Големо прашање е дали некој овде (мислиме на политичарите) гледа што се случува последнава година во Европа додека кај нас течат едни те исти и исти дебати – нема уставни измени по бугарски диктат; или не може да се промени преговарачката рамка. Изгледа дека во опседнатоста со херојство или визионерство и кусогледоста на политичките пораки македонските политички елити не разбираат какви промени се случуваат во Европската унија. И какви промени би можело да има по изборите за Европскиот парламент кои треба да се се одржат од 6 до 9 јуни 2024. А особено со проширувањето на ЕУ.
За тоа е потребен стратешки поглед. А како што рече Хенри Кисинџер во неодамнешното долго интервју за „Економист“ – „за да добиете стратешки поглед, потребна ви е верба во вашата држава. Ако не ги едуцирате луѓето да имаат верба во иднината, тогаш во тешките животни одлуки, кои се непосредни - инаку не би биле тешки - тие се збунети околу вистинските прашања“.
Голем дел од домашните политичари, влијателни личности, вакви или онакви аналитичари, вербата во сопствената држава околу почетокот на преговорите со ЕУ и можните идни блокади од Бугарија ги ставаат претпоставените пречки на Софија на пиедестал и во исто време ги потценуваат знаењето, умешноста и способноста ма оваа држава, која покажа неверојатна отпорност да надмине многу кризи последниве 30 години. Такво минимизирање на сопствената способност и радосно втурнување во челуста на нихилизмот како што се случува последниве години, ретко може да се види во Европа. Или, веројатно, никаде.
Во Европа работите се менуваат, крајната десница последниве две-три години маршира со стабилен чекор, некогаш побрз, некогаш побавен, некогаш ќе почине, но просторот што го освојува е сѐ поголем и поголем.
Прво тоа беше Италија. Потоа дојде Шведска, па Финска, па Грција. Истото се очекува на 23 јули во Шпанија. Австрија е следна. А и Словачка. Унгарија веќе е во тој камп, како и Полска. Европа оди многу подесно од стандардниот десен центар и со тоа полека се преобликува Европската унија. Џорџа Мелони и нејзината партија Браќа на Италија лани во незапирлив налет победија на парламентарните избори. Класичната централно-десничарска партија Форца Италија на сега покојниот Силвио Белускони е најмалиот партнер во трипартитната коалиција.
Еден висок дипломат на ЕУ изјави дека „веќе го гледаме ‘ефектот Мелони’“. Корените на партијата на Мелони се неофашистички, таа настојува да го прикаже нејзиното современо лице. Кога лани замина на првот европски самит со тврдите стагвови околу миграцијата и климатските промени, вратите во Брисел веќе беа отворени за неа. Мелони не требаше да чука на нив, многумина во салата што јавно, што тајно, ги делат нејзините ставови. Пред еден месец таа, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и холандскиот премиер Марк Руте, отидоа заеднички во Тунис (како меѓупартиска тројка) за да разговараат како да се ограничи испловувањето на бродови полни со мигранти во Средоземното Море.
Крајната десница влезе во европскиот мејнстрим. И во тоа најмногу ѝ помогнаа класичните десничарски партии. Во последниве десетина години имаше конвергенција меѓу десниот центар и крајната десница, особено кога дојде големиот налет на сириските бегалци. Тоа има последици за ЕУ.
Тие последици, според сите анкети ќе се видат јасно на европските избори следната година. Сосем веројатно дека десницата ќе биде повторно најсилната група во Европскиот парламент, но не е јасно каков ќе биде внатрешниот распоред. Европската народна партија (ЕПП) би требало повторно да биде најголемата пратеничка група, но дел од нејзините гласачи ќе ги земат партиите од групата Европски конзервативци и реформисти (таму е Мелони и полската владејачка партија), како и уште подесните Идентитет и демократија.
Германски шок бранови
Она што се случи во Германија на крајот на јуни, кога прв пат по Втората светска војна на избори за градоначалник победи кандидат на екстремната Алтернатива за Германија, ја стаписа германската јавност и предизвика шок-бранови низ Европа. Градот е Зонеберг, се наоѓа во источногерманската покраина Тирингија. Кандидатот на АфД го победи ривалот од ЦДУ. Тоа се случи во покраината каде што огранокот на антиимигрантската партија е оквалификуван од разузнавачките служби како крајнодесничарски екстремисти.
Поголемиот дел од влијанието на АфД е во поранешните источногермански покраини. Овој успех во Зонеберг треба да им ги зголеми шансите на крајните десничари не само за европските избори, туку и на покраинските следната година, што треба да се одржат во источните покраини Саксонија, Тирингија и Бранденбург. Јавноста и мејнстрим партиите тргнаа во френетична потрага по објаснувања зошто се случило тоа во Зонеберг. Опозицската ЦДУ ја обвинува трипартитната владејачка коалиција дека со нејзините лоши одлуки придонесла за јакнењето на АфД. Некои од нејзините функционери ги обвинија Источногерманците дека уште имале тоталитарна свест и не ја разбрале демократијата додека АфД во источните покраини излегува со лепливи слогани како „Истокот се крева“.
Алтернатива за Германија беше формирана во 2013 година од група евроскептични интелектуалци и банкари. Нејзината главна политичка карта секогаш беше интимигрантската политика. Во Бундестагот прв пат влегоа во 2017 година. На изборите во 2021 освоија 10 отсто од гласовите, но од почетокот на годинава нивниот подем незапирливо расте. Анкетите сега ѝ даваат на АфД дури 20 отсто поддршка, и е втора партија по силина зад опозициската ЦДУ, која и не е многу далеку од нив, има 26 проценти. Владејачката СДП е трета со 18 отсто, а Зелените имаат 15 проценти поддршка.
