Популистичката АфД пред владејачката СПД во анкетите
23 јуни 2023Продолжува растот на десно-радикалната АфД во анкетите во Германија. Според последното истражување на јавниот сервис АРД, АфД во моментов е партија со втора најголема поддршка меѓу испитаниците со 19 проценти. Со тоа, партијата која е отворено антисемитска и се залага за напуштање на ЕУ, се искачи пред владејачките социјалдемократи (СПД) кои имаат доверба на 17 отсто од испитаните граѓани во анкетата. Сличен рејтинг АфД имаше и во текот на 2018 година.
Доколку утре се одржат избори, убедливо ќе победи опозициската конзервативна сестринска партија ЦДУ/ЦСУ со 29 проценти од гласовите. Бројките покажуваат дека ЦДУ/ЦСУ го одржува високиот рејтинг од претходните истражувања. На четврто место, со натамошен пад на рејтингот, се Зелените со 15 отсто поддршка, што е пад од еден процент во однос на претходната анкета. Третиот партнер во владината коалиција- Либералите (ФДП) имаат поддршка на 6 отсто од испитаниците.
Мнозинството за соработка против АфД
Мнозинството од испитаниците сепак поддржуваат соработка на традиционалните партии со цел да се спречи избор на кандидати на АфД за градоначалници или советници во локалните совети. Ваквата политика ја поддржува секој втор граѓанин- односно 52 проценти. Повеќе од една третина од испитаниците (35 проценти) ја сметаат таквата политика за погрешна.
Нема одмор за една третина од Германците
Три од 10 анкетирани граѓани годинава нема да заминат на годишен одмор. Најголем проблем притоа е домашната финансиска состојба. Особено луѓето со ниски примања (57 проценти), под 1.500 евра месечно, годинава сакаат да останат дома. Кај постарите генерации, над 65 години, дури 49 проценти ќе се откажат од летување, исто така поради влошената финансиска ситуација, покажува анкетата на првиот канал на германскиот јавен сервис.