Шолц е за депортација на тешки криминалци во Авганистан
6 јуни 2024Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска се обрати до Долниот дом на парламентот, Бундестагот, со таканаречена владина изјава за националната безбедност.
Шолц започна осврнувајќи се на неодамнешната смрт на германскиот полицаец кој минатата недела беше избоден со нож од 25-годишен авганистански државјанин, велејќи дека трагедијата „не погоди сите во срцето“.
Тој потоа продолжи со она што го опиша како мизантропска идеологија: „радикалниот ислам... тероризмот... сака да ни ја одземе слободата. Без тие слободи немаме демократија“.
Тој рече дека законите против таквото насилство мора да се направат построги и дека оние кои убиваат полицајци мора да бидат казнети со сета строгост.
Потоа се осврна на спорното прашање за депортацијата на мигрантите, велејќи дека е „згрозен од тоа дека некој кој што бара засолниште во Германија ќе изврши злосторства [како во нападот со нож во Манхајм]“, додавајќи дека таквите лица мора да бидат депортирани.
Прашањето дали Германија треба или не треба да продолжи со протерувања во земји како Авганистан и Сирија беше жестоко дебатирано, при што оние од левата страна беа против, а оние од десницата за.
Шолц ја призна таквата загриженост, но сепак вети дека ќе ги зајакне законите кои дозволуваат брза депортација на криминални мигранти во земји кои претходно се сметаа за небезбедни. „Националната безбедност тежи повеќе од правата на индивидуалните баратели на азил“, рече тој.
Шолц, исто така, ја истакна потребата од повеќе полиција и вети дека ќе ги ускрати германските пасоши на познатите исламисти или антисемитисти, ветувајќи став за „нулта толеранција“ кога станува збор за депортирање на такви лица.