Партискиот подмладок на АфД е опасен за демократијата
26 април 2023Сојузната служба за заштита на уставот четири години интензивно ја следеше активноста на младинската организација на партијата Алтернатива за Германија.Во фокусот беа прашањата – дали Младата алтернатива натамошно ќе се радикализира, ќе врши подбуцнување против мигрантите, ќе пропагира националистички општествен концепт или германските државјани со миграциско потекло ќе ги дискриминира како граѓани од втора класа?
Целна пропаганда и ширење непријателство
Одговорот на Сојузната служба за заштита на уставотна сите овие прашања гласи – да. Поради тоа, партискиот подмладок на АфД сега од категоријата „сомнителен случај" е преместен во категоријата „случај со докажани десноекстремистички стремежи“. Претседателот на Службата за заштита на уставот, Томас Халденванг вака ја образложи одлуката: „Целното пропагирање на непријателство и ширење на потсвесна одбојност кај населението погодуваат за воспоставување база за непријателско расположение кон засегнатите."
Заедно со Млада алтернатива, како организации со докажани десноекстремистички стремежи се класифицирани и „Институтот за државна политика“ (ИфС) и здружението „Еден процент“. Со ова, за трите групи расте ризикот да бидат следени со користење на разузнавачки инструменти, во кои спаѓа и можноста за целен надзор на лица и нивната електронска комуникација.
Антидемократски идеологии и концепти
Оваа можност постоеше и претходно, но веројатноста да бидат применети вакви методи со сегашната одлука е порасната. Сојузната служба за заштита на уставот не ги има во визирот само насилно ориентираните екстремисти, туку и „собири на лица кои перманентно шират антидемократски и идеологии и концепти против човечкото достоинство“, истакна Халденванг.
Трите организации, кои сега ќе бидат под уште побудно око на заштитниците на уставот, за цел имале дискриминација на наводни странци и се обидувале да ги етаблираат овие позиции во општеството, се вели во образложението на одлуката. Следна и последна санкција кон нив би била нивна забрана.
Не е едноставно да се забрани една партија
Сојузното Министерство за внатрешни работи повеќе пати досега посегна по ваква мерка кога се во прашање десно екстремистички организации и здруженија, но забрана на политичка партија е многу покомплицирана работа. Обидот за забрана на десно екстремистичката Националдемократска партија на Германија (НПД) во 2017 година беше неуспешен.
Сепак, за АфД класифицирањето на нејзината младинска организација во категоријата „со докажано десно екстремистички стремежи", претставува предупредувачки сигнал. Од март 2022 година Сојузната служба за заштита на уставот има право на засилен надзор и врз целата партија како „случај за кој постои сомневање за десен екстремизам.". Партијата вложи за тоа неуспешна жалба пред Управниот суд во Келн. Кратко пред тоа, партијата ја напушти тогашниот претседател на АфД, Јерг Мојтен.
Неговата аргументација беше дека во 2013 година основаната Алтернатива за Германија се` повеќе свртува кон десно и развива тоталитарни белези, дека во голема мерка не стои веќе на линијата на мировниот демократски поредок. Гледиште кое одамна го дели и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок.
Партискиот подмладок на АфД, Сојузната служба за заштита на уставот го проценува за уште поопасен: изјавите и застапуваните ставови на Младата алтернатива противречат на принципите содржани во уставот и водат кон дискриминација и непријателство кон припадниците на другите ентитети.
Паушални обвинувања против муслиманите
На мета се посебно доселениците со (наводно) муслиманска заднина, на кои паушално им се припишуваат негативни карактеристики: културна ретроградност и надпропорционално изразена наклоност кон криминал и насилство, и тоа само врз основа на нивното потекло и религија.
Службата за заштита на уставниот поредок во основа се сомнева во верноста на младинската организација на АфД кон уставниот поредок, а докази за тоа гледа во бројноста на случаите на оцрнување и навреди на политичките противници, но и на државата и на нејзините претставници. Младинската организација на АфД нема за цел водење дебата, туку врши генерално понижување на демократскиот систем во Германија, затоа се смета за „случај на докажани десно екстремистички стремежи“, смета Сојузната служба за заштита на уставниот поредок.