Војна во Газа: Хамас наводно не знае колку заложници се живи
14 јуни 2024Портпаролот и член на политичкото биро на палестинската милитантна група Хамас, Осама Хамдан изјави дека „никој не знае“ колку заложници во Појасот Газа се уште се живи.
На прашањето дали Хамас жали за нападот врз јужен Израел на 7 октомври минатата година, со оглед на војната што следеше, Хамдан рече дека нападот врз Израел е оправдан бидејќи тоа е „реакција против окупацијата“.
„За тоа е одговорна израелската окупација. Ако се спротивставате на окупацијата, ќе ве убијат, но ако не се борите против окупацијата, тие исто ќе ве убијат и ќе ве избркаат од вашата земја. Затоа, што требаше да правиме, само да чекаме?“, праша Хамдан од Бејрут, главниот град на Либан, во интервју за американскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен.
Хамдан, меѓу другото, рече дека Израел мора да се согласи на целосен прекин на огнот пред да се случат какви било преговори за ослободување на заложниците.
„На Хамас му е потребен јасен став од Израел за да прифати примирје, целосно повлекување од Газа и ослободување на Палестинците. Подготвени сме да разговараме за фер договор околу размена на затворениците“, рече Хамдан.
Хамдан ја истакна потребата САД да ја убедат израелската влада да се согласи на траен прекин на борбите во Газа.