1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто десниот популизам е толку популарен во Германија?

Бенџамин Најт
4 јули 2023

Алтернатива за Германија (АфД) наидува на сѐ поголема поддршка меѓу гласачите. Таа по втор пат за само неколку дена победува на локални избори. Зошто се случува ова?

https://p.dw.com/p/4TOVz
Алтернатива за Германија АфД
Алтернатива за Германија - покраински конгрес во 2020 година во Саксонија-АнхалтФотографија: Heiko Rebsch/dpa/picture alliance

Во неделата вечерта, Ханес Лот од АфД го победи независниот кандидат Нилс Нојман во градот Рагун-Јеснив во покраината Саксонија Анхалт и стана прв градоначалник од редовите на АфД во Германија. Тоа се случи една недела откако кандидатот на АфД Роберт Зеселманпобеди во вториот круг на изборите во округот Зонеберг во Тирингија и стана прв околиски началник од оваа партија. Резултатите го потврдуваат очигледниот тренд во анкетите ширум државата - десничарската популистичка партија АфД актуелно има поддршка од 20 проценти од гласачите, исто колку и Социјалдемократите на Олаф Шолц од владејачката коалиција. 

Политичките аналитичари не се согласуваат околу причините за трендот. Некои сметаат дека за тоа придонеле неодамнешните судири во сојузната влада, пред сѐ околу климатските промени. „Политиката на владејачката коалиција ги вознемирува луѓето”, укажува Урсула Минх, директорка на Академијата за политичко образование „Туцинг” од Баварија. „Мислам дека луѓето кои генерално беа незадоволни од политиката, сега сѐ повеќе се вртат кон АфД”, оценува таа.

Студии потврдуваат дека има поддршка за популизам

Студијата која минатата недела ја претстави Универзитетот во Лајпциг нуди едноставно, иако длабоко загрижувачко објаснување - многу германски гласачи, особено оние од истокот на земјата имаат расистички ставови. 

Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц
Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц е критикуван и за неговите чести „излети во десничарски вокабулар“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Подеднакво аларматни се и резултатите од друго истражување објавено на 29 јуни, кои покажуваат дека популистичкиот курс на АфД добива сѐ поголема поддршка меѓу населението. Студијата на Институтот за општествени истражувања „Синус” покажа дека 56 проценти од луѓето во Германија се согласуваат со популистички изјави -пред две години беа 43 проценти.

„Тоа што се забележува е дека младата, модерна средна класа која е и подобро образована, исто така покажува афинитет спрема АфД”, вели за ДВ Зилке Боргштет, директорка на институтот „Синус”. „Меѓутоа, уште не можеме да кажеме дали е тоа затоа што други партии немаат соодветна програма, или е свесна одлука”, додава таа. 

Колку популизам им е потребен на политичарите?

Канцеларот Олаф Шолц инсистира на тоа дека растот на АфД нема никаква врска со проблемите во неговата влада. 

Но, партијата која всушност се соочува со најголем предизвик се опозициските Демохристијани, ЦДУ. И покрај тоа што според анкетите ЦДУ ужива најголема поддршка меѓу гласачите, таа сепак не успева да профитира од споровите во владината коалиција. 

Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, беше присилен да се откаже од своето ветување во 2019 година дека ќе ја преполови гласачката база на АфД, а по неодамнешниот успех на АфД минатата недела, Мерц изјави дека Зелените остануваат „главен противник” на ЦДУ - иако партијата токму со нив коалицира во владите на шест од 16 сојузни покраини. 

Урсула Минх не е сигурна дали е стратешки мудро од ЦДУ да ги нападне Зелените. Воедно таа смета дека ЦДУ не треба да одбива да се занимава со стратешки специфични прашања како имиграцијата и дека „е важно партијата да се обиде политички да се натпреварува со АфД”, вели Минх за ДВ. „ЦДУ не би требало само да се повлече и да порача дека тоа е десничарска екстремистичка партија и дека не сакаат да имаат никаква врска со тоа”, порачува Минх. 

Каков да е односот кон АфД? 

Многу конзервативни политичари во Германија не се согласуваат околу тоа каков курс треба да се заземе кога е во прашање АфД. Некои избегнуваат да користат емоции во своите обраќања и наместо тоа се обидуваат да се претстават како одговорни политичари. Хуберт Ајвангер, претседател на конзервативната и делумно популистичка Партија на слободните гласачи од јужна Баварија, избира различна стратегија. Тој е баварски министер за земјоделие и шеф на помалиот коалициски партнер, на Христијанско-социјалната унија ЦСУ, a неодамна брануваше во јавноста на демонстрации против климатските промени со изјавата дека „сега е дојдено време тивкото мнозинство да ја врати демократијата во оваа покраина”. 

Хуберт Ајвангер, претседател на Партијата на слободните гласачи од Баварија
Хуберт Ајвангер (лево) претседател на Партијата на слободните гласачи од Баварија, министер за земјоделство во владата на Маркус Зедер (во средината)Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Заради таквиот наратив, многу сличен на оној на АфД, многумина побараа негова оставка. Но, Ајвангер нагласи дека неговиот говор бил одбрана на демократскиот центар. „Да ме нема мене, оваа покраина би била уште повеќе поларизирана” рече тој, истакнувајќи дека баварската АфД во анкетите добива само 10 проценти од гласовите, што е за половина помалку од националниот просек. 

Закана за демократијата?

Многу луѓе се посебно загрижени поради тоа што толку голем број германски гласачи се одлучува за АфД и покрај нејзиниот нескриен расизам. Тоа е партија која се смета за потенцијална закана за уставниот поредок во земјата,а Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, односно германската контраразузнавачка служба која е задолжена да ги следи екстремистите, поединечни делови од партијата ги класифицираше како десничарски екстремисти, а целата партија како „сомнителен случај”. 

На неодамнешната прес-конференција претседателот на Службата, Томас Халденванг, на Германците им порача два пати да размислат пред да се одлучат да гласаат за АфД.

Минх критикува дека „тоа не е работа на Службата” и додава дека „во очите на гласачите такви изјави ја делегитимираат Службата за заштита на уставниот поредок, особено во источна Германија. Луѓето таму мислат дека имаат доволно искуство со Штази и дека нема да дозволат ‘служба’ да им кажува што е исправно, а што не”.

Боргштет пак е уверена дека етаблираните германски партии уште не мора да паничат, и покрај актуелните анкети. „Постои десничарска екстремистичка база, но постои и дел од гласачкото тело кој е под силно влијание на актуелното расположение и така и реагира”, вели таа и оценува дека таквото расположение може и да се промени до сојузните избори во 2025 година.