МСП: Нелегална политика на Израел на палестинските територии
20 јули 2024Упатен е повик до Генералното собрание на ОН да преземе што поскоро мерки за да се стави крај на оваа ситуација.
„Постојаното присуство на Израел на окупираните палестински територии е нелегално“, заклучи во петокот Меѓународниот суд на правдата во Хаг. На оваа ситуација мора што поскоро да се стави крај, потенцира судот во своето мислење. Во декември 2022 година, Генералното собрание на ОН го задолжи судот со ова прашање – значи пред настаните од 7 октомври 2023 година и војната меѓу Израел и Хамас.
Тој ден во терористички напад на милитантно-исламистичката организација Хамас, според израелски извори, загинале околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 луѓе биле киднапирани и однесени како заложници во Појасот Газа. Тековната израелска војна против Хамас во Појасот Газа досега однесе животи на повеќе од 38.000 луѓе, според непотврдени податоци на здравствените власти на Хамас.
Овие настани немаа никакво влијание врз проценката на правната ситуација од страна на Меѓународниот суд, како што објасни судијата претседавач Наваф Салам за време на малку повеќе од едночасовното читање на пресудата.
Израелската политика е под истрага од 1967 година
Во прашање беше повеќе практиката на израелската политика на окупираните палестински територии која трае од Шестдневната војна во 1967 година. Во резолуцијата, на која се заснова мислењето на Меѓународниот суд, покрај Источен Ерусалим и Западниот Брег, експлицитно се споменува и Појасот Газа и тамошните услови за живот.
Меѓународниот суд исто така смета дека Израел мора веднаш да ги прекине сите активности за населување и да ги евакуира сите доселеници од тие области. Според германската новинска агенција (ДПА), бројот на израелски доселеници на Западниот Брег и Источен Ерусалим изнесува вкупно 700.000. Советот за безбедност на ОН ги оцени овие доселеници за последен пат во 2016 година во Резолуцијата 2334 како „флагрантно кршење“ на меѓународното право и го повика Израел веднаш да ги прекине сите активности за населување.
Стефан Талмон, професор по меѓународно право на Универзитетот во Бон, смета дека ова мислење е „монументално“, бидејќи Меѓународниот суд во целост утврдил дека сите мерки и дејствија на Израел на окупираните палестински територии, кои судот ги испита, се незаконски.
По објавувањето на мислењето, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли документот и посочи дека неговата земја нема да се придржува до него. Нетанјаху на онлајн платформата X ова го нарече „апсурдно мислење од Хаг“. Од кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, беше кажано дека ова е „историска“ одлука која Израел мора да ја спроведе, пренесува агенцијата АФП.
Ефект на одлуката - за сите земји
Мислењето не е правно обврзувачко. Според Меѓународниот суд на правдата, организацијата барател - во овој случај Генералното собрание на ОН - може да одлучи што да прави со резултатот. Во секој случај, ваквото мислење, според Меѓународниот суд на правдата, има „голема правна тежина и морален авторитет“ и може да го зголеми политичкиот притисок врз Израел, особено во контекст на војната во Газа.
Професорот по меѓународно право Талмон за ДВ вели дека мислењето, и покрај тоа што не е правно обврзувачко, е од големо значење, бидејќи Меѓународниот суд на правдата ја разјасни основната правна состојба.
Во своето мислење, Меѓународниот суд исто така наведе дека другите држави и меѓународни организации не смеат да ја признаат ситуацијата како легална. Исто така, државите не смеат да даваат помош која би придонела за зачувување на таа состојба.
Од ова може да се покренат прашања за продажба на производи произведени во израелските населби на Западниот Брег или за проекти за развојна помош во тие области, вели Талмон. Иако не може да се очекуваат веднаш видливи и непосредни последици од мислењето, тоа би можело да игра важна улога во идните постапки пред судот на ЕУ и националните судови.
Повик до Генералното собрание на ОН за акција
Најзначајната последица може да дојде од Генералното собрание на ОН, смета Талмон. Тоа може, на пример, да донесе резолуција со која ќе се повика Израел да го спроведе мислењето. Дури и ако Израел не се придржува до таквата резолуција, правната позиција на Израел во однос на окупираните територии би станала сè понеодржлива, смета експертот за меѓународно право.
Меѓународниот суд посебно го повика Генералното собрание на ОН, кое го побара ова мислење, да ги разгледа мерките и понатамошните активности за „што поскоро да се стави крај на нелегалното присуство на државата Израел на окупираните палестински територии“.
Овој случај не треба да се меша со тврдењето на Јужна Африка против Израел за наводно прекршување на Конвенцијата за геноцид, која исто така е пред Меѓународниот суд на правдата. Израел ги отфрла овие обвинувања.