Израелскиот парламент гласаше против палестинска држава
18 јули 2024Мнозинството израелски пратеници (68 од вкупно 120 членови на Кнесетот) се изјаснија за заклучокот на израелскиот парламент кој е против основање палестинска држава. Меѓу оние што се изјаснија „за“ заклучокот се пратениците од десничарско религиозната коалиција под раководство на премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и од опозициската партија на Бени Ганц, која според анкетите има најдобар рејтинг и во случај на нови избори би освоила најмногу места во парламентот. Деветмина членови на арапските партии се изјаснија против заклучокот на парламентот, а останатиот дел од пратениците беа воздржани или не беа присутни на седницата.
Во заклучокот кој доби зелени светло во Кнесетот се вели: „Основање палестинска држава во срцето на земјата Израел би претставувала егзистенцијална закана за државата Израел и нејзините граѓани. Би било само прашање на кратко време додека Хамас да ја преземе палестинската држава и да ја претвори во радикална исламистичка база на терор.“ Таква една палестинска држава, како што се додава во заколучокот на израелскиот парламент, би работела на уништување на државата Израел.
Со гласањето во Кнесетот се потврдува досегашниот став на израелскиот парламент и нема конкретни последици, но може да се смета за провокација непосредно пред посетата на Нетанјаху на САД. Ваквиот чекор веројатно ќе ги налути американските Демократи, кои се залагаат за решение за две држави, напиша израелскиот весник „The Times of Israel“. Нетанјаху на 24 јули би требало да одржи говор за војната во Газа во американскиот Конгрес.