Нејзиниот колидер, Тино Хрупала, пред некој ден за „Еурактив“ изјави дека целта на АфД е „контролирано распаѓање на Европската унија“. Тој ги наведе санкциите на ЕУ против Русија како главен пример за нелегитимноста на ЕУ, велејќи дека тие „не се во интерес на граѓаните“ и доведоа до зголемена инфлација и рецесија.
Наместо тоа, АфД предлага да се замени ЕУ со „нова европска заедница заснована на економија и интереси, друштво на европски држави“. Хрупала го означи унгарскиот премиер Виктор Орбан како еден од неговите главни сојузници.
Манфред Вебер, лидерот на Европската народна партија и човекот кој ја отвори вратата за соработка со крајната десница, сега трескавично бара излез од политичкиот „пекол“ во кој ја вовлече ЕПП. Тој сака да ја стави борбата против АфД во центарот на изборната кампања на ЕУ следната година, нарекувајќи ги главен непријател. Според Вебер, АфД „не е само политички конкурент, туку и противник и непријател“, изјави тој минатата недела.
„Доаѓа битка за душата на Европа - исто така во Германија“, додаде тој.
Часот на патриотите
Малку подолу, во Австрија, исто така се води „битка за душата на Европа“ и во таа битка засега, барем во анкетите, победува крајната десница.
Пред речиси 25 години, кога екстремно десничарската популистичка Слободарска партија (ФПО) на Јерг Хајдер освои нешто помалку од 27 отсто од гласовите и влезе во владата во Австрија, шок бранови одекнаа низ Европа. Дипломатските посети беа откажани и беа изречени казнени мерки.
Не долго потоа, кога Жан-Мари ле Пен од францускиот Национален фронт (сега Национален собир) стигна до вториот круг од претседателските избори, подоцнежниот победник Жак Ширак одби дури и да дебатира со лидерот на екстремната десница, толку одвратни - и ненормални - беа неговите ставови.
Сега Слободарската партија во Австрија е клучен дел од мејнстрим пејсажот. ФПО доминира во последните анкети со поддршка од 30 отсто од граѓаните. Зад неа се и владејачката централно-десничарска Народна партија и социјалдемократите со по 23 отсто. Наредните избори ќе бидат во 2024.
Во Грција, иако Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис однесе триумф на неодамнешните избори, темни сенки се фрлени врз новиот парламент. Левицата доживеа силен пораз, но влегувањето на две екстремно десничарски групи го создаде она што веб-страницата за вести News247 го опиша како „парламент чудовиште“. Партијата Спартанците доби 12 места и се смета за континуитет на поранешната неонацистичка партија Златна зора, која е означена како криминална организација. Друга крајнодесничарска партија што се проби во парламентот е Ники, која доби 10 места. Третата партија од овој спектар, Грчко решение (12 пратенички места), исто така се смета за ултранационалистичка. Иако е поумерена во споредба со другите две, Грчко решение е проруска и има силна антимиграциска реторика.
Слични резултати се очекуваат и на изборите во Шпанија закажани за 23 јули. Харизматичниот социјалистички премиер Педро Санчез реши да отиде на брзи избори неколку месеци пред редовниот термин по болниот пораз на локалните избори во мај. Во анкетите води главната опозција, централно-десничарската Народна партија, а огромен пораст има крајната десница олицетворена во партијата Вокс. Бидејќи Народната партија не ќе може сама да направи влада веројатен е коалицискиот сојуз со Вокс, со што за прв пат по смртта на Франко екстремната десница ќе влезе во шпанската влада.
Тоа нема да биде прв пример во ЕУ. Во Шведска во 2016 Ана Кингберг Батра, тогашен лидер на конзервативната партија Умерени, ја отфрли партијата Шведски демократи како расистичка. На последните избори лани Шведските демократи беа втори (социјалдемократите беа убедливо први). Централно-десничарската Умерени беше трета, но нејзиниот лидер Улф Кристерсон склучи договор со крајната десница за да стане премиер. Шведските демократи не влегоа во владата, но ја поддржуваат а за возврат многу нејзини политики се вградени во владината програма.
Истото се случи во во Финска. Конзервативната Партија на националната коалиција победи на изборите, но за да владее реши да го премине политичкиот рубикон и формираше коалициска влада со ксенофобичната и крајноденсичарска Партија на Финците. Пред неколку дена беше откриено дека нејзината лидерка и сегашена министерка за финансии Рика Пура пишувала расистички коментари пред 15 години. Владата се стресе уште на самиот нејзин почеток. Пура се извини и премерот Петери Орпо изјави дека тоа е доволно, владата нема да се тресе поради овој скандал.
Подемот на крајната десница на политичката сцена почна од 1980-те. Со мали исклучоци таа од година во година освојува нови простори и тоа е највознемирувачкото. Особено што класичната десница во обид да привлече дел од нејзините гласачи во програмите вгради дел од нејзините загрижености. Тоа ги отвори вратите на политичката арена за крајната десница која автентично ги изразува ксенофобичните ставови.
Џорџа Мелони, на која ѝ се умилкуваат лидерите на ЕПП како Манфред Вебер во четвртокот вечерта имаше телевизиско учество на митингот на шпанската крајна десница од Вокс во Валенсија. Таа ги повика шпанските гласачи на 23 јули ја поддржат Вокс за да ја „забрзаат промената на политиките на Европа“. „Клучно е да се воспостави конзервативна, патриотска алтернатива“, рече таа.
„Часот на патриотите пристигна“, заклучи Мелони.
Во тој час агендата за проширување на Европската унија е на маргините, речиси исклучена.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.