлинскиот совет за бегалци предупредува дека депортирање на криминалци во воените зони е кршење на основните човекови права, а освен тоа значи и двојна казна, што е спротивно на законите во Германија.

Во меѓувреме, Манхајм не се смирува: во вторникот вечерта, Хајнрих Кох, кандидат на АфД за локалните избори, беше повреден во напад со нож додека следел човек кој претходно украл изборен плакат. Насилникот е сместен во психијатриска болница.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик